„Заедно кон врвот“

DSC_2752Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и шефот на Канцеларијата за врски на НАТО морнаричкиот капетан Горазд Бартол, од врвот Мусица на Бушева Планина им го честитаа 8 Септември – Денот на независноста на сите граѓани на Република Македонија.

Настанот кој се организираше по повод Денот на независноста беше именуван како „Заедно кон врвот“ и симболично го претставуваше нашето искачување до врвот, односно до членството во НАТО и во ЕУ. Заедно со министерката и шефот на НАТО-канцеларијата во Скопје кон врвот чекореа и голем број претставници на дипломатскиот кор акредитирани во Р. Македонија, меѓу кои и амбасадорот на ЕУ Самуел Жбогар, вработени од МО и припадници на АРМ, како и членовите на планинарското друштво „Ристо Карпуш“ и голем број граѓани на Крушево. Честитајќи им го Денот на независноста на граѓаните на Република Македонија, министерката Шекеринска им посака во иднина да имаат поголема благосостојба и стабилност. „Во 26-те години независност поминавме низ добри и тешки моменти, но покажавме дека кога се има иста цел, кога сме упорни и истрајни, таа цел е достижна. Денеска ни треба заедништво околу нашата заедничка стратешка цел – членство во НАТО и ЕУ“, изјави министерката од врвот на планината. Таа додаде дека целта била прославата за 8 Септември да не биде типична и заедно со многумина граѓани од Крушево и регионот, вработени во МО и АРМ, партнери од НАТО,воени aташеа и дипломатскиот кор, да се тргне на пат кон еден врв во Република Македонија. „Патот не беше лесен, но заедно без откажување стигнавме до целта. Сакаме ова заедништво и истрајност да го искористиме за државата да чекори напред. Благодарам на поддршката од првиот човек на НАТО во Македонија, морнаричкиот капетан Бартол и неговит тим. Ќе бидеме партнер на кој ќе можат да се потпрат. Слободни, независни, со јасна цел, членство во НАТО и во ЕУ“, истакна министерката во својата честитка по повод Денот на независноста на Република Македонија. Морнаричкиот капетан Горазд Бартол, честитајќи им го Денот на независноста на граѓаните на Република Македонија, истакна дека е убеден дека сите 29 земји-членки на НАТО ја поддржуваат Република Македонија да стане 30. земја-членка на НАТО.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail