Кон подобра заедничка иднина на регионот

DSC_9136На 5 октомври во касарната „Илинден“ во Скопје свечено беше отворено постојаното седиште на Балканските медицински наменски сили, регионална организација чии земји-членки се Република Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Словенија, а поддржувачи се Норвешка и САД

Целта на овој напис е да ја запознае јавноста со некои основни информации во врска со формирањето и активностите  на овие сили, бидејќи со активирањето на овие заеднички регионални сили се зголемуваат капацитетите во регионот, но и националните капацитети за заеднички операции во рамките на ЕУ и на ОН и надвор од регионот.
Во регионот на Балканот, покрај различните видови безбедносни закани, сè почесто се случуваат и најразлични природни катастрофи олицетворени во големите поплави, пожари, земјотреси, но и хаварии предизвикани од човечкиот фактор.  Страдањето на населението во вакви ситуации е големо и често националните капацитети не се во можност да се справат со сите последици  предизвикани од несреќата.  Елементарните непогоди и природните катастрофи се појави кои немаат граници и кога се случуваат може да бидат засегнати повеќе држави. Регионалната соработка и заедничкото дејствување со соодветни сили и капацитети е од круцијално значење за справувањето со ваквиот вид безбедносни кризи и ризици, посебно во насока на згрижување и давањето на  неопходната медицинска помош на настраданото и загрозено население. Тоа значи дека операциите за одговор на ваков вид кризи можеби се едни од најголемите предизвици за земјите од регионот, а ниту една од земјите од регионот нема доволно капацитети сама да се справува со последиците предизвикани од вакви големи и непредвидливи катастрофи. Ваквите согледувања и безбедносни процени во рамките на државите од регионот резултираа со потребата за создавање на заеднички регионални проекти и капацитети. Во таа насока,  уште пред шест години беше проценето дека е неопходно да се основа, да се обучи, да се опреми и да се сертифицира  посебна воена медицинска единица, способна да овозможи медицинско згрижување на цивилното население во погоденото подрачје од природна или друг вид катастрофа во форма на моментален воен одговор.

Во духот на „Паметната одбрана“ на НАТО
Како иницијатива Балканските медицински наменски сили (Balkan Medical Task Force – BMTF) беа претставени на Самитот на НАТО во Чикаго. Иницијативата за еден ваков регионален проект одеше во прилог на  дефинираниот концепт на НАТО за „Паметна одбрана“ (Smart Defense). Иницијативата првпат беше официјализирана во 2010 година кога Србија, Македонија, Кралството Норвешка и САД формираа  фондација за развој на овој единствен проект за формирање и развој на заеднички Балкански наменски медицински сили.
Во текот на 2011 година шест балкански земји: Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора и Словенија, со поддршка на САД и Кралството Норвешка ја основаа Групата за процена која требаше да определи ресурси во рамките на земјите од регионот кои учествуваат во проектот кои ќе одговараат и ќе бидат соодветни за формирањето на   Балканските медицински наменски сили.
Се одржуваа состаноци и работни средби на  кои се разговараа и се договараа конкретните детали и механизми за развој на овие сили. И во Република Македонија во Министерството за одбрана беа одржани вакви средби на кои се разговараше за  статусот, плановите, задачите и обврските на Балканските медицински наменски сили и земјите кои се вклучени во проектот. На средбата во Министерството за одбрана во јануари 2016 беше определено  во Скопје да биде постојаното седиште на Главниот штаб на БМНС. Притоа беше потпишана Меѓународна спогодба за Балканските медицински наменски сили, и тоа беше  еден од клучните моменти за развој на проектот, а по  ратификација на Спогодбата, проектот и официјално ќе започне да функционира.

Балкански медицински наменски сили
Иницијативата  „Balkan Medical Task Force (BMTF)“, односно „Балкански медицински наменски сили“ е проект инициран од страна на Кралството Норвешка и САД. Земји-учеснички од регинот вклучени во проектот се Македонија, Албанија, БиХ, Словенија, Србија и Црна Гора. Целта на проектот е подобрување и оспособување на националните медицински капацитети за работа во рамките на регионална мултинационална единица, засилување на регионалните воено-медицински капацитети за поддршка на цивилната заедница и оспособување на националните воено-медицински служби за изградба на стандардизирани капацитети со високо ниво на интероперабилност во регионот и со ООН, НАТО, ЕУ и Партнерството за мир.
Според својот концепт, Балканските медицински наменски сили се мултинационална модуларна медицинска единица.  Целта на овој проект е изградба на регионални медицински капацитети способни за брз одговор на широк спектар на ситуации (природни катастрофи и меѓународни операции) и оспособување на нациите за обезбедување на витални капацитети за потребите на меѓународните операции, а кои би можеле да се употребат и како дел од националната медицинска служба. Со проектот  се подобруваат и се оспособуваат националните медицински капацитети за работа во рамките на регионална мултинационална единица, со што се зајакнуваат и  регионалните военомедицински капацитети за поддршка на цивилната заедница и се оспособуваат националните военомедицински служби за изградба на стандардизирани капацитети со високо ниво на интероперабилност во регионот и со ОН/НАТО/ЕУ/ПзМ. Спогодбата за БМНС е потпишана од страна на сите земји-учеснички и е во процес на ратификација од страна на националните собранија.  Р. Македонија е првата земја која ја потпиша и ја ратификуваше Спогодбата за БМНС. Триесет дена по ратификацијата на Спогодбата,  БМНС ќе бидат формално воспоставени. По ратификацијата на меѓународната спогодба ќе се пристапи кон потпишување на овие два документи. Србија е државата која прва ја презеде командата на вкупно 86 припадници на Балканските медицински наменски сили. Командата на Балканските медицински сили е на ротирачка основа, на секои две години.

Временска рамка и организација
Врeменската рамка за оперативното оспособување на Балканските медицински наменски сили е опфатена во три фази. Првата фаза е т.н. фаза на процена, и таа започна во  2011 и заврши во 2013 г., по што следеше фазата  на изградба од  2014 до 2016 г., а првиот период на готовност ќе започне  во  2017 и ќе трае до 2019 година. Во рамките на БМНС сили се формирани посебни работни тела и тоа: Предуправен одбор, тело составено од деск-офицери на МО на земјите вклучени во БМНС и советници од партнерските земји на САД и Норвешка. Како дел од ова тело работи и правна подгрупа, која ја поддржува работата од правен аспект; предпостојана организација (п-ПО), тело составено од воени офицери, во согласност со структурата на постојаната организација на БМНС. Земјите се наоѓаат во процес на селекција на офицерите кои ќе бидат упатени на должност во Постојаната организација (ПО) на БМНС во Скопје. Процесот на пополнување на единицата со персонал и опрема е започнат во првата половина на 2016 година.
Во согласност со Концептот овие сили се оспособени за медицинска поддршка за многу кратко време на придвижување и дејствување како одговор на кризната состојба, односно за 2-3 дена би постигнале иницијална оперативна способност, а најмногу за 5 дена по катастрофата и целосна оперативна способност. Учеството на БМНС на вежбата „Пролет 2016“ која се одржa во Р. Србија, ги потврди можностите и капацитетите на проектот во согласност со Концептот на БМНС. Предвидено е учество на БМНС на меѓународната вежба „Saber Guardian 17” во октомври 2017 година, со што би ги потврдиле иницијалните оперативни способности (ИОС) на единицата. По достигнување на иницијалната оперативна способност ќе започне првиот период на готовност – употреба на БМНС во рамки на регионот.

Свечено отворање на постојаното седиште
На 5 октомври 2016  се одржи свечена церемонија по повод отворање на просториите на постојаното седиште на БМНС во Скопје, на која  учествуваа министрите за одбрана на земјите-учеснички и партнери. Постојаната организација на БМНС е лоцирано во касарната „Илинден“ во објектот на воената амбуланта. МО на Република Македонија го поддржа реновирањето на просториите со сопствени средства, и во таа насока беше реновирана и  кровната  конструкција, како и обезбедување со струја, вода и греење. САД го поддржаа реновирањето, а Норвешка опремувањето. Во оваа прилика амбасадорот на Кралството Норвешка во Република Македонија Арне Санес Бјорнстад изјави дека формирањето на овие сили кои ќе се користат за заеднички операции во рамки на ЕУ, е важен настан за иднината на регионот, а претставникот од Пентагон, полковник Кевин Хил, потенцираше дека оваа мултинационална единица ќе работи по НАТО стандардите.
Во наредниот период се разгледува  можноста за отворање на нова позиција во рамките на БМНС, која ќе има задача редовна координација и подготовка на Управниот одбор и  соработка и комуникација со министерствата за одбрана и други институции, советување на командантот на БМНС и др. Министерот за одбрана на Република Македонија по тој повод истакна дека со учеството во вакви и слични проекти, Република Македонија ја потврдува цврстата определба за постојан придонес во регионалните иницијативи и процеси и дава активен придонес во насока на унапредување и зајакнување на регионалната стабилност и безбедност. Во услови на економски предизвици, БМНС претставува проект – „паметна одбрана“ препознаен од НАТО и земјите-партнери, кој преку работата на неговите тела изнаоѓа единствени начини и механизми за изградба на заеднички капацитети кои се темелат на постоечките можности на земјите од регионот.
Проектот нуди придобивки од типот двојна добивка (cost effective-mutual benefit)  и изградбата на регионални витални военомедицински сили, во согласност со НАТО/ЕУ/ОН стандардите, наменети за реакција во услови на природни катастрофи во регионални рамки, како и можност за придонес во идни меѓународни операции.
Принципот на „отворени врати“ за прием на нови членки е прифатен од сите членки на БМНС. Поради процесот на изградба и воспоставување на БМНС, донесена е одлука, во следниот период во БМНС да не се разгледуваат евентуални побарувања за прием на нови членки, сè додека не се создадат услови за тоа.

Финансиска поддршка од партнерите
Проектот е поддржан финансиски и советодавно од земјите-партнери на БМНС – САД и Норвешка. Седиштето на Главниот штаб (ГШ) на БМНС (постојаната организација на БМНС) во касарната „Илинден“ е поддржано од земјите-партнери со реновирање на просториите од страна на САД (околу 100.000 евра) и опремување на канцеларискиот простор од страна на Норвешка (околу 60.000 евра). МО на РМ го поддржува проектот со обезбедување на бесплатен простор за сместување на Главниот штаб, реновирање на кровната констркција на објектот и покривање на трошоците за непречено формирање на Главниот штаб на БМНС (вода, струја, греење и сл.). Состаноците на работните тела на БМНС во изминатите 6 години се финансирани од Норвешкото МО. САД го поддржуваат учеството на вежбите (досега – „Immediate Response” во Словенија, „Spring 15“ и „Summer 16“ во Србија). Главниот штаб на БМНС е предвидено од 2017 г. да функционира врз основа на заеднички буџет од земјите-членки. Обуките на персоналот ќе бидат поддржани од САД и од Норвешка. МО на РМ во ГШ на БМНС ќе има еден офицер на постојана должност С-6 (комуникации и врски). При активирање на единицата РМ има декларирано три тимови и раководител во Координативниот центар за евакуација на пациенти (PECC – Patient Evacuation Coordination Center), четири персонални компјутери и радиоуред „РФ 5800“  и персонал за лабораторија, со вкупно 10 лица.

Кон подобра заедничка иднина на Регионот
Постоењето на Балканските медицински наменски сили во регионот на Западен Балкан ќе ги оспособи вооружените  сили на државите од Регионот да го обезбедат потребното Ниво 2 на медицински капацитети кои не се во можност самостојно да ги обезбедат. Исто така, овие држави со тоа ќе ги достигнат партнерските цели, не само преку интероперабилност, туку и преку оперативните способности. Заедничките БМНС ќе придонесат за оспособување на армиските сили на земјите од Регионот да ја исполнат во целост една од нивните најважни мисии, а тоа е помош и поддршка на цивилните авторитети во случај на природни несреќи или несреќи предизвикани од човечкиот фактор. Притоа, цивилниот сектор во секоја држава ќе ја препознае вистинската помош и придобивките кои доаѓаат од воената компонента на државата, а со тоа уште повеќе ќе се подобри угледот и имиџот на армиските единици на земјите во Регионот. Со тоа Балканските медицински наменски сили испраќаат една силна порака: Регионот на Западен Балкан е подготвен да оди чекор напред – преку регионалната соработка за подобра иднина.

д-р Жанет Ристоска

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail