Исламската држава и митот за „осамените волци“

why-thnext-1447514865Исламската држава (ИД) во текот на оваа година континуирано трпи порази на бојното поле. Се проценува дека таа изгуби половина од својата територија во Ирак и речиси 20 % во Сирија, вклучувајќи ги и клучните транспортни правци со Турција, кои се од витално значење и за прилив на странски борци на групата. Иако територијата под  контрола на  ИД и понатаму се намалува, заканата е сè уште присутна. ИД докажа дека е хибридна, приспособлива организација, применувајќи креативни мерки за обликување на својот одговор од надворешните притисоци. Како што територијата која е под контрола на групата се намалува, а нејзиното раководство е десеткувано преку извршување на воздушни напади предводени од САД и од Русија, ИД сè повеќе се потпира на нејзините „виртуелни планери“ – припадници кои работат на темната страна на интернет-медиумите, инспиратори и координатори на нападите надвор од традиционалните исламистички региони на делување. Од почетокот на 2015 година, ИД планираше и реализираше операции од висок профил, а Европа беше погодена директно во срце. Со текот на времето стануваше сè појасно дека стратегијата на ИД за изведување на операции во Европа не е случајна, нивните методи на дејствување се внимателно организирани и раководени од нивните филијали. Само неколку дена по масакрот во Ница, 17-годишен авганистански мигрант кој бараше азил во Германија, со секира и нож ги нападна патниците во возот во Вирцбург и пред полицијата да го убие, повреди четири лица. Два други напади во име на ИД беа извршени на 24 и 26 јули: во германскиот град Ансбах во самоубиствен бомбашки напад беа повредени 15 лица, и во предградието на францускиот град Руан, на 84-годишен свештеник му беше пресечено грлото. Овие инциденти се дел од поширокиот тренд на зголемено насилство преземено од осамени поединци. Западните аналитичари и научници при секој од овие напади, брзаат секој од овие сторители да го етикетираат како „осамен волк“, како лица кои немале значителни врски со ИД или други милитантни групи и кои нападите ги извршиле самостојно. Ова етикетирање генерално се случува во краток рок по нападите, пред разузнавачките и безбедносните служби да ја информираат јавноста за планирање и извршување на инцидентот и за затворање на истрагата. Всушност, за помалку од еден ден по нападот во Ница, извршителот беше опишан како „осамен волк“ кој, всушност, не бил поврзани со ИД. Аналитичарите сè почесто грешат во дефинитивната категоризација на терористичките напади, изјавувајќи дека се операции изведени од „осамен волк“, за подоцна да се утврди дека извршителот е поврзан со одредена ќелија или мрежа. Во најмала рака, поединците означени како „осамени волци“ често се во комуникација со други милитанти, користејќи уреди кои ги трансформираат-заштитуваат информациите, кои многу тешко се дешифрираат. При избрзување во изјавите за извршителите на терористичките напади да се означат како самостојни оперативци, постои опасност од дополнително поттикнување на терористичките мрежи за извршување нови напади. Очигледно е дека митот за „осамените волци“ одреден период не треба премногу да се експлоатира. Тенденцијата за означување на осамените напаѓачи како самостојни, без конекции со широката мрежа на милитантните исламистички организации, ги попречи аналитичарите целосно да ја разберат големината на мрежата која стои зад координираните напади во Париз и во Брисел.
Во април 2015 година во Франција, Сид Ахмед Глам, студент од Алжир, побарал медицинска помош откако случајно си пукал во ногата додека ракувал со огнено оружје. Истрагата открила дека Глам, кој поседувал неколку парчиња оружје, планирал да изврши напади врз цркви во Париз и е осомничен за убиство на жена пронајдена мртва во едно париско предградие. Во август 2015 година, тројца Американци спречиле 25-годишен марокански државјанин, Ајуб Ел Казани, да дејствува со огнено оружје врз патниците кои патувале со воз од Амстердам до Париз. На почетокот се сметало дека двата напади не се поврзани, а Казани бил означен како „осамен волк“. И двата случаи изгледале како дело на аматери. Во меѓувреме, кратко по неуспешниот напад на Казани, ИД ја поттикнува перцепцијата дека таа е првенствено заинтересирана за инспирирање на индивидуални напади од„осамени волци“, наместо директно да влијае на текот на акцијата. Преку нивните медиуми споделуваа пропагандни видеа, повикувајќи ги „осамените лавови“ да ги убијат непријателите на организацијата.
Но, по деструктивниот напад во Париз во ноември 2015 година, станува сè појасно дека првичните процени се погрешни. Во март 2016 година, истрагата потврди дека Глам, Казани и неколку други лица, добивале инструкции за извршување напади во Европа од лицето Абделхамид Абауд, организатор на ноемвриските напади во 2015 година во Париз. Неговата намера секако била овие напади да успеат, но тие, исто така, помогнале да се одвлече вниманието од пософистицираните оперативни планови на ИД. Овие аматерски напади, наводно од „осамени волци“, послужиле како „димна завеса“, којашто овозможила ИД „мирно да се подготвува“ за своите идни операции. Бидејќи аналитичарите и официјалните претставници во борбата против тероризмот сметаа дека Глам, Казани и другите напаѓачи се самостојни, без меѓусебна поврзаност, ја пропуштија можноста да ја идентификуваат оперативната инфраструктура вклучена во координација на различни напади на ИД во Европа. Неуспехот да се идентификуваат заедничките врски помеѓу веројатните „осамени волци“ и ИД е дел од еден поширок и долгогодишен модел на потценувањето на обемот на милитантните исламистички мрежи кои дејствува на Западот. Официјалната истрага по извршените терористичките напади на 7 јули 2005 година во Лондон, терористичката ќелија ја опиша како автономна, без врски со „Ал Каеда“. Но, идејата дека бомбашките напади во Лондон беа целосно неповрзани со „Ал Каеда“ е дефинитивно побиена. Во јули 2006 година, „Ал  Каеда“ преку нивните медиуми објави видео во кое Мохамад Кан, лидерот на терористичката група која ги изврши нападите во Лондон 2005 година, потврдува дека тој ги посетувал камповите за обука на „Ал Каеда“ во Пакистан. Веродостојноста на видеото е потврдена од страна на западните разузнавачки служби и агенции. Лондонските безбедносни и разузнавачки експерти ги признаа пропустите во истрагата и нивната неподготвеност во идентификувањето на врските помеѓу напаѓачите и „Ал Каеда“.
Меѓутоа, и понатаму безбедносните аналитичари продолжуваат да ги игнорираат врските помеѓу индивидуалните напаѓачи со глобалните милитантни исламистички мрежи. Дел од причините за овој конзистентен неуспех на безбедносните служби може да лежи во нивната немоќ за решавање на проблемот, избегнување на одговорност и искривување на вистината. Обичните граѓани-набљудувачи на настаните, сметаат дека нападите извршени од страна на организирани терористички мрежи треба да бидат превенирани од страна на државните безбедносни служби и, секако, вината за неуспех за превенција ќе ја бараат кај нив. Но, доколку во јавноста се пласираат информации дека нападите се извршени од осамени напаѓачи, кои многу тешко се лоцираат и превенираат, тогаш безбедносните служби имаат „оправдан неуспех“. Друга причина може да биде желбата да се потцени опасноста од терористичката мрежа поради политички придобивки и избегнување на преземање кинетичка акција против овие терористички мрежи. Очигледно е дека фактите за оваа закана често се пренасочуваат во остварување на политички приоритети, а вистината е дека врските на овие индивидуални терористи со глобалните терористички мрежи често се занемаруваат. Всушност, теориите дека неодамнешните терористички напади се дело на поединци веќе се дискредитирани. ИД ја презеде одговорноста за нападите во возот во  Вирцбург – Германија во јули 2016 година. За кратко време групата објави видео во кое сторителот јасно докажува дека е дел од ИД со намера за извршување на терористички напади. Помалку од една недела по нападот во Ница и тврдењето дека се работи за „осамен волк“, француските власти открија дека Мохамед Бухлел не можел да дејствува сам. На неговиот мобилен телефон се пронајдени пораки за комуникација со останатите членови од групата која со месеци претходно го планирала нападот.
Природата на радикализацијата и оперативното планирање во дигиталната ера ги усложнија напорите да се толкуваат и да се анализираат нападите извршени од страна на еден поединец. Милитантните исламисти кои во минатото планирале и извршиле напади низ Европа практикувале состаноци во мали групи, во подземни џамии, куќи или други дискретни локации. Радикализацијата се одвивала преку директен контакт, лице в лице. Разузнавачките и безбедносните служби постојано очекувале физички докази за ќелии и регрутација, прислушувани разговори и докази од видеонадзор. Но, со развојот на социјалните медиуми и шифрираната комуникација, радикализацијата и оперативното планирање лесно може да се одвива целосно преку интернет. ИД го искористи развојот на комуникациските технологии за градење кохезивни „онлајн“ заедници кои го поттикнуваат чувството на „далечно интимно семејство“, и со тоа ја олесни радикализацијата. Групата, исто така, има свој тим од „виртуелни планери“, кои го користат интернетот за да идентификуваат регрути, да ги координираат и да ги насочуваат нападите, често без да се сретнат физички со сторителите. Улогата на виртуелните планери може да трае со месеци или подолго пред да се реализира нападот. Овие „виртуелни планери“, кои обично се стационирани во Сирија и во  Ирак, преку социјалните мрежи вршат избор на потенцијалните поддржувачи  ширум светот, кои подоцна ќе изразат интерес за извршување на напади, но кои може да немаат технички или оперативни сознанија за реализација. Виртуелната мобилизацијата на приврзаниците на ИД кои веќе живеат на Запад има јасни предности. Таа им овозможува да им даваат инструкции на нивните приврзаници преку шифрирани апликации и притоа ги избегнуваат ризиците поврзани со обуката и испорачување на оперативци од Сирија. Оваа стратегија стана клучна компонента на глобалните напори на ИД. Од почетокот на 2016 година, од страна на странските разузнавачки служби, пресретнати се случаи во кои групата започнува да ги обесхрабрува странските борци да се приклучуваат на организацијата во регионот на Блискиот Исток и во Северна Африка, и ги советува „да останат во своите земји и таму да дејствуваат.“ Променливата природа на оперативно планирање на глобалните милитантни исламистички организации ја нагласува потребата од нов концепт за разбирање на односот помеѓу индивидуалните напаѓачи и мрежите на овие организации. Повеќе не е логично да се применуваат методите од преддигиталната ера за справување со современите терористички напади, кои се извршени во времето на „Твитер“, „Телеграм месинџер“ и заштитена врска „крај со крај“.
Постојат неколку категории на напаѓачи кои остваруваат врски со терористичките мрежи. Првата категорија се напаѓачи кои изведуваат операции, со претходна подготовка и физички контакт, обучени и испратени од страна на терористичката организација.  Втората категорија се напаѓачите кои имаат контакт преку социјалните медиуми со виртуелни планери, кои им помагаат да ја одредат целта, да го утврдат времето на нападот и да им обезбедат техничка помош. Во третата категорија спаѓаат оперативци кои се во контакт со милитантна група преку интернет-комуникации, но не добиваат конкретни упатства за извршување на нападот. И, конечно, четвртата категорија ги претставува вистинските „осамени волци“, лицата кои имаат претходна обука и искуство како дел од некоја терористичка организација, а одлучуваат да напаѓаат комплетно самостојно, без воопшто да комуницираат „онлајн“ или физички со терористичките мрежи.
Јасно е дека многу тешко може да се најдат примери од досега извршените напади за извршители кои се декларирани како„осамени волци“, а навистина да се вклопуваат во дефиницијата. Сè додека нападите лажно се категоризираат, современите демократски држави не можат ни да започнат да го возвраќаат ударот. Случаите како последните терористички напади во Германија и во Франција, организирани од многубројните виртуелни планери на ИД, со сигурност ќе се повторат при организирање на нивните операции низ целиот свет. Истите не треба веднаш да бидат етикетирани како напади реализирани од „осамени волци“, термин кој го игнорира фактот за потенцијалното далечинско водење на нападите од страна на командантите на ИД во Ирак, во Сирија и на други места. И покрај фактот дека систематска загуба на територијата на ИД е од суштинско значење за ерозија на организацијата како целина, таа без сомнение ќе најде нов начин за адаптација во новонастанатите околности. Виртуелните планери дефинитивно ќе бидат средство за исполнување на стратегија на групата на подолг рок. Виртуелните планери може да делуваат од секаде, вооружени со еден компјутер и интернет-конекција. Како што западната коалицијата продолжува да ја деградира ИД на теренот, така паралелно треба да се зголеми моќта на перцепција на нивните оперативци во „онлајн“ просторот и секако, да бидеме подготвени да се соочиме со нови напади на територијата на Европа уште долго време по падот на калифатот. И, за крај, дефинитивно ни е потребен подобар модел за разбирање на тероризмот во оваа современа дигиталната ера.

д-р Ненад Танески

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail