Интервју со Mарина Пендеш, министерка за одбрана на Република Босна и Херцеговина

DSC_3330Колкаво е значењето на интеграцијата на земјите од регионот во НАТО и во ЕУ и кога очекувате дека Босна и Херцеговина би можела да пристапи кон НАТО и ЕУ?

– Сметам дека интегрирањето на Босна и Херцеговина во НАТО и во ЕУ нема друга реална алтернатива. Најдолгата граница на Босна и Херцеговина е со Република Хрватска и изнесува повеќе од 1000 километри, а Република Хрватска е земја која денес е членка и на НАТО и на ЕУ. Се граничиме и со Република Србија која е членка на Партнерството за мир и има статус на земја-кандидат за прием во Европската унија. Исто така, споделуваме граница и со Република Црна Гора, која веќе доби покана за прием во НАТО.
Сите останати земји од регионот имаат речиси идентични стратегиски цели во однос на надворешната политика, како и Република Босна и Херцеговина. Затоа, мошне значајно е во скоро време сите заедно да се најдеме во една асоцијација која ќе ни гарантира безбедност, стабилност и просперитет.
Република Босна и Херцеговина, во текот на минатата 2015 година, после периодот на определен застој на патот во евроатлантските интеграции, успеа да направи значителен напредок. Со сите сили се насочивме да го исполниме последниот услов за активирање на МАП-процесот, а усвојувањето на Реформската агенда и реализацијата на задачите произлезени од агендата доведоа до тоа претседателот на Претседателството на Босна и Херцеговина д-р Човиќ, на 15 февруари оваа година и службено да го достави барањето на Босна и Херцеговина за зачленување во Европската унија, што е најголем постдејтонски исчекор за Босна и Херцеговина.
Ни претстои тежок пат кон евроатлантските интеграции, пат кој бара исполнување на многу услови. По евентуалното активирање на МАП-процесот и добивањето на статус на земја-кандидат нè очекуваат ред предизвици на кои ќе мора да дадеме адекватни одговори. Убедена сум во подготвеноста на клучните актери на Босна и Херцеговина во насока на соочување со побарувањата од партнерите од Европската унија и НАТО за да можеме на тој пат да напредуваме со посакуваната динамика, а кога ќе стигнеме до посакуваната цел не е благодарно да се прогнозира.

Каква е регионалната соработка на полето на одбраната помеѓу земјите од регионот, посебно соработката со Република Македонија?

– Во рамките на регионот се одвива една мошне добра и динамична соработка за којашто сите земји се определени, не само декларативно туку и во содржините на сите значајни стратегиски документи, како и преку практичен и видлив ангажман.
Партнерските држави надвор од регионот, пред сè, САД и западноевропските држави, како и меѓународните организации (НАТО, ЕУ, ОБСЕ), даваат неопходна политичка, стручна и материјална поддршка во однос на оваа регионална соработка и во рамките на заедничките проекти. Наша цел, во Министерството за одбрана на Босна и Херцеговина, е регионалната соработка да ја доведеме на највисоко можно ниво, и сметам дека сме на добар пат, за што е сведочи и мојата недамнешна посета на Република Македонија.
Односите на билатерално ниво со соседните земји, исто така ни се мошне добри. Немаме отворени прашања од аспект на Министерството за одбрана на Република Босна и Херцеговина и затоа регионалната соработка ја оценувам за најдобра досега.
Состаноците кои минатата година беа одржани во текот на Сеопфатната министерска конференција во Дубровник, Република Хрватска, беа мошне плодотворни и успешни, а посебна чест ми беше што претседавав со Состанокот на министрите во А5-формат (Американско-јадранска иницијатива – US-A5).
Во однос на соработката со Република Македонија, која ја сметам за исклучително пријателска земја, посебно ќе го нагласам значењето на можноста наши кадети да се школуваат на Воената академија во Република Македонија. Исто така, мошне е значајна размената на инструктори во центрите за обука и тренинг. Исто така, ќе споменам дека нашите припадници кои ја следеа обуката за офицери имаа можност да бидат дел од Летниот кампус во организација на Воената академија на Република Македонија, а наш СТАНАГ-тим ја тестираше Армијата на Република Македонија. Сето тоа е показател на една квалитетна соработка помеѓу нашите две држави, која мора да продолжи и во иднина.
Ќе повторам дека сме определени за заеднички регионални иницијативи, што претставува и добра рамка за остварување на целите во сферата на мировните операции. Сметам дека во Босна и Херцеговина, како и во другите земји од регионот, постои потенцијал за зголемување на придонесот во мировните мисии, и ние сме подготвени да соработуваме со останатите земји за реализација на таа цел.

Какви се искуствата на вашите припадници во мировните мисии?

– Ние во Босна и Херцеговина пред неколку месеци одбележавме 15 години од учеството во мировните операции, а во текот на тие 15 години во операциите за поддршка на мирот учествуваа повеќе од 1000 активни воени лица (DVO), од коишто 34 беа жени. Сметам дека со овој факт, земајќи ги предвид и пофалбите коишто нашите припадници ги добиваат за нивното учество во мировните операции, треба навистина да се гордееме, затоа што од држава којашто примаше меѓународна помош, дојдовме во позиција нашите Вооружени сили да учествуваат во изградбата на светскиот мир и да придонесуваат кон глобалната стабилност. Во однос на учеството во мисиите, во НАТО-предводената мисија ISAF во Исламската Република Авганистан учествувавме со пешадиска формација од 45 припадници во текот на 8 ротации. Моментално со наша формација учествуваме и во мисијата „Одлучна поддршка“ во Исламската Република Авганистан. Исто така, имаме 8 штабни офицери распоредени во северниот дел на Авганистан. Учествуваме и во мировни мисии под мандат на ОН, и тоа во мисијата MONUSCO во Конго со 5 припадници и 2 припадници во мисијата MINUSMA во Мали, со можност за испраќање на дополнителни 8 припадници. Покрај тоа, ние ќе продолжиме да даваме и други видови и облици на поддршка, како што се: капацитетите на Центарот за обука за мировни операцииe (PSOTC), центрите за деминирање на Вооружените сили на Босна и Херцеговина (OS BiH), учество во проекти за изградба на регионални капацитети како што се Балканските медицински сили и друго. Во наредниот период наша интенција е, секако во согласност со Претседателството на Босна и Херцеговина како врховен командант на Вооружените сили на БиХ, во наредниот период да продолжиме со партиципацијата во мировните мисии предводени од НАТО, но и во оние предводени од ОН, при што секако ќе дадеме личен придонес за изградба на мирот ширум светот. Со учеството во мисиите, припадниците на Вооружените сили на Босна и Херцеговина, стануваат и најдобрите промотори на државата Босна и Херцеговина.

Се чувствува ли бегалската криза во вашата земја, со оглед на тоа дека не сте директно на трасата на бегалците и мигрантите?

– Со оглед на тоа дека нашата држава не е на рутата по која се движат бегалците и мигрантите, може да кажам дека сè уште не сме ги почувствувале последиците со кои се соочуваат другите држави преку чија територија се движи бранот од бегалци. Сепак, иако состојбата моментално не е загрижувачка, Советот на министрите на Босна и Херцеговина веќе презеде конкретни чекори, со цел да се даде адекватен одговор во случај на евентуален прилив од бегалци. Упативме неколку припадници на Вооружените сили на Босна и Херцеговина во Република Хрватска, со цел да се запознаат со состојбите и активностите што ги преземаат Вооружените сили на Република Хрватска (OSRH) во однос на прашањата во врска со бегалската криза и да ги пренесат искуствата со кои ќе се здобие нашиот персонал. Исто така, беа разгледани и определени локации за евентуално сместување на бегалците, што значи дека сме подготвени да дадеме поддршка и во тој поглед.

Како е решена застапеноста на припадниците на конститутивните народи кога во рамките на Министерството за одбрана и Вооружените сили на Босна и Херцеговина, со оглед на тоа дека Босна и Херцеговина е посебен пример на мултинационална заедница?

– Босна и Херцеговина, како што и самите споменавте, е специфичен пример на држава која ја сочинуваат припадници на конститутивни народи кои имаат подеднакви права, но и жители коишто не се така определени. Застапеноста е решена со Одлука на Претседателството на Босна и Херцеговина која се однесува на големината, организацијата и локациите на Вооружените сили на Босна и Херцеговина, одлука која јасно ја пропишува националната застапеност во системот на одбраната. Сметам дека заемното почитување, јасните прописи во оваа сфера и консензуалното решавање на проблемите се основните аргументи кои ми даваат право да кажам дека реформата на одбранбениот систем, всушност, е една од најуспешните реформи во Босна и Херцеговина.

Со оглед на тоа дека веќе со години наназад сте имале раководни позиции во Министерството за одбрана и дека сте дипломирале на Факултетот за воено-технички науки, а сето тоа во јавноста важи за доминантно машка професија, сметате ли дека во Босна и Херцеговина постои стереотип за машки и женски професии?
– Министерството за одбрана на Босна и Херцеговина вредно работи на от­стра­ну­вање на сите видови предрасуди во тој поглед и ги согледуваме позитивните придвижувања во рамките на последните неколку години, бидејќи од само неколку жени коишто се јавија на нашите конкурси, дојдовме до состојба кога повеќе стотици жени се кандидираат за некоја од позициите во вооружените сили. Бројот на жени на раководни позиции во системот е во пораст во текот на последните неколку години, а во моментов имаме најмногу припаднички на раководни позиции и должност командант на чета, а моментално имаме една жена-шеф на отсек во Министерството за одбрана на Босна и Херцеговина. Заинтересираноста на жените за учество во мировните мисии е во пораст. Досега жените партиципираа со 7,5% во вкупната бројка на припадници на Вооружените сили на Босна и Херцеговина кои беа упатени во мировни мисии, а во 2015 година беше упатена во мировна мисија и една жена-офицер на Вооружените сили на Босна и Херцеговина. Сметам дека сето ова е добар показател дека во нашата држава сè помалку има предрасуди кога станува збор за поделба на машки и женски професии, а тоа, секако, доволно говори и за зрелоста на нашето општество.

Какви се искуствата на Министерството за одбрана во однос на спроведувањето на Резолуцијата 1325 на Обединетите нации?

– Резолуцијата 1325 на Советот на безбедност на ОН е документ од историско значење кој налага учество на жените во процесите на донесување одлуки, мировните преговори и во процесите на вклу­чувањето на родовите перспективи во обуките за мировните мисии, заштитата на девојчињата и на жените за време на конфликтот, како и во постконфликтниот период, како и вклучување на родовите перспективи во врска со известувањата и работата на мировните мисии.
Министерството за одбрана на Босна и Херцеговина целосно е посветено на прашањата на активната улога на жените и промовирањето на родовата рамноправност во Министерството за одбрана и во Вооружените сили на Босна и Херцеговина, како и на исполнување на сите цели и обврски кои произлегуваат од Резолуцијата 1325 на Советот за безбедност на ОН. Босна и Херцеговина е прва држава во регионот која го усвои Акциониот план за 2010–2013 г., а претставници на Министерството за одбрана на Босна и Херцеговина учествуваа и во изработката на новиот Акционен план за периодот 2014–2017 година. Министерството за одбрана на Босна и Херцеговина ги доби првите обучувачи за родова еднаквост, кои во наредниот период ќе учествуваат во обуката на припадниците на Министерството за одбрана и на Вооружените сили на Босна и Херцеговина и кои, исто така, ќе ја воспостават и ќе ја прошируваат мрежата на обучувачи за родова еднаквост во Министерството и во Вооружените сили. Моментално во Министерството за одбрана жените се застапени со околу 40%, но сè уште немаме доволен број жени на раководни позиции. Ние сме задоволни, но очекуваме оваа слика да се менува, бидејќи сметам дека жените се најголемите жртви во секој судир и најмногу се заинтересирани таквите ситуации да не се повторуваат. Затоа, заради превентивно дејствување, на жените треба да им се даде можност на места каде што се одлучува. Во Вооружените сили на Босна и Херцеговина има околу 7% жени, а наша цел е да имаме барем 10%. Притоа, жени-офицери се околу 3% , подофицери околу 4%, а жени-војници околу 7%, а тоа е процент кој е повисок во однос на државите во регионот. Во согласност со предлогот на петгодишниот план за развој на Вооружените сили на Босна и Херцеговина, предвидено е застапеноста на жените во Вооружените сили да биде 10%.

На кој начин се произведува стручен воен персонал за потребите на Вооружените сили и на Министерството за одбрана на Босна и Херцеговина?

– Босна и Херцеговина нема сопствени воени школи, а највисоките нивоа на образување и усовршување се одвиваат во странство, на престижни воени школи и универзитети, како на пример во: САД, Велика Британија, Турција, Грција, Хрватска, Србија, Македонија и во други пријателски држави, преку реализација на билатерални договори и меморандуми за соработка. Освен процесите на напредување преку службата во Вооружените сили, Министерството за одбрана на Босна и Херцеговина во 2012 година, преку партнерството со Амбасадата на Велика Британија и НАТО-штабот во Сараево, изработи проект за избор и обука на офицери од цивилната сфера, што произлезе од потребата за сопствен избор и обука на офицерите за Вооружените сили на Босна и Херцеговина. Во рамките на структурата на Вооружените сили на Босна и Херцеговина, значајна улога има и Командата за обука и доктрина, каде што со помош на различни курсеви и обуки дополнително ги едуцираме нашите припадници, што води кон поголема функционалност на Вооружените сили, а од сето ова најголема корист имаат нашите граѓани.

д-р Жанет Ристоска

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail