ИСТОРИЈА НА РАЧНОТО ОГНЕНО ОРУЖЈЕ – МОДЕРНИЗАЦИЈА НА РЕВОЛВЕРОТ

Кон крајот на 19 век се разработени и применети многу механички изуми кои и ден-денес се сметаат за модерни кај револверот, како што е на пример монолитен рам, разни системи за заштита на удирачот (орозот), челична плочка која се поставува помеѓу удирачот и одвоената ударна игла, буренце кое се исфрла на страна од приспособувачките нишани. Развојот е довршен со премин на нитроцелулозен барут во 1888 година. Конструктивно гледано, денешниот револвер имал готов облик кон крајот на 19 век.Конструктивниот напредок е постигнат со употреба на спирални пружини наместо лиснати. Револверот постигнал вистински напредок со употреба на поотпорни и не’рѓосувачки челици кои истовремено овозможуваат употреба на појака муниција. Со овие новини револверот станува побезбедно и посигурно дефанзивно оружје. Побарувачката станува сè поголема и во полицијата и во некои воени формации.
Обуката за аматерите е едноставна, а и изработката е поедноставна за разлика од автоматските пиштоли, така што е и поевтина. Земји кои не произведувале револвери или веднаш почнале со производство на автоматски пиштоли почнуваат со сериско производство, такви се на пример Германија, Франција и др.
Според досегашниот развој, а тој се заснова на употреба од не’рѓосувачки челик и подобра изработка на деловите, иднината на револверот е ограничена во сè, освен на различните видови муниција. Муниција за револвери има многу повеќе отколку за пиштоли и постојано се развива. Причина за ова е тоа што револверот не е осетлив на мали барутни полнења, има поголема флексибилност на изработката на рамот (во повеќе случаи еден рам може да поднесе неколку различни калибри) и има можност за примена на различна муниција, сачми, комбинирани куршуми, куршуми од повеќе делови итн. Откога е настанат куршумот „357 магнум“ во 1935 година, силата постојано се зголемувала, така што од револвер со посилна муниција – поголем калибар, може да се пука со послаб или со ист пречник на зрното и на чаурата, но никако обратно, со револвер од послаб калибар да се пука со појака муниција Поради тоа, а и поради прецизноста на револверите, се ставаат приспособливи нишани, а држачите за посилните револвери се прават од дрво. Се прават и револвери со променливи цевки, но секое менување цевка бара и ново приспособување на нишаните.

ОПШТИ КАРАКТЕРИСТИКИ
НА РЕВОЛВЕРОТ
Буренцето во кое се ставаат најчесто шест куршуми е тоа што го прави револверот поразличен од другите видови оружја. Буренцето на задната страна има околу оската шест жлебови во кои влегува „рака“ за вртење која е споена со чкрапалото.
При затегнување на чкрапалото, „раката“ влегува во жлебот на буренцето и го врти за онолку колку што е потребно за следната комора да се израмни со цевката. За да биде израмнувањето што попрецизно, на буренцето има жлебови во кои влегува бравата на буренцето, сместена во внатрешната страна на рамот над чкрапалото. Цевката на револверот секогаш има поголем конус (влезен дел на куршумот), бидејќи зрното поминува одредено растојание низ комората на буренцето пред да влезе во жлебовите на цевката. Цевката и буренцето мора да бидат одвоени за буренцето да може да се врти. Кај поквалитетните и попрецизно направени револвери, тоа растојание помеѓу цевката и буренцето е помало.
Поретко, удирачот (орозот) на револверот е отворен и може да се затегне со палец, па така пукањето е одвоено, што претставува предност ако удирачот секојпат се затегнува.
Повеќето модерни револвери се со двократно дејство, со повлекување на чкрапалото истовремено се затегнува повлекувачот вртејќи го буренцето, се активира куршумот кога удираот ќе дојде до крајната точка и паѓа назад под дејство на ударниот федер. Повеќето модерни револвери се така направени што удирачот е блокиран во долниот дел ако буренцето е извадено настрана и обратно, буренцето да не може да се извади настрана и ако удирачот е затегнат.
Во однос на полнењето и празнењето на револверот има повеќе решенија. Постарите модели на револвери се полнат со отворање на вратата на буренцето која се наоѓа на десната страна која се отвора нагоре или надоле. Од овој тип на врати најдобар е белгискиот систем „Абади“, бидејќи со отворањето на вратата се блокира удирачот, а буренцето се врти со притискање на чкрапалото без опасност да дојде до активирање на куршумите. Празните чаури при вакви системи се исфрлаат со помош на избивач кој најчесто е фиксиран паралелно со цевката со повратен федер кај моделите „Колт САА“, или е на оската на буренцето кај моделите „Наган“ и „Булдог“. Има модели кај кои избивачот на куршуми е сместен во оската на буренцето и модели кај кои самата оска на буренцето е избивач.
На пример, кај „Смит“ и „Весон“, модел бр.1, цевката се прекршува нагоре и се празни со избивач кој е прицврстен под цевката. Кај револверите на кои цевката се прекршува надоле – систем „Доџ“, имаат ѕвездест избивач кој е сместен во оската на буренцето и под дејство на федер кој се активира со прекршувањето на цевката и ги исфрла чаурите надвор, а потоа се враќа назад. Застарени модели на револвери се оние кај кои цевката и буренцето заедно одат напред, а чаурите остануваат на место. Кај модерните револвери буренцето се исфрла настрана и имаат ѕвездест избивач кој се активира со притискање со прстот на оската. Кај овие модели буренцето се исфрла настрана, со рака, но пред тоа треба да се стисне копче на левата страна на рамот, кон напред кај „Смит“ и „Весон“ или наназад кај „Колт“, „Ругер“ и др. Има и такви модели од помодерните, но поевтини, кај кои буренцето се исфрла на страна со повлекување на оската на избивачот нанапред, која се наоѓа под цевката.

ПОЛНЕЊЕ НА РЕВОЛВЕРОТ
Полнењето на револверите отсекогаш била посложена и временски подолга работа во споредба со пиштолите кај кои само треба да се вметне рамката со куршуми.
Вешт стрелец може да полни револвер со по два куршума одеднаш, но за ова треба големо искуство. Поради тоа измислени се повеќе начини за брзо полнење, полначи во кои се сместени шест куршуми со ист распоред како во буренцето кои се ставаат сите заедно и со притискање на копче се ослободуваат во буренцето. Друго решение е пластична лента на која се сместени шест куршуми и се ставаат два по два. Кај револверите кои користат пиштолска муниција се користат таканаречени полумесечини кои се направени од тенок челичен лим и имаат по три жлебови за куршумите што го олеснува полнењето. Губењето на барутните гасови низ минималниот простор помеѓу буренцето и цевката се сметало за проблем, па затоа имало и неколку проби за тоа да се избегне. Најпознат е системот „Наган и Пепер“. Нивните куршуми имале подолги чаури од вообичаените од кои зрното на куршумот не се гледа надвор, туку е ставено внатре во самата чаура. Друга проба со активирање на куршумот е пред да падне чкрапалото на куршумот, буренцето се поместува нанапред така што врвот од чаурата влегува во цевката. При овој случај не се губат барутните гасови. Овој таканаречен проблем на губење на барутни гасови е сведен на минимум со употреба на нитроцелулозниот барут кој гори трипати побрзо од црниот, така што губењето на барутните гасови е сведено на минимум. Целиот процес на палење на барутот трае многу кратко, така што незначително е губењето на барутните гасови. Револверите „Наган“ сè до денес останаа најбарани кај терористите, бидејќи со употреба на придушувач се едни од најтивките револвери.

ГАСЕР, МОДЕЛ „1870“ –
АРМИСКИ РЕВОЛВЕР
Калибарот 11 мм е со капацитет од 6 куршуми и со исфрлање на чаурите со избивач од страна, слично како класичниот „Колт 45 САА“. Механизмот му е со двократно дејство, цевката е со должина од 248 мм, а има примероци со цевка од 130 и 180 мм. Тежината со долга цевка му е 1,5 кг.
Овај револвер бил многу популарен и се произведувал во повеќе земји, но најголем број примероци се направени во Австрија и во Белгија. Од овој револвер постојат две изведби на моделот, и тоа моделот „1870“ и моделот „1870/74“. Разликата е во калибарот на муницијата. Моделот 1870 има калибар 11,3 мм, а моделот „1870/74“ 11,5 мм и минимално стеснета цевка. И двете чаури се со должина од 32 мм, а брзината на зрното на устата на цевката изнесува околу 230 м/с. Телото на револверот кај првите примероци било од лиено железо, а подоцна од челик. Со текот на времето имало и многу измени во изработката на надворешниот изглед како засеци на буренцето, гравури и сл. Сите револвери од оваа марка се со двократно дејство и со повлекување на чкрапалото истовремено се затегнува удирачот и се врти буренцето.
Од основниот модел „1870“ произлегуваат и други, како на пример, моделот „1870“, пешадиски револвер „Гасе Кропачек“, кој се разликува по калибарот од 9мм, со вкупна должина од 235мм и тежина од 770 гр.
Гасер, модел „1873“ е воен револвер каде рамот е единствен и направен од челик, што претставува чекор напред во безбедноста. Буренцето е со 5 куршуми, должина на цевката е 127 мм, а вкупната должина му е 242 мм, а избивачот на чаурите е зашрафен во оската на буренцето.
Гасер, модел „1880“, е црногорски воен револвер со калибар 11,3 мм со пет куршуми. Цевката се прекршува надоле и истовремено се исфрлаат сите чаури. За тоа време е еден од најбезбедните револвери. Името „црногорски гасер“ го добил бидејќи тогашниот кнез Никола Петровиќ нарачал голем број примероци.
Гасер, жандармерискиот револвер е со калибар 9 мм, должина на цевката е 84 мм и вкупна должина од 187 мм. Рамот му е од челик и е од еден дел, цевката е шестоаголна и е без избивач на чаури, што е невообичаено за оваа марка.
Полицискиот револвер „Гасер“ е со калибар 9 мм, има должина на цевката 112 мм, вкупна должина 225 мм, рамот му е од еден дел, чаурите ги исфрла од страна со повратен федер.
„Раст Гасер“, воениот револвер, модел „1898“, калибар 8мм, има куршуми со бездимен барут, капацитет од 8 куршуми, должина на цевката 114 мм, вкупна должина 225 мм и тежина од 850 грама. Во Првата светска војна ова оружје било службено оружје на австроунгарската армија, па затоа има многу останато од ова оружје на овие простори. Револверот е лесен е за ракување, ударната игла не е на удирачот, туку е на телото. Исфрлањето на чаурите е од страна, без повратен федер. Овој револвер е без шрафови и е лесен за расклопување, без употреба на алат.

Дејан Јаков

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail