Видови и цели на нерегуларното војување

Кога нерегуларното војување е одбрано како инструмент за индиректно дејствување, примарниот ефект е повеќе психолошки отколку физички. Главната намера не е одлучна победа над противникот туку истиот да биде „изманевриран“. Така, секој што ќе го одбере нерегуларното војување ќе има за цел да ги прикаже сопствените политички цели да изгледаат како историски неопходни, неизбежни, и очигледни за противникот

Некои аналитичари тврдат дека најголем број на групите го присвојуваат нерегуларното војување токму затоа што други, порешителни форми на политичко насилство не им се достапни. Други пак, имаат поинаков пристап и поаѓаат од ерата на модерните вооружени системи, каде што бунтовниците не само што имаат потешкотии да набават или поседуваат тешко вооружување (тенкови, авиони) туку имаат потреба и од обука за да ги употребат истите

Последните неколку децении го претворија ова војување во високо специјализирана уметност на војување, па така воените планери можат навремено и однапред да се подготват за мали или ограничени војни. Герилците и специјалните единици имаат слични приоди во водењето војна, како што се уништувањето, демолирањето и заседите извршени многу често во облека слична на локалното население

За да се дојде до покомпактно објаснување што претставува нерегуларно војување во практиката најчесто се определуваат пет категории на нерегуларното војување. Првата категорија е „coup d’état“ или воен преврат кој се фокусира на освојување на власта, доколку е можно со мало крвопролевање и во тајност како многу важен фактор. Најчесто главна цел е да се смени националната политика или да се исклучат етничките или религиозните политики. Втората е тероризмот, кој напаѓа сè што е поврзано со владите (населението, војската, полицијата, зградите, итн.), користејќи ги ограничените ресурси за сеење страв, многу често емитуван во медиумите. Терористите се обидуваат да ја убедат спротивната јавност дека ризикот и цената на конфликтот не вредат колку моменталните и потенцијалните цени во иднина. Третата категорије е револуција. Слично како воениот преврат, револуцијата има за цел рушење на власта. Таа има два клучни фактора: организатори и незадоволно и потлачено население. Организаторите агитираат против власта и ја подигаат свеста на потлачените. Во соодветно време, критична маса на население ќе ги надвладее безбедносните елементи на режимот и ќе им овозможи на организаторите за ја преземат власта. Четвртата категорија е граѓанската војна. Тука, борбата помеѓу спротивставените страни се води на одредена територија за добивање на контрола и признавање со цел остварување на легитимитет за владеење со државата. Петтата категорија е бунтовништвото. Тоа споделува некои карактеристики на претходните категории. Клучни фактори се едукација и организација на населението против постојниот режим или развој на „влада во сенка“. Сепак постои суштинска разлика помеѓу револуцијата и бунтовништвото. Бунтовниците можат да го заплашуваат, присилуваат или да го тероризираат населението за да добијат поддршка. Тие исто така регрутираат членство од локалното население и ги убедуваат жителите дека власта не е во состојба да владее на нивната територија и дека е многу подобро за народот е пасивно или активно да ги поддржат бунтовниците. Оваа форма на нерегуларно војување можеби е најфлексибилна, затоа што територијалниот пораз на бунтовничките сили не значи дека војната е завршена. Бунтовниците се мешаат со населението и колку и да е стабилен режимот, овие членови можат на направат големи штети, па заканата од бунтовниците останува и понатаму.
Според некои аналитичари, револуцијата и граѓанската војна не се категории на нерегуларното војување, туку нерегуларното војување е инструмент за водење на ваков вид војување. И покрај тоа што нерегуларното војување може да биде категоризирано во различни форми или да се именува како инструмент на војувањето, главната поента е во тоа дека кога некоја група или организација ќе одбере да користи нерегуларно војување најверојатно и недостигаат способности како конвенционални ресурси, нуклеарни капацитети, или немаат финансиска поддршка и затоа не може да си обезбедат голема и моќна војска.
Цели на модерното нерегуларно војување
Кога нерегуларното војување е одбрано како инструмент за индиректно дејствување, примарниот ефект е повеќе психолошки отколку физички. Главната намера не е одлучна победа над противникот туку истиот да биде „изманевриран“. Така, секој што ќе го одбере нерегуларното војување ќе има за цел да ги прикаже сопствените политички цели да изгледаат како историски неопходни, неизбежни, и очигледни за противникот. Очигледно дека со освојувањето на теренот на противникот или поседувањето на клучните и одлучните точки војната не е добиена. Постојат многу примери во историјата кои укажуваат на тоа дека конечниот пораз на непријателот не бил постигнат сè додека не била скршена неговата желба и мотивираност. Така, Лоренс од Aрабија не ги поддржувал идеите за водење одлучна битка. Негова стратегиска цел било да ја открие слабата алка во редовите на турската армија и притискајќи ја само неа, со тек на времето, масата војници да се распадне. Задача на арапската армија била да воведе колку е можно подолготрајна пасивна одбрана и максимално да го прошири фронтот. Неизбежно се поставува прашањето зошто токму нерегуларно војување. Многу групи или организации кои одбрале да поведат нерегуларно војување не го направиле тоа затоа што овој потенцијално опасен животен стил им бил атрактивен. За да избегнат непотребно долготрајно војување, бунтовничките лидери би сакале да поседуваат софистицирано конвенционално вооружување па дури и нуклеарни средства. Така, некои аналитичари тврдат дека најголем број на групите го присвојуваат нерегуларното војување токму затоа што други, порешителни форми на политичко насилство не им се достапни. Други пак, имаат поинаков пристап и поаѓаат од ерата на модерните вооружени системи, каде што бунтовниците не само што имаат потешкотии да набават или поседуваат тешко вооружување (тенкови, авиони) туку имаат потреба и од обука за да ги употребат истите. Во однос на супериорноста на регуларните сили која не може да се компензира, цивилните бунтовници кои немаат поголеми единици, без оглед на храброста и желбата за жртвување, немаат реална шанса да ги остварат своите цели во отворена борба. Во вакви услови, единствениот пат до успехот кој и понатака останува достапен е нерегуларното војување.
Како нерегуларното војување може да се искористи во одбранбената стратегија
По Првата светска војна, модерното меѓународно право го надмина класичното меѓународно право. Еден од двата исклучока на забраната на употребата на вооружени сили е правото на војна во самоодбрана каде што државата која е нападната без никаква провокација, поведува војна со цел да си го одбрани суверенитетот. Најверојатно, мала и слаба држава која е нападната од многу помоќен непријател, ќе биде способна да се бори против напаѓачот само со нерегуларни средства. Во вакви услови, нерегуларното војување станува „дозволено“, но активностите и тактиките користени за време на борбата се збунувачки и само делумно покриени со правилата за војување. Меѓународното право и стратегијата се меѓусебно поврзани и меѓузависни. Со овој „легитимен“ меѓународен став, мала држава ќе може намерно и наменски да планира нерегуларен столб во својата одбранбена стратегија. Според одредени аналитичари, воената стратегија не е по секоја цена стратегија за војување. Вистинската уметност на воената стратегија е да се постигне посакуваната политичката цел без војна – со едноставна демонстрација на воената моќ. Очигледно, ваквата стратегија нема да го заплаши посилниот непријател, но ќе претставува опасност во време и простор за напаѓачот. Како пример многу често се зема демонстрацијата на нерегуларните способности на СФРЈ во 1970-те. Со цел да ги обесхрабри политичките закани од Советскиот Сојуз и евентуалниот напад, јасно става до знаење дека окупацијата ќе има сериозни последици и дека цената која треба да се плати ќе биде многу висока, дека ќе биде крвава и долготрајна. Новата југословенска доктрина на општонародна одбрана (ОНО) била составена од три главни столба. Конвенционалните сили (ЈНА) би развила одбрана со цел да се забави движењето на непријателот по копно, воздух и вода и потоа ќе се повлече за да избегне фронтални борби. Непријателот би бил блокиран на крилата и нападнат од заднина од страна на нерегуларни сили и сили на територијалната одбрана (ТО). Конечно, окупаторот ќе се соочи со целосен отпор од локалното население. Покрај фактот што оваа концепција на општо народна одбрана не претставува чист пример на воено заплашување, таа има многу слична функција.
До сега не е познат пример на тоа герилски тип на војување да биде поведен и герилците да се супериорни во однос на непријателот, туку герилците секогаш биле многукратно послаби. Понатака, герилците многу ретко биле подобро обучени и оспособени во однос на своите конвенционални противници. Герилското војување ќе има поголем бенефит од мали добро обучени елитни формации отколку од големи масивни маневри. Последните неколку децении го претворија ова војување во високо специјализирана уметност на војување, па така воените планери можат навремено и однапред да се подготват за мали или ограничени војни. Герилците и специјалните единици имаат слични приоди во водењето војна, како што се уништувањето, демолирањето и заседите извршени многу често во облека слична на локалното население. Герилците исто така имаат вешти борци како што се полуголите Виетнамци кои се пробиваат низ густи огради со жица, опремени со експлозив со цел да нападнат командно место, или палестински снајперисти кои имаат за цел да елиминираат политички личности, но сепак овие примери не се причина за нивниот успех. Некои аналитичари донеле заклучоци за односот помеѓу герилските сили и силите за специјални операции и за тоа како воените планери би можеле да почнат да размислуваат за тоа како герилските акции можат да се вреднуваат како акции за поефикасен начин на одбрана. Специјалните операции се слични со герилското војување во моменти кога експерти пристигнуваат како водачи и лидери во конфликт кој до тогаш бил само локален. Тие можат да служат како советници или борбени лидери кои го мобилизираат локалното население против заеднички непријател. Конечно, како герилците стануваат сè повеќе професионални, сè повеќе професионални војници се борат со герилски техники, и ниту една страна нема монопол на овој начин на војување.
Нерегуларното војување е карактеристично по својата динамика и го обликуваат неколку фактори: општествени, технолошки и средината во која се изведува. При водењето на војна со нерегуларни методи, овие фактори треба да бидат прифатени за да се постигне ефикасност во надминувањето на воената и организациската слабост. Герилците не се принудени да користат однапред одредени средства или методи, туку треба да пронајдат нивна најцелисходна употреба во своето непосредно окружување. Прашањето за тоа кои се неопходно потребните услови за успешно водење на нерегуларно војување е одговорено многу одамна. И покрај временската разлика од неколку века, и Клаузевиц и Камбренсис дошле до многу слични заклучоци за тоа кои се условите за водење на успешно герилско војување. Тоа се: непристапен и непрооден или тешкопрооден терен, стратегиски во одбрана но со иницијатива на тактичко ниво, достапност на материјали, и огромна важност на моралот. Секако дека горенаведените услови не ја исполнуваат комплетната листа на услови за успешно герилско војување, но без сомнение ги претставуваат темелите на ова војување. За да се разберат, секој услов треба детаљно да се анализира, да се одредат нивните карактеристики и да се дојде до заклучок како истите влијаеле врз конечниот резултат на борбите.

м-р Атанас Пановски

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail