ЕФИКАСНА ЗАШТИТА

СОВРЕМЕНА ЗАШТИТНА ОПРЕМА ЗА ДЕМИНИРАЊЕЗАШТИТА
Sl.2Заштитата од дејството на експлозивните материи е сложена и по­ве­ќеслојна. Особено е комплексна заштитата од мините на изненадување. Поновата историја укажува и на феноменот на бомбашите-самоубијци, од кои заштитата особено е отежната. Затоа постојано се развиваат нови, современи техники и тактики, а се користат и нови видови на специјални алати и заштитна облека. За денешниот современ свет одамна е поминато времето на минерскиот комплет со пипалка, знаменце за обележување и триножникот на кој се поставуваше експлозив над експлозивната направа за таа да се уништи. Развојот на науката, техниката и технологијата доведе до појава на роботи за уништување на експлозивните направи, кои во денешно време можат самостојно да извршуваат многу операции.
Експлозивните направи се софистицирани и направени да го повредат или уништат војникот или борбеното возило. Тие се добро маскирани и се со мали димензии, но со голема експлозивна сила. Ако ги земеме во предвид бомбашите самоубијци со примитивни запалки, современиот војник на боиштето (но и во мир, особено во мировни мисии) се сретнува скоро со невидлива опасност и со тешко предвидлива ситуација. Затоа истражувањата и развојот на техниките за откривање на експлозивните направи се поинтензивни, а уредите кои треба тоа да го овозможат се сè повеќе сложени. Опасност во борбениот, но и вон борбениот простор претставуваат и неексплодираните мини или гранати, ракетни полнења, касетни бомби или мините на изненадување. Дури и денес се пронаоѓаат мини, гранати или авиобомби од Првата или Втората светска војна. Повеќе не е едноставно ни да се изведе детонација на неексплодирани боеви средства, бидејќи повеќето од нив се изработени од непознати компоненти, чија конструкција ја знаат само инженерите кои ги развиле. Покрај тоа, во експлозивните мини можно е да се стават и биолошки, хемиски или радиоактивни елементи, кои после детонацијата го контаминираат подрачјето на експлозијата или овозможуваат разнесување на токсичните материи во атмосферата. Исто така, многу од експлозивните направи се направени така за после активирањето да предизвикаат пожар.
Во повеќето војски поради тоа постојат единици на специјално обучени и оспособени деминери кои користат разновидна опрема за работа со експлозивните средства. Тие единици не се составени само од деминери (пиротехничари) туку и од експерти за хемиски, биолошки, запаливи, радиолошки и нуклеарни материјали и уреди. Припадниците на овие единици, со примена на посебни постапки ги отстрануваат опасните неексплодирани мини и ракети или импровизираните експлозивни направи. Покрај тоа, задача им е да утврдат дали има неексплодирани боеви глави, да го идентификуваат видот на запалката, да ја разоружуваат мината со одвојување на запалката од експлозивното полнење. Тие ги неутрализираат непознатите експлозивни средства, ги одложуваат опасните експлозиви и запаливите материјали на безбедни места заради нивно уништување. Голем проблем претставуваат и терористичките бомби и проверуваат дали после експлозијата постои контаминација. Покрај анализата на импровизираните експлозивни направи, особено се грижат и за застарената муниција. За да ја познаваат новата технологија, тие посетуваат курсеви каде стекнуваат искуства и сознанија за тоа како од детали да дојдат до информации за видот на експлозивот, запалката и за другите компоненти на експлозивните направи.
Членовите на ЕОД тимовите користат и роботи кои оваа опасна работа ја прават полесна и посигурна. Меѓутоа, постојат ситуации во кои роботот не може да помогне и тогаш човечката рака е најсигурниот алат при деминирањето или уништувањето на експлозивната направа. Роботот „Талон”, на пример, е користен во мисија 11 месеци и преживеал над стотини инциденти додека не бил разнесен во експлозија на автомобил-бомба. Тоа е одличен процент на успешност. Од неодамна, тимовите на деминери користат теренски апарати за спектрална анализа, ласери и електронска опрема за детекција, скенирање или акустична анализа. За уништување на неексплодираните мини и импровизираните експлозивни направи користат експлозив „Ц-4“. Проблем претставува отстранувањето или гасењето на материјалите кои се многу запаливи и муницијата од мал калибар. Најголем проблем се бомбите со одложено дејство. ЕОД-тимовите во Ирак и во Авганистан имаат уништено повеќе од 100.000 експлозивни средства и направи со големи трошоци и жртви. Загинале повеќе од 100 пиротехничари.
Современата заштитна облека која е отпорна на експлозија нуди сеопфатна заштита против детонацијата на експлозивот. Современата заштитна облека се изработува од кевлар и некои други арамидни материјали, бидејќи нивните влакна ја шират силата на експлозијата по целата облека. Арамидните материјали се состојат од синтетички полимерни влакна. Тој материјал е исклучително силен, а доволно лесен за да може од него да се направи ткаенина за заштитни елеци и облека отпорна на експлозија. Покрај тој материјал, во облеката е вградена дополнителна пена или постава од други материјали, заради ублажувања на ударот на експлозијата. Тие додатоци спречуваат парчињата на телото на бомбата или металните делови вградени во експлозивната направа да дејствуваат смртоносно, а исто така го намалуваат влијанието на високата температура која ја предизвикува експлозијата. Балистичките плочи помагаат најјаките сили да се пренасочат на целокупната облека и ги одбиваат гелерите и секундарните фрагменти.

Високи стандарди на изработка

Врз основа на истражувањата и добиените резултати утврдени се стандарди за материјалите за заштита од експлозија и механичките удари на цврстите делови. Основните стандарди и нормативи за заштитна опрема се утврдени од страна на компанијата „ASTM International”. Денес, ширум светот се користат околу 12.000 AСТМ стандарди за подобрување на квалитетот на производите од областа на безбедноста. На утврдување на стандардите на AСТМ учествуваат повеќе од 30.000 најголеми светски технички експерти и професионалци од 150 земји. За секој стандард постојат објаснувања за методите на тестирање, спецификации, упатства и податоци од праксата. Кога се зборува за изработката на заштитна облека, утврдено е дека мора да се почитуваат ергономските принципи кои велат дека правилно поставените делови на облеката треба да го покриваат торзото и виталните органи и да ги овозможи сите движења потребни за работа со експлозивните средства. Исто така, се прифаќаат и барањата кои се корисни кога таквата облека мора да обезбеди неопходен комфор, од ладење до спречување на иритација на одредени делови на телото. Современите стандарди за заштитна опрема ги утврдуваат најбитните карактеристики на облеката и нивните заштитни функции. Се препорачува шлемот (отпорен на експлозија) да биде изработен од арамидно јадро, а надворешниот слој од некој излиен заштитен материјал или суспензија, како и да се прицврстува за главата со ремени кои даваат одредена удобност, но го амортизираат и ударот. Шлемовите мора да имаат проѕирен антибалистички визир, а некои и вградени слушалки и микрофон, како и уреди за пренос на радиосигнали. Специјализираните шлемови можат да имаат интерно напојување, вентилационен систем, кој го лади носителот и го отстранува замаглувањето на визирот. На шлемот треба да постои и носач, каде техничарот може да монтира „hands-free“ видеокамера или светло, екран од транспарентниот систем за виртуелна навигација и слично. Високата јака би требало да биде продолжена до шлемот и да го штити вратот. Под заштитната облека техничарот носи долна облека која ја впива потта и разладува (односно затоплува, по потреба). Посебно треба да биде обезбедено и заштита на грлото, градите и препоните. На облеката треба да има џебови во кои се ставаат бласт-плочи, пред сè на предната страна, односно преку градниот кош, рацете и нозете. Прописите, стандардите и праксата укажуваат на потребата сите делови да мораат да бидат добро поврзани, како не би се одвојувале од телото при експлозија, но и да овозможат брзо ослободување од повредениот техничар поради брза медицинска помош и транспорт. Покрај тоа, во облеката може да се вгради и внатрешен вентилационен систем, односно механизми за ладење, кои ја одведуваат зголемената топлина и пот. За сега постојат неколку типови на разладни уреди кои користат принцип на ладење со помош на вода или течност за ладење, која се разведува со мрежа на цевчиња зашиени во внатрешноста на облеката. Важно е да се истакне дека пиротехничарот својата опасна работа ја врши и под силен психолошки притисок. Меѓутоа, довербата во опремата и алатите кои ги користи, колку и ситуацијата да е стресна, неговото искуство и знаења ќе направат психолошката напнатост да се намали. Заштитната облека која денес ја употребуваат современите инженерци, пиротехничари или деминери, претставува унапреден комплет на делови за заштита на телото. Тоа се шлем, заштитни делови за торзото, рацете и нозете, посебно за препоните, чизми и додатоци на чизмите, кои го спречуваат непосредното дејство на експлозијата на нагазната мина на стапалото. Со заштитната облека оди и специјален комплет на опрема за работа со минско-експлозивните средства. Комплетот на опрема содржи торби и прекривки, а и деминерско буре за превезување на експлозивите или направите вон зоната на опасност.

Видови заштитни шлемови, облека и обувки

Заштитниот шлем на компанијата „Med-ing“ EOД 9А е дел од опремата на деминерите. Во шлемот има интерфејс за контрола на електромагнетното влијание и спречување на намалувањето на карактеристиките на електронските, електричните и електромеханичките делови на опремата и потсистемите. Со оглед на тоа дека современите пиротехничари користат разни електрични алати или електронски уреди, вклучително и компјутери, современата опрема мора да овозможи нивно функционирање без посебни негативни ефекти. Шлемот е применлив при работа со класични експлозивни материјали, како што се муниција, мини или неексплодирани гранати, но и за работа со импровизирани експлозивни направи. Шлемот штити од притисок, дејство на фрагменти и влијание на топлината. Со наведените стандарди компатибилен е и визирот, кој штити и од биолошко или хемиско дејство. Покрај тоа, во шлемот се вградени и системи за вентилација и осветлување. Шлемот е интегрален дел на заштитната облека и може автоматски да се заклучи на облеката, правејќи го целиот систем затворен од надворешни влијанија, односно од затруена атмосфера после експлозијата. Бидејќи шлемот физички цврсто е фиксиран со заштитната облека, тоа спречува при евентуална експлозија, шлемот да се одвои од телото и така да го усмрти техничарот. Новост претставува и вградувањето на уред за ноќна работа на шлемот на заштитната облека. Таа иновација им овозможува на EOД-техничарите поуспешно да ги детектираат експлозивните средства. Канадската заштитна облека „Med-ing EOD 9“ и шлемот „EOД 9“ и „9А“ се употребуваат како комплет. Нивната заштитна способност ги задоволува сите здравствени и безбедносни стандарди.
Друг вид на заштитна облека е „Med-ing TAC 6“. Тоа е многу лесен комплет, опремен со разни додатоци. Може да го користат противдиверзантски техничари, а најчесто e во опремата на единици кои имаат специјални оружја и тактики во високоризични ситуации (SWAT). Заштитната облека се состои од повеќе модуларни компоненти. Компонентите ги покриваат градите, рамената, абдоменот, препоните и нозете. Облеката штити од експлозија, воздушен натпритисок, пламен, шрапнели и други ефекти на експлозијата. Се користи при демонтирање на импровизирани експлозивни направи, минирани автомобили, а особено при средба со бомбаш самоубиец. Полицијата го употребува и во текот на претрес на теренот и ако постои сомневање дека криминалците зад себе оставиле експлозивни направи. И овој комплет е ергономски дизајниран – не ги отежнува движењата на рацете. Сите делови, како и целокупната облека, се контролираат, односно се врши балистичко тестирање.
„ACE“ (Advanced Clearance Ensemble) е мо­дуларнa современа облека. Составен дел е на личната заштитна опрема на војниците кои вршат деминирање, от­стра­нување на мини, неексплодирани убој­ни средства и експлозивни направи на из­не­надување, во војна и мир. Основата се состои од долна облека во вид на тренерка. На основната облека, војниците можат да додадат панталони, ракави или балистички плочи заради зголемување на нивоата на заштита на виталните делови на телото. Градите се штитат со елек кој нуди балистичка заштита, која може и да се зголеми со вметнување на балистички плочи во вградените џебови. Таа опрема може лесно да се облече и соблече. Всушност, „ACE“ современата облека е повеќенаменска заштитна платформа погодна за работа во средини каде постои опасност од експлозивни средства и направи. Изработена е од лесен материјал, покомфорна е во однос на волуменозниот заштитен скафандер и нуди заштита од фраг­менти од експлозивните направи. Со целата површина го штити војниковото торзо.
„LDE“ (Lightweight Demining Ensemble) е модуларна облека која обезбедува балансирана заштита од експлозија на противпешадиските мини. „LDE“ му овозможува на пиротехничарот пријатна работа во различни климатски услови, без потреба од опрема за ладење на телото. И ова облека е модуларна, така што пиротехничарот може многу бргу да го замени секој дел на заштитната облека во однос на задачата и условите во кои ја извршува. Стандарднaта „LDE“ облека ја сочинува престилка (која се разликува од деминерската престилка) и панталони. Подобрена е заштитата на градите и препоните. Покрај тоа, може да се користи и балистичка плоча, која се интегрира со визирите „Med-ing VBS-250“ или „VBS-450“, како и со „LDH“ шлемот, за континуирана заштита на горниот дел на телото, вратот и главата. И оваа облека е направена од лесен материјал, па ја олеснува работата во сложени услови, намалувајќи го топлотниот стрес и замор. Плочата за препоните овозможува и клечење во текот на работата, а панталоните ги штитат бутините. Деминерската престилка обез­бедува лесна фронтална заштита од експлозии на противпешадиски мини. Се упо­требува при вршење на работи на деминирање во текот на подолго време, без за­грозување на личната безбедност. Вообичаено е да се употребува при проверка на земјиштето, геодетското обележување на минското поле, при проаѓање низ грмушки и погуста вегетација, при детекција на мини, ископување и други активности. Престилката обезбедува само фронтална заштита, од јаката до рамената, ги штити градите, препоните и бутините. Проблемот на заштита на рацете на пиротехничарите, деминерите или лицата кои работат на онеспособување или отстранување на експлозивни направи е многу сложен. Особено е сложена заштитата на прстите и дланката. При деминирање се користат „OHP 100“ заштитник за рацете и „CHP 100“-заштитник. Тие му овозможуваат на пиротехничарот лесно да ги употребува алатките или детекторите. Заштитата на нозете, покрај дебелиот ѓон на минерските обувки, опфаќа и систем за заштита на стапалата, наречен „Пајак”. Станува збор за додаток за обувките, а го користат пиротехничарите при детекција на мини и при деминирање на противпешадиско минско поле. Тој додаток е изработен така што ги штити стапалата на деминерот од експлозија на противпешадиска мина. Може да се носи речиси на секој терен, а особено при извидување на минско поле, а и за помош при извлекување на настрадани во минско поле. Пајак-стапалото при експлозија на мината ја подига ногата и така овозможува енергијата и фрагментите да се разминат и да се насочат подалеку од стапалото. Телото на тој додаток, како и заштитниците за нозете, го апсорбираат преостанатиот дел од енергијата на експлозијата и фрагментите, со цел силата на експлозијата да не предизвикал сериозни повреди на екстремитетите. За заштита во услови на работа на контаминирано земјиште се користи и лична АБХ-заштитна опрема, со која се штитат респираторните органи.

Александар Стојчевски

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail