Во посета на Регионалниот центар за обука за односи со јавноста

Во рамките на посетата на Министерството за одбрана на Република Македонија, амбасадорот Тачан Илден, помошник-генерален секретар на НАТО за јавна дипломатија, го посети Регионалниот центар за обука за односи со јавноста, при што беше запознаен со сите можности што ги нуди и активностите што ги реализира овој значаен НАТО-центар за обука.

Помошникот генерален секретар на НАТО за јавна дипломатија, амбасадорот Тачан Илдем, престојуваше во дводневна посета на Република Македонија, остварувајќи значајни средби со премиерот на Република Македонија Зоран Заев, со претседателот на Собранието Талат Џафери, со министерот за надворешни работи Никола Димитров. Во фокусот на сите средби и разговори беше интеграцијата на Република Македонија во НАТО-aлијансата. Во рамките на посетата беше остварена средба и со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, а амбасадорот Илден беше посебно заинтересиран да го посети и единствениот НАТО-сертифициран центар за обука за односи со јавноста, кој се наоѓа во Република Македонија како организациона единица во рамките на Секторот за комуникации, аналитика и оперативна поддршка во Министерството за одбрана –PARC.

Плодната комуникација со министерката за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска беше во знакот на НАТО интеграциите на Р . Македонија и севкупниот ангажман што АРМ го има во конструкцијата на тој процес и непроценливата улога што ја има во НАТО мисиите како главна интегрална алатка што треба конечно да нè внесе во НАТО. На средбата со амбасадорот Илден министерката Радмила Шекеринска посочи дека членството во НАТО претставува стратешка определба на Република Македонија, која има висока поддршка од граѓаните на Македонија. „Зачленувањето на Македонија во НАТО ќе биде дополнителен импулс за безбедноста и стабилноста на Регионот“, рече Шекеринска и потенцираше дека Македонија е фокусирана да ги спроведе реформите согласно насоките од Варшавскиот самит на Алијансата, кои подразбираат напредок во владеењето на правото, слобода на медиумите, унапредување на човековите права и професионални институции. Во однос на политиката за добрососедски односи, Шекеринска изјави дека Владата на Република Македонија веќе покажа дека политиката на добрососедство е еден од главните приоритети и дека Владата е подготвена да ги решава прашањата кои се отворени, а не само да ги набројува и користи како изговори.

Помошникот генерален секретар Илдем силно ги охрабри напорите на новата реформска влада за спроведување на реформите потребни за членство на Македонија во Европската унија и во НАТО. Тој потенцираше дека се очекуваат конкретни резултати согласно препораките на НАТО од Самитот во Варшава и изрази поддршка за реформскиот капацитет на Владата.

При посетата на Регионалниот центар за обука за односи со јавност – PARC, амбасадорот Тачан Илдем го изрази јавно своето задоволство од престојот во оваа институција, притоа истакнувајќи дека е комплетно запознаен со сите карактеристики на центарот и дека ја оценува неговата намена како важна во едукацијата на припадници од НАТО и партнерските армии, во сферата на односите со јавноста. На истиот настан во своето обраќање заменик-министерот за одбрана на Република Македонија, Беким Максути исто така говореше за компетенциите на Регионалниот центар за односи со јавност, изразувајќи надеж дека истиот и во иднина на најдобар можен начин ќе ги артикулира потребите на НАТО армиите овде да се стекнуваат нови знаења кои ќе помогнат околу многу теми. „Со понудата на овој значаен капацитет, на сите земји-членки на НАТО и партнерите, ние праќаме силен сигнал дека Македонија е подготвена да помогне и да даде поддршка на НАТО, не само во меѓународните мировни мисии и операции, туку и во области како односите со јавноста“, заклучи Максути.

Раководителката на Секторот за комуникација, аналитика и оперативна поддршка Габријела Ѓорѓевиќ, преку издржана презентација во детали го запозна високиот гостин од НАТО, амбасадорот Тачан Илдем, со сите перформанси кои ги има овој тренинг-центар, неговите досегашни активности, како и програмските потенцијали и наредни случувања на кои Регионалниот центар за комуникации ќе се најде како домаќин и и неговите услуги ќе бидат користени од нови слушатели.

Ова беше навистина висока посета на една делегација на НАТО на Регионалниот центар за обука за односи со јавноста, при што мошне е значајно што амбасадорот Илден на лице место беше запознаен со сите можности што ги нуди и активностите што ги реализира Регионалниот тренинг центар за односи со јавноста. Амбасадорот Илден беше запознаен со сите капацитети и перформанси на овој значаен НАТО центар во кој се обучуваат цивилни лица и воен персонал од НАТО земјите, од земјите партнери, од земјите од Истанбулската иницијатива и Медитеранскиот дијалог. На настанот присуствуваа и амбасадорката на Р Хрватска во нашата земја, Даниела Баришиќ, како и претставници на Владата на Р Македонија на Министерството за надворешни работи на Р. Македонија, што само го потврдува значењето на односите со јавноста во рамките на севкупната стратегијата на НАТО.

Митко Василевски

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail