КАРПОШ – „КРАЛ“ НА КУМАНОВО

МАКЕДОНСКИ ВОЈСКОВОДЦИ И КОМАНДАНТИ

7183065-The_look_out_point_on_the_bridge_SkopjeКАРПОШ БИЛ ВОЈВОДА, МАРТОЛОЗБАШИЈА, АЈДУТСКИ АРАМБАША, ВОДАЧ НА НАРОДНОТО АНТИОСМАНЛИСКО ВОСТАНИЕ ВО СЕВЕРОИСТОЧНА МАКЕДОНИЈА И „КРАЛ“ НА КУМАНОВО

По  задушувањето на востанието на Скендер-бег, настапил период на засилени самоволија и на анархија на одметнатите феудалци, а големите даноци и корумпираноста на локалните османлиски власти предизвикувале незадоволство и револт кај месното, пред сè, кај македонското население. Разни биле облиците на отпор, како што се: продолжување на ајдутската борба, потоа следувале буни и востанија, од кои во периодот на 16-17 век, покрај другите, најпознати биле: Прилепско-мариовската буна (1564-1565) и Карпошовото востание (1689 г.).
Турците-османлии по неуспешната опсада на Виена во 1683 г., биле одбиени од западноевропските држави здружени во сојузот на т.н. „Света лига“. Османлиската империја за првпат во својата историја била принудена да им направи големи територијални отстапки. По ова, австриската војска, под водство на маркгроф Лудвиг Баденски извршила длабок пробив кон југот на Балканот, на-предувајќи постепено и систематски, при што на 6.9.1688 г. го презела Белград, а на 24.9.1689 г. и Ниш. Од Ниш австриската војска ги продолжила своите операции во два правци. Едниот дел, предводен лично од маркгрогофот Баденски, се упатил кон север, со цел да го освои крајдунавскиот град Видин. Другиот дел, на чие чело бил поставен генерал-полковникот гроф Јохан Норберт Пиколомини, добил задача, пробивајќи се преку Косово и Македонија, да избие на Јадранско Море.
Воените успеси на „Светата лига“ ги разбудиле надежите на потчинетите балкански народи, дека најпосле чукнал часот на нивната слобода. Австрискиот дворец и австриската воена команда вешто го исползувале народното расположение, упатувајќи им постојани повици на христијаните од Балканот да се кренат на оружје и да се прикпучат кон регуларните австриски единици, за да се истера „иноверниот“ освојувач од балканската почва. Соработката и поткрепата од балканските народи им станале неодложно потребни, откако во февруари 1689 г. биле принудени да започнат борба на уште еден фронт, против Франција. И колку што Австријците навлегувале подлабоко на југ, толку помасовно станувало учеството на балканските народи во борбата против разбиената и деморализрана османлиска војска и разнишаната локална власт. Во меѓувреме, генерал-полковникот гроф Пиколомини, со околу 9000 пешаци и коњаници од Ниш преку Прокупље се упатил кон Косово,  по што без борба кон средината на октомври влегол во Приштина. Таму бил пречекан од неколку илјадно месно население, кое било подготвено да соработува во натамошните акции против заедничкиот непријател.
Османлиската империја, за да ги задоволи зголемните воени потреби, од тукашното месно население во 1689 г.  започнала да собира вонреден воен данок т.н. „нефиријам бедели“ во износ од 50 акчи по човек. Австро-османлиската војна и тешкото воено време донело значително поскапување на сите стоки на пазарот. Посебно нарушување во стопанскиот живот предизвикало пуштањето во промет во 1688 г. на новата бакарна монета, т.н. мангр, како и настојувањето на државата неговата вредност да ја изедначи со сребреното акче.
Во ова тешко време „рајата“ страдала и од „зулумите“ на османлиските воени дезертери и одметници од централната власт, коишто во помали или поголеми групи упаѓале во внатрешноста на земјата. Така, во реонот па Радовиш се појавил некојси Топал Алија, кој вршел разни самоволија и толку се засилил што месната власт не можела успешно да му се спротивстави. Во тој однос посебно се истакнал и злогласниот Јеген-паша, поранешниот румелиски беглер-бег, управник на една од најголемите административни управни единици.
Во ова време во Македонија животот станал речиси неподнослив и народот бил подготвен на пружање отпор. За ова требало и соодветен водач. Од минатото било познато дека предводници на речиси сите поголеми буни и востанија бил командниот кадар кој главно бил регрутиран од редовите на поистакнатите ајдути или мартолози или, пак, воени лица кои биле школувани во соодветни воени училишта кои знаеле и умееле да го поведат народот во борба. Таква една воинствена личност бил војводата Карпош. Тој, пред австро-турска војна, како старешина на голема ајдутска дружина дејствувал на планината Доспат, на Родопите во Бугарија, а потоа својата активност ја пренасочил во: Нишката, Лесковачката, Врањската, Брезничката и Пиротската каза.
Во моменталната ситуација, османлиската власт не била во состојба  овој прочуен ајдутски водач да го ликвидира, но била свесна за авторитетот и моќта на Карпош. Така неговото дејствување на територијата на која австриското присуство со секој изминат ден станувало сè повидливо и можело уште повеќе да ги ослабне и да ги загрози османлиските позиции. Централната османлиска власт не гледала некое поефикасно решение освен да му се додвори на Карпош преку давање на бенефиции и придобивање на  своја страна. Кон крајот на септември и почетокот на октомври, кога Австријците го презеле Ниш,  османслиската власт издала заповед со која Карпош го амнестирала, а веднаш потоа и го назначила за старешина на мартолозите во казите Ќустендил, Сиршник и Радомир и за главен командант на мартолоските старешини во Штипска, Радовишка, Велешка, Дојранска, Серска, Демирхисарска, Разлошка, Петричка и Мелничка каза.
Постојат малку изворни податоци за ликот на Карпош, но затоа има неколку легени кои кружат кај народот од Кумановско-криволаланечкиот крај. Според една од легендите, Карпош потекнувал од сиромашна фамилија на некојси воденичар од селото Војник , кое  се наоѓа веднаш до патот Куманово – Крива Паланка ( во тоа време именувана како Бајрам-пашина Паланка или Криворечка Паланка). Според одредени податоци од легендите, името го добил поради својата корпулентност, што асоцирала на грамада, карпа, па оттука потекнувало и името Карпош. Барајќи животна егзистенција, Карпош стапил на работа во кратовските рудници. Работејќи како рудар, кога разбрал дека Германците напредуваат кон Македонија, тој веднаш ги собрал и ги разбунтувал селаните што работеле во рудникот. На востаниците им се придружиле и рударите од кратовскиот рударски басен од германско потекло (Саси), кои биле од католичка верска припадност.  Тие зеле учество и биле технички посвесниот елемент во востанието
Ова Карпошово антиосманлиско востание во североисточна Македонија го добило името по водачот Карпош. Избувнало во октомври 1689 г. кога австриските војски напредувале на Балканскиот Полуостров. Востаниците успеале да создадат слободна територија во североисточна Македонија, со главно упориште во градовите: Крива Паланка, Кратово, Куманово, Скопје. На чело на востанието застанал искусниот и прославен ајдутски арамбаша, војводата Карпош.
Првото најистурено упориште на слободната востаничка територија станал градот Бајрампашина (Крива) Паланка, кој во тоа време бил солидно османлиско утврдување изградено во 1633/34г. Таму при заземањето на тврдината, востани-ците заробиле шест топови, кои потоа биле искористени за одбрана против ос-манлиите и нивните сојузници. Заради одбрана на Кривопаланачката тврдина од евентуален османлиски напад од источна страна востаниците изаградиле широки и длабоки ровови и подигнале цврсти дрвени плетени огради. Друго, не помалку значајно упориште на востаниците било тогаш малото гратче ( во тоа времер мала касаба) Куманово. Во близината на Куманово востаниците изградиле едно сосема ново утврдување, по што тоа, заради стратешката локација, станало  нов центар на востаничката територија. Ценејќи ги воените успеси, според месното народно предание, востаниците, а особено месното население, му го дале на Карпош називот „крал“ на Куманово. Според преданието и некои извори, титулата  ја потврдил австрискиот цар Леополд I (1657-1705), праќајќи му притоа кожен калпак. За ова постои извесно мислење според кое Карпош испратил во Виена востаничка делегација составена од истакнати личности:  Марко Крајда и Петар Комнадски, по која царот Леополд му испратил на Карпош кнежевска шапка-калпак и бил произведен во чин генерал, а за завладеаната територија на Карпош му бил издаден и соодветен царски патент-документ.
Власта на Карпошовите востаници се протегала од Крива Паланка кон рударскиот центар Кратово, Куманово, сè до просторот на Скопје и Качаник. Ова особено важи по пробивот на австриската војска во тој дел од Македонија
Така, на 22 октомври, кога веќе Карпошовото востание завладеало со поголема слободна територија, генерал-полковникот грофот Пиколомини се упатил од Приштина кон Качаник, со намера да се пробие кон Скопје, па дури и до Солун. Качаничката тврдина Австријците ја нашле празна, а во клисурата срет-нале и разбиле околу 300 османлиски војници. Веќе на 25 октомври тие навлегле во Скопското Поле, каде што со радост ги пречекало месното население од околните села. Истиот ден влегле во градот Скопје, кој бил полн со резерви од продукти за исхрана и трговски стоки, но градот бил напуштен од неговото население и османлиската војска. Неколку денови потоа, заради појава на болеста колера, генерал-полковникот грофот Пиколомини наредил да го запалат Скопје, а потоа со војската го напуштил градот и се повлекол кон Призрен..
По повлекувањето од Скопје, Ав­стријците извршиле уште неколку воени навлегувања на македонската територија. Таков еден пробив извршил херцогот Георг Кристијан фон Холштајн, кој ја презел командата над австрискиот корпус од заразениот со чума грофот Пиколомини, кој умрел на 9.11.1689 г. во Призрен. Дознавајќи дека во Штип е концентрирана шестилјадна турска војска, херцогот фон Холштајн, решил со ненадеен напад да ја разбие и да ја истера од градот. Тргнувајќи од Врање и потоа од логорот кај кумановското село Оризари, австриските одреди стасале пред Штип каде во зори на 10.11.1689 г. дошло до најжестокиот и најголем судир меѓу австриските и османлиските војски на територијата на Македонија. Османлиите биле наполно разбиени и се повлекле, откако зад себе оставиле околу 2.000 загинати. Австријците го запалиле Штип, а потоа се вратиле назад, носејќи со себе богат плен од неколку илјади грла добиток и други материјални добра. На враќање тие разбиле уште неколку османлиски одреди кои се наоѓале овде-онде во некои попатни села.
Кога, како и во колкава мера имало соработка на Карпошовите востаници со Австријците за време на овие операции на македонската територија, според постоечките историски документи не е можно сигурно да се документира. Но, познато е дека Австријците обилно го ползувале антиосманлиското расположение на месното население на целиот свој борбен пат низ балканските земји, и токму затоа силата и успесите на македонските востаници југозападно од Ниш можеле да одиграат значајна улога како стража и брана од можните ненадејни напади на непријателот. Од друга страна, на востаниците им било од пресудно значење да имаат ефикасна воена, материјална и морална поткрепа на една моќна регуларна армија, како и сигурен грб што би им овозможил послободно маневрирање во борбите.
Но, веќе во средината на ноември османлиските војски предводени од сераскерот Коџа Махмуд-паша и ханот на кримските татари Селим Гирај, презеле решавачки напад против австриските војски и против востаниците на Карпош. Во деновите меѓу 24 и 28 ноември надмоќните војски на ханот Селим Гирај ја зазеле Крива Паланка без поголем судир со востаниците, кои ја напуштиле и ја запалиле населбата. Потоа кај новоизграденото утврдување пред Куманово низ жестока битка, ги поразиле востаниците и дури успеале да го заробат и командантот, војводата Карпош. Понатаму во Скопје влегле без борба, бидејќи таму немало австриска војска, а востаниците од градот, кога слушнале за поразот кај Куманово и за заробувањето на Карпош, се повлекле. Следувале уште неколку жестоки битки околу Скопје. Тука за крвавите борби помеѓу османлиско-татарските и автријските војски зборуваат неколкуте турбиња каде биле погребани татарските војсководци, од кои денес сè уште постои  само турбето „Алти Ајак“. Тие загинале во борбите кои се воделе по нивите, возвишенијата во и околу населбата Топаана, Римскиот водовод и околните села: Злокуќани, Бардовци и Визбегово. Тука автсриската војска била разбиена и присилена на повлекување. Кримските Татари потоа продолжиле кон Тетово, Велес и Мариово, гонејќи ги востаниците.
Во меѓувреме, прочуениот восководец, војводата Карпош, кралот од Куманово, во Скопје кај Камениот мост и тогашниот стар чинар како последен жив сведок,трагично бил убиен. Со овој чин бил ставен крај на Карпошовото востание.
По задушувањето на Карпошовото востание и поразот на австриските војски кај Качаник во почетокот на 1690 г., многу од населението од Северна Македонија, заедно со она од Косово и од Јужна Србија, предводени од патријархот, Арсение Трети мигрирале на свевер и се населиле во Австрија. Од таму, некои од македонските бегалци заради неподносливите животни услови подоцна ќе заминат дури на територијата на тогашната царска Русија, каде во составот на регуларната руска армија, ќе формираат свои војнички колонии и засебна воена единица наречена Македонски полк.
Трагичниот крај на Карпош ги оневозможил изгледите за скорешно ослободување на македонскиот народ. Меѓутоа, томакедонскиот народ и натаму не се помирувал со судбината, туку ја продолжи својата вековна борба против феудалната експлоатација и туѓинската власт. Самиот факт дека Карпош сè уште е симбол на народната борба за слобода, укажува на тоа дека тој бил значајна личност, зашто успеал и најобичното ајдучко движење да го претвори во едно масовно народно востание против турскиот општествен и политички поредок во 17 век.
Неговата смелост и неустрашивата храброст да крене сеопшто народно во-стание и со своите скромни сили да  се спротивстави на мошне моќната осман-лиска сила, говори за големината на овој народен трибун. Неговиот пораз и кр-ваво задушеното Карпошово востание нималку не го намалува неговото значење и големина. Неговите военостратегиски командантски способности се покажале уште во периодот на неговото ајдукување. Тоа му го признале и самите османлиски највисоки раководители, доверувајќи му ја должноста на мартолозбашија и старешина над мартолозбашиите на една мошне голема територија, што докажува дека Карпош бил ценет и уживал голем утлед кај османлиите.
Способностите на Карпош особено се истакнуваат во периодот на создавањето на слободната територија, кога тој решително ги напушта методите на ајдучкото и герилското војување; го огласил почетокот на народното востание, со за­земање на кратовските рудници, ја зазел Крива Паланка, потоа го нападнал и го зазел Куманово, создавајќи со тоа солидна база за востаничкото движење од каде што настојувал да ја прошири слободната територија со заземање на Качаничката Клисура и со подготовките за освојување на Ќустендил и други градови. Сето тоа покажува колку Карпош имал развиена смисла за стратегија и за модерно војување за таа епоха.
Што се однесува до неговото повле­ку­вање од Крива Паланка, би можело да се протолкува дека Карпош поради зимскиот период не сметал на нападот на османлиската војска. Недоволно подготвен за посилна одбрана од налетот на татарските копјаници и стрелци, здружени со главнината на османлиската војска, Карпош решил да се повлече. Дури ни грофот Баденски не сметал на напад од Татарите, како што тоа може да се види од неговиот извештај од 27.11.1689 година. Потиснат од Крива Паланка, тој свесно ја пропуштил можноста да се спаси себеси и своите најблиски со бегството или со преминување на австриска територија. Како вистински народен водач, во решителниот момент, тој ја поврзал својата судбина со судбината на својот народ, и се впуштил во нерамна јуначка борба на отворено поле пред Куманово.
Иако Карпошовото востание било задушено во крв, восководецот Карпош сепак се издигнал и станал историска легенда како светол претходник и претцтавувал поттик за подоцнежните ослободителни борби. Неговото име е вистински израз на слободарските стремежи на македонскиот народ, а Карпош и неговото востание ќе останат врежани во сеќавањето на идните генерации, иако забот на времето избриша многу детали од тој светол миг на нашето подалечно минато.
Неколку векови подоцна, под името на легендарниот Карпош, во текот на Народноослободителната и антифашистичка борба (НОАВМ) 1941-1945 г. на теренот на североисточна Македонија, повторно дејствува одредот на народниот херој Христијан Тодоровски-Карпош. Прославениот партизански командант се инспирирал токму од неговото име и под истото име стекнал бесмртност како народен херој и легендарен козјачки командант на Кумановскиот народоноослободителен партизански одред.
проф.д-р Марјан Димитриевски
генерал Борис Стојановски

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail