ИЗЛОЖБА НА ФОТОГРАФИИ ОД МЕРЛ ЛЕ ВОЈ ВО ВОЕНИОТ МУЗЕЈ

АМЕРИКАНСКИОТ ЦРВЕН КРСТ ВО МАКЕДОНИЈА ЗА ВРЕМЕ НА ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА

DSC_2881На 24 февруари, министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, заедно со амбасадорот на Соединетите Американски Држави, Џес Бејли, присуствуваа и се обратија на отворањето на изложбата „Американскиот Црвен крст во Македонија за време на Првата светска војна“ во Воениот музеј.

На отворањето присуствуваше и началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, заменикот-началник на НГШ, генерал-мајор Мухамет Рацај, како и претставници на дипломатскиот и военодипломатскиот кор во Република Македонија.

„Министерството за одбрана на Република Македонија особено внимание му посветува на минатото на нашата земја и на односите кои низ годините зад нас ги градиме со нашите партнери и пријатели. Стратешкото партнерство и искреното пријателство на Република Македонија со Соединетите Американски Држави не се од понов датум, туку има многу настани кои се сведоци за истото“, истакна министерот за одбрана на Република Македонија за време на отворањето на изложбата. Тој ја изрази својата најдлабока благодарност до сите хуманитарци кои ја даваат својата поддршка таму каде што е најпотребна и додаде оти во справувањето со предизвиците кои се резултат на мигрантската криза, Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија ја имаат предвид хуманоста и посветеноста кон доброто на луѓето. Тие вредности секогаш ќе бидат водилка во нашето дејствување, со што најдобро ќе влијаеме и врз одбраната и безбедноста на граѓаните на Република Македонија.

Хуманитарната улога на бројни меѓународни организации, поединци експерти и волонтери, сесрдно помагани од македонскиот народ и македонското население, е забележана во бројни мемоарски и литературни дела, фотографски материјали и архивска документација која ни дава основа за истражување на хуманитарните мисии за лекување на ранети и болни и спроведување на дел од обврските од Хашките конвенции кои освен делумно за улогата на Црвениот крст со медицинските мисии во најголем дел не биле почитувани во случајот на Македонија и Македонците во време на Првата светска војна.

Надвор од политиката, посебно е значајно да се истакнат активностите, хуманоста и посветеноста на странски медицински лица дојдени во Македонија во време на Првата светска војна. Голем број од нив настрадале за време на вршењето на својата мисија во Македонија.

Особено значајна е улогата на американскиот Црвен крст, американските лекари, спе­цијалисти, медицински сестри, волонтери и други хуманитарни медицински тимови, кои биле испраќани во Македонија од декември 1914 г. па сè до завршувањето на војната и потпишувањето на Версајскиот мир.

Во оваа прилика свое обраќање имаше и амбасадорот на САД во Република Македонија, Џес Бејли, кој истакна: „Амбасадата на САД и македонското Министерство за одбрана имаат долготрајни меѓусебни односи. Ние соработуваме не само во областа на одбраната, туку и на многу полиња, и ние сме многу горди на партнерските напори“.

Амбасадорот додаде дека изложбата се совпаѓа со времето кога Македонија и регионот имаат потреба од поддршката на Црвениот крст, чиј тим заедно со Владата на Република Македонија, организациите на Обединетите нации и други организации обезбедуваат грижа и поддршка за бегалците кои бараат безбеден премин низ Македонија.

Директорот на Воениот музеј, Александар Стојчев, во своето обраќање упати посебна благодарност до Националниот музеј на здравство и медицина од Вашингтон, до г-ѓата Џудит Рејсон,  и се заблагодари на поддршката од Црвениот крст на Република Македонија и на Амбасадата на САД во Република Македонија. Тој додаде дека изложбата на фотографиите во Воениот музеј ќе трае наредните 60 денови.

Оваа изложба на Воениот музеј е во рамки на одбележување на стогодишнината од настаните поврзани со Првата светска војна, а на изложбата беше изложена колекција на досега необјавени фотографии од Македонија од познатиот американски фотограф Мерл ле Вој – пионер на американската документарна кинематографија и фотографија.

Фотографиите се дел од збирките на Националниот музеј на здравство и медицина од Вашингтон, снимени во Македонија за време на Првата светска војна.
На фотографиите, снимени од Ле Вој, ја гледаме Македонија, земјата на Александар Велики, како страдалница во Првата светска војна, чии рани и болки ги ублажуваат и ја лекуваат медицински тимови и хуманитарци од САД.
Преку фотографиите на Ле Вој можеме да го почувствуваме хоророт на војната на Македонскиот фронт, но и секојдневниот живот и убавините на Македонија.
Мерл ле Вој е нај­поз­нат по неговите кратки документарци за островите во јужните мориња од 20-тите и 30-тите години од минатиот век. Познат е и како новинар на познатиот весник „Pathe News“.
Не долго откако ја купил својата прва камера, Ле Вој патува во Европа за да известува за Првата светска војна. Неговиот филм, „Херојска Франција“ од 1917 година, им го пренел на американските кинопосетители хоророт на војната.

После Првата светска војна еден пери­од работел за меѓународниот Црвен крст, а подоцна известувал за Кинеската ре­волуција, за што замалку ќе бил егзекутиран, бидејќи по грешка бил обвинет дека е руски шпион.
Во поголемиот дел од животот тој, заедно со „окото“ на неговата камера патувале на сите четири страни на светот, патувања за кои подоцна од своите колеги ќе ја добие титулата „Модерниот Марко Поло“.

Кристина Илиевска

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail