ИСТОРИСКИ АСПЕКТИ – РАЧНО ОГНЕНО ОРУЖЈЕ

Во рачно огнено оружје спаѓа оружјето кое под притисок на согорени барутни гасови исфрла проектил низ жлебена цевка, кои исфрлаат повеќе од еден проектил, од кои по правило се пука со една рака и за кое се користи единствен метален куршум. Со оваа определба се опфаќаат сите рачни огнени оружја за масовна употреба од 1852 година, кога Haris Smit и Danijel B.Veson го произвеле првиот револвер со единствен метален куршум па сè до денешните современи пиштоли.

581a

Историчарите не се сложуваат за потеклото на името „пиштол“ (pistol, pistole, pistolet, pistola), но факт е дека сите европски јазици користат речиси иста етимологија. Едни сметаат дека името потекнува од италијанскиот град Пистоје, во кој околу 1540 година мајсторот Камило Ветели произведувал пиштоли. Други го споредуваат со чешкиот збор „пиштала“, што значи кавал, со којшто, секако, на лик пиштолот има сличност. Трети истакнуваат дека два века пред Камило Ветели постоело рачно огнено оружје, бидејќи според една хроника на градот Модена од 1364 година се спомнуваат четири мали пиштоли (quattro piccoli scioppi) „scioppo”, што потекнува од зборот„sclopetum”, кој според црковниот латински јазик значи пиштол итн. Други, пак, името го поврзуваат со калибарот, пречникот на цевката на некои модели кој тогаш, во тоа време, одговарал на пречникот на вообичаената монета која се викала „pistol”. Последново поврзување со името е најмалку веројатно бидејќи во тоа време имало многу различни калибри. Стручњаците за јазици, пак, сличноста ја поврзуваат со следното. Пиштолите биле оружје на француската коњица и тие ги носеле во футроли обесени на седлото, што на француски се вика „pistalio”. Францускиот крал Анри II коњицата ја викал „pistoliers”.
Германската војска во битката кај Рентиј 1544 година ја применила тактиката на јуриш во бранови, испукувајќи од пиштолите во Французите од непосредна близина и пробивајќи им ги оклопите. Дури кон крајот на 16 век во 1594 година се прават пиштоли со жлебени цевки.
Во 17 век се јавуваат првите проби за зголемување на капацитетот на пиштолот и брзината на полнење која се јавува како главен проблем: магацини, одвоени комори со подготвено полнење, па дури и револвер од 1650 година кој може да се види во Кралскиот музеј на Министерството за одбрана во Лондон. Тоа е чудовиште од калибар 12.7 мм со шест комори во буренце и палење на кремен. Механизмот на вртење на бурето е многу сличен на првиот Колтов револвер и може да се претпостави дека Семјуел Колт, кој својот прв револвер го патентирал во Британија, имал можност да го види тоа оружје.
Патот за развој на успешен револвер го иницираше пронаоѓањето на иницијален експлозив, смеса која експлодира од механички удар. Принципот им станал јасен на француските хемичари на почетокот на 18 век, но практичната употреба во 1812 година ја овозможил Александар Џон Форсајт, шкотски свештеник. Тој бил страствен ловец и хемичар и набрзо ја сфатил можноста на лабилните експлозиви како што е живин фулмината за палење на барутно полнење во огнено оружје во соработка со Џемс Ват, пронаоѓачот на парната машина.
Форсајт во 1812 година измислил неколку практични и успешни системи на активирање со каписла, бакарна чаура, на чие дно се наоѓа иницијален експлозив кој се става на брадавицата на крајот од цевката. Брадавицата има отвор до барутното полнење, а капислата се активира така што чкрапалото одозгора паѓа на неа. Предностите биле големи: изработката на оружје се поедноставила, била зголемена сигурноста бидејќи експлозијата од капислата е доволно силна да го запали барутното полнење, полнењето е забрзано, бидејќи нема комплицирано полнење на барут во прав, чиј пламен активиран од кремен се пренесува во цевката. Во ова време пиштолите и пушките стануваат многу поефикасни, попрецизни и посмртоносни од порано.

СЕРИСКО ПРОИЗВОДСТВО

Идеи постоеле уште поодамна, но првиот успешен патентиран и произведен револвер е во 1835 година од Семјуел Колт во Британија, вториот во 1836 година во САД. Постојат сомневања дека овој изум го копирал од некој си Џон Пирсон од Лондон, но нема сомневање дека Колт прв го патентирал и го организирал сериското производство на револверот и од него направил масовно оружје. Првите два прототипови за Колт ги изработил пушкарот Енсон Чејз од Хартфорд, Конектикат. Во пробите, еден од прототиповите експлодирал, што не се случило со подоцнежните модели. Во прво време постоела опасност експлозијата на капислата да ја запали и соседната комора, а не само онаа што е на ред. Затоа капислите ги изолирале со челични прегради на буренцата. Колтовите оригинални патенти биле заштитени од копирање со мошне прецизни цртежи до истекот на патентните права во 1850 година. По сугестија на Вокер, капетан на тексашките ренџери, и во соработка со Ели Витни, кој се смета за генијалец и татко на сериското производство, Колт изградил фабрика во Хартфорд која имала капацитет да произведе големи количини оружје за војската и пазарот. Само моделот „1860“, кој бил користен во Граѓанската војна, бил произведен во преку 200.000 парчиња.

По истекот на Колтовиот патент Америка и Европа биле преплавени од сите можни дотогаш видови револвери. Вистински конкуренти во производството и конструкција им биле британските револвери „Din-Edems” и „Bomon”. Тие имале механизми со двојно дејство.

Следен чекор напред било пронаоѓањето на единствениот метален куршум. Први го произвеле Смит и Весон, популарниот „Модел 1“ со единствен метален куршум со удар на иглата на работ од куршумот во калибар 22 (5,6мм) во 1852 година. Подоцна Казимир Лефос во Европа го патентирал првиот куршум кој се пали (активира) со игла. Тој механизам бил незгоден бидејќи требало да се внимава иглата да дојде на свое место на работ на барабанот. Од сите видови на запалување на работ од куршумот, до ден-денес опстанал само системот на Смит и Весон. Муницијата со рабно активирање во тоа време била многу популарна, и тоа од 22 па до 46 (11,68мм).

Најголем чекор напред во сериското производство претставува системот на Ролин Вајт за полнење и празнење на револверите, така што револверот се прекршувал нагоре и барабанот се вадел, со што се добивало во време за полнење на револверот. Тој патент за брзо време бил купен од Смит и Весон. Следен чекор е системот на Вилејм Доџ, кој Смит и Весон исто така го откупиле, цевката се прекршува надолу а избивач во форма на ѕвезда веднаш под притисок на федер ги исфрла чаурите надвор. Таквите револвери се полнат лесно бидејќи едната рака е слободна, а барабанот сосема е пристапен.

Во исто време во 1861 година се појавува денешниот изглед на куршум со централно активирање каде капислата е сместена во отвор во центарот на долниот дел на чаурата. Чаурата на долниот дел била зајакната, а тоа го прави овој куршум далеку побезбеден од другите.
Семјуел Колт многу брзо се адаптирал на промените за сериско производство со мала измена на алатите. Неговиот револвер на црн барут станал револвер на единствен метален куршум, со избивач на празни чаури под цевката и целосно пробиен барабан.

Најголем чекор во конструкцијата на безбедноста на револверот бил пронајдокот на сигурносно чкрапало во 1876 година. Дотогашните револвери имале чкрапало кое во долниот дел со иглата се допира на капислата. Англичанецот Прајз го патентирал чкрапалото да ја удри иглата ако намерно е повлечено докрај, што е слично со денешните автоматски пиштоли. Тоа механички се постигнува, така што се поставува челична блокада помеѓу чкрапалото и рамот, а се ослободува ако чкрапалото се повлече докрај, во моментот на неговото паѓање назад.

Дејан Јаков

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail