ИНТЕРВЈУ СО ГЕНЕРАЛ МАЈКЛ ДУБИ

Majkl DubiЗа почеток би сакале да Ви поставиме едно вообичаено прашање: Колку сте запознаени со перформансите на Армијата на Република Македонија и од кога датираат Вашите првични контакти со Република Македонија и со нејзините претставници?

– Првпат дојдов во Македонија токму пред дваесет години, во 1996 година. Оттогаш, вашата земја ја посетив уште седумнаесет пати, што значи дека досега имам 18 посети, и со текот на годините сум сведок на константен напредок на Армијата на Република Македонија. Бев многу импресиониран кога за првпат се сретнав со војниците од Македонија, но со текот на годините гледав како постојано припадниците на АРМ се подобруваат и се здобиваат со почит на меѓународната сцена.

За време на Вашето командување со мисијата ИСАФ, но и за целото 12-годишно времетраење на оваа мисија, како дел од сојузничките сили учествуваше и Армијата на Република Македонија. Кажете ни го Вашето мислење за овој ангажман на АРМ и за оспособеноста на Македонија и на Армијата на Република Македонија за членство во НАТО?

– Бев многу импресиониран во 2004 година кога бев во Ирак и таму имаше Македонци кои беа одликувани од нашиот секретар за одбрана, Рамсфелд, за херојските акции во кои беа спасени Американци.
Во однос на  мисијата ИСАФ, општо е познато дека Македонците имаа дванаесетгодишен значаен придонес. Распоредувањето на Македонија во Вермонт беше огромен успех. Тие имаа неколку тешки мисии и имаше тешки денови во Авганистан, но сите Македонци треба да бидат исклучително горди на своите војници и на начинот на којшто тие се бореа.
Македонците, кои беа дел од силите на Вермонт во провинцијата Парван, во Тика, околу воздухопловната база „Баграм“ имаа неколку тешки мисии. Полковникот Рој беше командант на бригадата. Тој, конкретно, ги избра Македонците за негова лична заштита. Тоа покажува колку високо мислење имаше за професионализмот на македонските војници.

Генерале Дуби, мисијата ИСАФ заврши во 2014 година и сега е во тек мисијата „Одлучна поддршка“ во која Армијата на Република Македонија повторно ќе земе учество. Кое е Вашето мислење за оваа мисија и кои се Вашите размислувања за глобалната ситуација во светски рамки?

– Јас сум во постојан контакт со генералот Креј, кој е актуелниот генерал-аѓутант, и тој има многу добри работни односи со вашето лидерство, односно со министерот и  со началникот на Генералштабот. Тој би сакал да продолжи соработката помеѓу Вермонт и Македонија. Не знам дали тоа би значело некое идно распоредување, но имајќи предвид колку добро се покажаа македонските војници во Авганистан, тие би биле добредојдени во секоја мисија.

Од кога датира Вашата соработка со Армијата на Република Македонија?

Почнувајќи од 1996 г., кога имав можност и лично да ги видам вашите сили, можам слободно да кажам оти она што го видов беше постоење на висок професионализам, но имаше и голем недостаток во опрема. Сега, по дваесет години, можам да видам дека опремата е подобра, има подобра обука и постои поимпресивен спектар на способности. Не гледам лимит за тоа што сè можат да постигнат македонските војници во иднина, а тоа првенствено се должи на нивниот професионализам, повеќе од што било друго.
Кое е Вашето мислење за активностите на Република Македонија за членство во НАТО?
Долго време се залагам на Македонија да ѝ се дозволи влез во НАТО, бидејќи македонските војници се добро подготвени, веќе се бореле „рамо до рамо“ со останатите припадници од мисијата ИСАФ, односно дванаесет години во Авганистан, и јас искрено се надевам дека НАТО ќе ѝ дозволи на Македонија еден ден да стане полноправна членка.

Генерале Дуби, што би сакале да кажете на крај?

– Ми причинуваше големо задоволство што имав можност да го изразам моето длабоко почитување за граѓаните на Република Македонија, а особено за војниците кои се во Армијата на Република Македонија. Ќе го донесам моето семејство повторно во Македонија. Мојата сопруга го обожава Охридското Езеро, јас сакам да одам во Хераклеја, но и да го посетам градот Охрид, да ги видам и да ги посетам сите 365 цркви кои знам дека ги има градот. Мислам дека Преспанското Езеро е преубаво а, исто така, во Дојран се наоѓаат најдобрите рибни ресторани на светот. Има толку многу работи да се видат, и затоа со нетрпение ја очекувам мојата следна посета. Исто така, при мојата следна посета на Македонија, би сакал да се видам и со некои од моите добри пријатели овде. Полковникот Ивановски е мој добар пријател, како и полковникот Јовески, и секако, се разбира, и министрите од Владата на Република Македонија.

Разговорите ги водеше:
Димче Исаиловски

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail