И војници и професионални медицинари

_MG_8766Одбележан Денот на Военомедицинскиот центар

Досега многупати имаме пишувано за Военомедицинскиот центар, репортажи, интервјуа со негови поранешни и сегашниот команданти, ги имаме коментирано и на нашите страници на секоја вежба која се случува на најголемиот наш полигон „Криволак“, кога вешто презентираат и симулираат во реномираната полска болница „ROLL2“.
За нив и нивните активности , лично отидов дури во Словенија каде во септември беа учесници на меѓународната воена вежба „ IMMEDIATE RESPONSE“. Таму се уверив во нивните меѓународни способности а успесите од ангажманот ги опишав во една убава репортажа, токму од таму, Церкље, Словенија.
Дека паметат кој ги следи во чекор ме разубедија на 21 декември, кога го прославија Денот на својата единица.
Знаев дека Денот ќе го организираат максимално протоколарно, но со оглед на тоа дека навистина беше ладно пред платото во дворот на БрЛП,  рационално и временски ја позиционираа манифестацијата .
Командантот на Военомедицинскиот центар, потполковник Ирена Минева, во својот краток и содржински говор ги пофали сите вработени и поентираше со метафората, дека шоуто мора да продолжи и дека во него главните актери се тие  кои ја носат одговорноста за здравјето на цела АРМ, медицинските лица од Военомедицинскиот центар.
Честитки за Денот и пофалби за единицата им стигнаа од повеќе адреси и од најнадлежните авторитети од Генералштабот и Министерството за одбрана на Р. Македонија.
Бидејќи беше сенка во делот за свечености, присутните беа однесени на топло за да можат покомфорно да поразговараат.
Одлично подготвените домаќини нè пречекаа  во зградата на ВМЦ и навистина беа галантни. Убавите пријателства со поголем дел од нивните вработени, беа голем повод малку да го проширам моето присуство таму. Фино поразговаравме за многу моменти, а тие истовремено изразија голема благодарност до редакцијата на „Штит“ за навистина коректната соработка.
За репортажата од Словенија бевме посебно пофалени. 14-дневниот престој во шаторите покрај Крка добро им дошол, особено што таа епизода од нивните животи е документирана на начин за кој едногласно потврдија дека им оставил впечаток.
На крајот ми побараа уште броеви од магазинот „Штит“ во кој се главни ѕвезди.
Јас потоа си заминав, а тие останаа заслужено да си го одбележат Денот на единицата.

Митко Василевски

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail