„Гласници на ветрот“ Филм за индијанските воени криптографи

Windtalkers4

Режија: John Woo
Улоги: Nicolas Cage, Adam Beach, Peter Stormare, Noah Emmerich, Frances O’Connor
Сценарио: John Rice, Joe Batteer
Земја: САД
Година: 2002
Времетраење: 134 минути
Награди: Номинација за наградите „Хери“, една освоена награда „Таурус“ и две номинации на Светските награди за каскадери

„Гласници на ветрот“ (анг. Windtalkers) е филм за кодниот јазик „навахо“ за радиокомуникација, развиен во екот на Втората светска војна со кој биле пренесувани важни пораки меѓу трупите на американската војска. Со него се запознаваме преку двајцата криптографи, Чарли Вајтхорс и Бен Јази, кои се вклучуваат во редовите на маринците, во специјална тренинг-програма на војската за оспособување на воени шифранти (криптографи) на пораки. Со влегувањето во редовите на американската војска, овие двајца Индијанци се соочуваат со свет кој им бил дотогаш непознат, свет на зло, крв, на непочитување на човечкиот живот. За нив, тој свет е многу различен од мирната средина на кој навикнале живеејќи релативно изолиран живот во резерватот во Аризона, живот кој тече по други правила и морални норми. Станувајќи дел од армијата, ќе научат дека линијата меѓу пријателите и непријателите понекогаш може да биде и невидлива и дека во војна човек лесно може да ја загуби својата душа.
Заштита на кодот – врвен приоритет
Откако Џон Ендерс (Николас Кејџ) преживува фатален напад од страна на јапонската империјалистичка војска, во која е убиен целиот негов одред, тој е испратен во воена болница на Хаваи за да закрепне од повредите и траумите. Но, додека неговото физичко закрепнување напредува од ден за ден, психичката траума го потсетува секојдневно дека тој е виновен за смртта на неговите пријатели – маринци, кога наспроти нивните очајнички молби упатени кон него да не ги праќа во сигурна смрт, тој одлучува да ги следи наредбите кои му се дадени. Носејќи ги на совест, Ендерс инсистира веднаш да се врати на бојното поле, барајќи спас, искупување на гревовите или можеби казна. Овојпат му е доделена важна задача: да го штити кодот преку грижата за навахо-криптографот на пораки, Бен Јази. Негодувањето на Ендерс поради неговата „бебиситерска“ улога брзо преминува во друг тип на незадоволство кога е информиран дека заштитата на кодот подразбира првенствено да не дозволи да биде повреден или убиен криптографот кој е под негова заштита. Но, доколку постои опасност Бен Јази да биде жив заробен од непријателски војници, Ендерс ќе мора да го спречи тоа по секоја цена, дури и ако треба сам да го убие навахо-маринецот. Доколку некој од шифрантите биде заробен, тоа би значело загрозување на кодот.
Иако Ендерс, имајќи ги предвид фактите, се обидува да одржи дистанца од Јази, Индијанецот не му дозволува со неговата дружељубивост, топлина и добродушност. Спротивно на неговото инсистирање, пријателството меѓу двајцата почнува да се создава, а со тоа расте и проблемот на Ендерс: Што ако дојде до ситуација да биде загрозен кодниот јазик и да треба да го убие Бен Јази?
Неизбежен дел од филмот е секако и расната дискриминација. Не само што Јази и Вајтхорс се третирани од други војници како маринци од втор ред и исмевани поради нивното потекло на кои самите се горди, туку таа сегрегација се гледа и во случајот на воените признанија. Ендерс и Јази успеваат да спасат многу маринци заедно, но само Ендерс е одликуван од страна на претпоставените, а придонесот на Индијанецот е игнориран.
Со различните ситуации кои се развиваат, се испреплетуваат пријателството, предавството, должноста, стравот, посветеноста, жртвувањето. А во тие ситуации, ликовите ги откриваат и нивните вистински лица и намери, како и мотивите за нивните постапки. Дали заштитата на кодот е поважна од човечкиот живот? Џон Ендерс мора да ја употреби неговата морална терезија и да донесе правилна одлука пред да биде доцна. Дали и овојпат ќе ги следи наредбите или ќе се искупи за гревовите кои ги има на својата совест?
Кодниот јазик навахо
Зошто токму навахо-јазикот бил користен во Втората светска војна како кодиран јазик за комуникација меѓу маринците? Одговорот е – бидејќи било многу тешко да биде пробиен. Јазикот во тоа време бил непишан јазик со комплексна граматика и бил неразбирлив дури и за познавачите на другите сродни јазици. Неговата синтакса, тоналитет и дијалекти го правеле далечен за секој кој не го изучувал долго и темелно. Од друга страна, јазикот се зборувал само на ограничено подрачје, во резерватот на овој народ во централна Америка, што резултирало помалку од 30 луѓе надвор од навахо-заедницата да го разбираат јазикот. Така бил создаден нов коден говор врз основа на говорот на домородното население и била создадена кодна книга, специјално за тренинг на регрутираните навахо-шифранти, книга која не смеела да излезе од училниците или да биде однесена на бојното поле. Предноста на овој криптографски систем била во тоа што за помалку од 20 секунди се пренесувала порака, наспроти машинските кодирања кои траеле и по половина час за шифрирање и дешифрирање, а дополнително на ова, шифрантите го правеле тоа без грешка. Самите зборувачи не знаеле суштински каква порака пренесувале, бидејќи добивале сегментирани и неповрзани зборови. Говорот имал и дополнителна заштита која го правела нелогичен за останатите навахо-припадници кои не биле специјално тренирани како кодификатори. Поради тоа кодот никогаш не бил пробиен од јапонската империјалистичка војска. Неговата употреба се вреднува како исклучително корисна и клучна за добивање на многу пацифички битки во Втората светска војна, вклучувајќи ја и познатата битка на Иво Џима. Надополнет и доусовршен, се користел и во Корејската и во Виетнамската војна.
Балансиран филм со врвна екипа
„Гласници на ветрот“ нуди одлична балансираност на сцените со интензивна акција и сцените со елементи на драма. Битките меѓу маринците и јапонските сили се прикажани во непрекинато времетраење и по повеќе од десет минути на континуирана акција. Сепак, должината на овие сцени е успешно надмината со динамичен развој на борбите, како и разбиена со крупни кадри на фацијалните изрази на војниците, со што недвосмислено се регистрира и се пренесува нивната емотивна состојба и реакција. Со тоа се избегнува вообичаениот хаос кој се создава во ваквите воени филмови и наместо да го збуни, го спроведува гледачот низ дејството, задржувајќи ја постојано неговата присутност. Филмот е преполн со детали во визуелниот и аудитивниот сегмент, кои заедно создаваат едно комплетно патување низ приказната кое во ниеден момент нема да ја направи публиката жртва на здодевност.
„Гласници на ветрот“ може да се нарече целосно „американски“ филм. Јапонската војска не добива директна презентација во филмот и ние не ја запознаваме одблиску, туку нејзината појава е во функција на присуство на „другиот“, односно непријателот. Актерската игра е водена од истакнати актери од А-класата на големото холивудско друштво, додека, пак, музичката поддршка е на Џејмс Хорнер, со неговиот препознатлив композициски стил. Режијата е на Џон Ву, кој има богато 40-годишно искуство во создавањето на успешни воени драми, акции, трилери. Оваа екипа е гаранција дека станува збор за филмско парче кое има забележливи квалитети.
Тематиката на „Гласници на ветрот“ е ретко обработувана во филмскиот свет, но е мошне интересна, особено за оние кои сакаат да продрат подлабоко зад самите военоисториски настани и да научат повеќе за воените методи, тактики и средства. Многу веројатно, филмот ќе биде и инспирација за оние кои ќе го погледнат, да прочитаат и да научат повеќе за кодните јазици, за логиката и за триковите на успешност на кои почива современата воена комуникација.

Елена Ѓорѓиевска

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail