Касарната во Велес го носи неговото име Алексо Демниевски – Бауман

Алексо Демниевски Бауман  е револуционер и синдикален активист, учесник во Шпанската граѓанска војна 1936-1939 г., која се водела помеѓу шпанската демократска републиканска влада и фашистичките десно ориентирани елементи на чело со Франциско Франко. Во оваа војна всушност се бранела светската демократија и слобода .Помеѓу доброволците од 55 земји, кои учествувале во одбрана на Шпанија, во славните интернационални бригади учествувале и 137 Македонци, меѓу кои и  Алексо Демниевски-Бауман. Алексо Демниевски Бауман бил и учесник во  НОВ од 1 јануари 1945 г. политички комесар и командант на 15. македонски корпус.

Касарната на АРМ во Велес го носи неговото име „Алексо Демниевски-Бауман“. Во негова чест поставени се две спомен бисти, дело на велешкиот скулптор Павле Илиев,едната во новиот дел на Велес кај ОУ „Васил Главинов“,а втората во дворот на касарната која го носи неговото име. Во негова чест секој септември букети свежо цвеќе положуваат борците, претставници на АРМ од велешкиот гарнизон, претставници на Општина Велес, ученици и граѓани на Велес.

Алексо Демниевски бил роден на 10 септември 1905 година во Велес, а починал на 5 септември 1961 година во Белград. Заради тешката економска состојба, тој по завршувањето на четврт клас гимназија го напуштил  школувањето и работел како чевларски работник. Во 1924 година станал член на работничката младина, а од 1926  година  бил член на КПЈ.Станал член и на Синдикалниот совет и секретар на Секцијата на кожарските работници. Во втората половина на 1928 година бил испратен во СССР  каде што се запишал на Школата за националните малцинства на Западот. Во 1932  година ја завршил школата, а во 1934-1935  година поминал и одредена обука во Црвената армија. Во септември 1936 година, по одлука на КПЈ, заминал за Југославија каде требал да го преземе раководењето со Покраинскиот комитет за Македонија. Но, во Виена  по 20-тина денови чекање, му било соопштено дека каналот за префрлање во Југославија бил провален по што, наместо за Македонија, Алексо Демниевски решил да замине за Шпанија.

Во Шпанија  пристигнал во октомври 1936 година и бил упатен  на фронтот во Кордоба.  По формирањето на Балканската чета во составот на 14. интернационална бригада, Бауман бил назначен за политички секретар и бил упатен на фронтот кај Гвадалхара. Во мај 1937 година  се формирал баталјонот „Ѓуро Ѓаковиќ“, а Демниевски бил назначен за негов командант. По завршувањето на тешките воени операции кај Сарагоса, во септември 1937 година Демниевски добил чин мајор и станал командант на групацијата на 45. дивизија, од која подоцна се формирала 129-та балканско-чешка интернационална бригада „Георги Димитров“, чиј командант бил Алексо  Демниевски. Додека бил  во Шпанија, во Македонија како резултат на честите провали е обезглавена била Комунистичката партија. Јосип Броз Тито правел напори Алексо Демниевски да се врати во Македонија и да застане на чело на македонското комунистичко движење. Сепак до тоа не дошло и Демниевски останал во Шпанија. Во август 1938 година бил  ранет во борбите на Арагонскиот фронт и му била ампутирана ногата. Бил префрлен  во Париз  од каде во април 1939 година бил  префрлен на лекување во СССР. По враќањето од лекување во 1941 година извршувал  разни воени и политички должности во Москва. Но, неговото здравје повторно се нарушило и бил испратен на лекување во Памир во Киргистан.  На 15 јуни 1944 година во Москва се формирал наставен центар, а за негов комесар бил поставен Алексо Демниевски. На оваа должност останал до крајот на 1944 година, кога се вратил во Југославија. На 1 јануари 1945  година Алексо Демниевски-Бауман бил  поставен за политички комесар и командант на 15. македонски корпус. Учествувал во борбите на Сремскиот фронт. Неговиот корпус на 13 април 1945 година учествува во ослободувањето на Винковци, Славонска Пожега,Славонски Брод, Загреб и Целје. По ослободувањето на земјата вршел воени функции и станал генерал-потполковник на ЈНА.

 Алексо Демниевски-Бауман,за време на воените судири во Шпанија,често пати знаел да каже дека таму се борел затоа што шпанската граѓанска војна ја поистоветувал со македонската. За одбележување бил фактот дека тој бил еден од иницијаторите македонските доброволци во 1937 година на самите борбени линии на шпанскиот фронт свечено да го прослават големиот македонски празник Илинден, со пеење на револуционерни песни и маршеви, меѓу кои и маршот „Ние сме Македонци“. Таму,во првите борбени редови Алексо Демниевски-Бауман и другите македонски доброволци храбро се бореле под знамето на Илинден и на Крушевската Република и го повикувал македонскиот народ за борба против заедничкиот непријател. Затоа Македонците предводени и охрабрувани од командантот Алексо Демниевски-Бауман,земале активно учество скоро во сите главни фронтови во Валенсија, Арагон, Мадрид, Каталонија, Харама, Кордоба, Брунето и други места во Шпанија. Ценејќи го овој дотогаш невиден хероизам и зачудувачка храброст на македонските борци,а со цел да им се оддаде признание и почит на овие македонски и интернационални борци во Шпанската граѓанска војна,било одлучено во сите тогашни интернационални гласила што се печателе и се дистрибуирале на целата територија на Шпанија и пошироко во Европа,македонскиот јазик да биде воведен и застапен како рамноправен со сите светски јазици. Со тоа македонскиот јазик добил меѓународна сатисфакција како посебен јазик, што претставувало огромно задоволство кај македонските доброволци-учесници во Шпанската граѓанска војна. За тоа најголема била заслугата токму на Алексо Демниевски-Бауман. Сите шпански доброволци од Македонија, подоцна како борци и команданти во Народноослободителната и антифашистичка борба, се бореле и се избориле Македонија да ја ослободат и да формираат Асномска Република Македонија.

Антоанела Димитриевска

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail