ВЕЛЕС ВО СРЦЕТО НА МАКЕДОНИЈА

DSC00192Велес се наоѓа во средишниот дел на Македонија, на бреговите на реката Вардар. Градот има мошне поволна географска положба, бидејќи е крстопат на меѓународни патни и железнички правци и е eден од поглавните транзитни центри. Низ историјата се нарекувал со различни имиња,од кои три најмногу се користени. Од самото основање на градот се нарекувал Вила Зора, за време на отоманското владеење се нарекувал Ќупурли, што значи град на мостови, а подоцна го добил името Велес, име кое е задржано до ден-денес. Во времето на СФРЈ градот ја носи додавката Титов, и се нарекува Титов Велес, во чест на Јосип Броз Тито.
Велес како населба постоел од 168 година пред новата ера и се наоѓал нешто поисточно од денешната ло­кација. Бидејќи градот има стратешка позиција, честопати бил цел на разни странски инвазии и окупации и бил дел од различни балкански кралства и држави.
Велес е значаен по големиот број македонски преродбеници, револуционери, писатели и поети. Градот е лулка на македонската култура, карактеритичен по својата типична велешка староградска архитектура.
Во предримско и римско време ридот Кале на денешниот јужен излез од Велес бил избран како позиција за изградба на важна тврдина која служела за заштита на градот и во средниот век. Во центарот на акрополата се пронајдени темели на еднокорабна црква. Првиот откриен доказ за градот е големата бронза на императорот Гордијан, искована во 241 година. За постоење на градот во 4 и 5 век сведочат монетите на Теодосиј Први.

ЦРКВАТА „СВЕТИ ВЕЛИКОМАЧЕНИК ПАН­ТЕ­ЛЕЈМОН“ се смета за еден од бисерите на сакралната архитектура на Балканот. Во 1840 година, под ридот Вршник, високо над градот ја изградил големиот македонски и балкански градител на цркви, познатиот Андреја Дамјанов со својата тајфа, кој е родум од селото Папрадиште, Велешко. Црквата е позната по прекрасната акустика и се споредува со Миланската скала. Акустиката е добиена како резултат на вградувањето на грнчарските производи во ѕидовите, како и користењето на лушпи од јајца во ѕидовите. Во 2009 година Свети Пантелејмон е прогласен за светец, заштитник на градот Велес.

МАНАСТИРОТ „СВЕТИ ДИМИТРИЈА е сместен на околу два километри јуж­но од Велес.Тој бил изграден во 14 век и затрупан за време на османлиското владеење од месното население кое сакало да го заштити од негово уништување. Манастирот е посветен на Пресвета Богородица, а бил затрупан 469 години. Неговиот денешен изглед датира од 1855 година. При раскопувањето на манастирот откриен е споменик на камена-плоча која датира од 14 век. Манастирот го слави празникот Источен Петок – Балаклија, посветен на Пресвета Бо­городица, и тоа секој прв четврток наспроти петок, една седмица по Велигден. Секоја година велешани и жителите на околните населени места масовно го посетуваат и палат свеќи за здравје.

СААТ-КУЛАТА ВО ВЕЛЕС е изградена во првата половина на 16 век и се наоѓа во центарот на градот. За време на градењето служела како набљудувачница за отоманските власти. Кон крајот на 18 век, во периодот на преродбата во Велес,кулата била претворена во градски саат. Оттогаш, камбанаријата на саатот, па сè до ден-денес е постојан потсетник за времето на граѓаните на Велес. Саат-кулата е симбол на градот и ја има и на грбот и на знамето на Велес.

ВЕЛЕШКИТЕ СТАРОГРАДСКИ КУЌИ – БИСЕРИ НА МАКЕДОНСКАТА И БАЛ­КАНСКА АРХИТЕКТУРА
Во Велес има повеќе староградскки куќи кои пленат со својата надворешна и внатрешна убавина. Куќата на семејството Касапови, попозната како „куќата што лебди“ е единстевена во Македонија и пошироко. Изградена е на карпа и се добива впечаток дека лебди, а пред некоја година целосна е реновирана.Тука се и куќите на познатите дејци, кои денес се претворени во спомен-куќи (музеи): куќата на Васил Главинов, на Јордан Хаџи Константинов-Џинот, на Васил Главинов, куќата на поетот и револуционер Кочо Рацин и други. На левата страна од градот се наоѓаат стари реновирани велешки строградски куќи, односно во комплексот Варналиите. Тоа се куќите на семејствата Паунови, Тренчови, Прнарови и многу други.

СПОМЕН-КОСТУРНИЦАТА ОД НОВ
Еден од поновите споменици на Велес е Спомен-костурницата од Народноослободителната војна во која почиваат коските на борците од Велес кои загинаа за слобода на Македонија, а меѓу нив и коските на поетот и револуционер Коста Солев Рацин. Овој споменик е изграден во 1979 година во форма на афионов цвет и е дело на академскиот вајар Љубомир Денковиќ и архитектот Сава Суботин од Србија и Црна Гора. Во централниот дел, во внатрешноста е поставен симболот на слободата во форма на расцветано дрво, додека по сите страни од ѕидовите во внатрешноста е распослан најголемиот мозаичен комплекс во Македонија, дело на академскиот сликар Патар Мазев.

СПОМЕНИКОТ „КОЊАНИК“, ПОСВЕТЕН НА ВЕЛЕШКИТЕ БОРЦИ ВО ИЛИН­ДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ
Во самиот центар на градот, најнов споменик на Велес од пред десетина години е споменикот „Коњаник“, кој е посветен на велешките илинденци. Тоа се велешките војводи, учесници во ослободувањето на Крушево за време на Крушевската Република од 1903 година: Јован Наумов-Алабакот, Александар Димов-Докурчев и Тодор Христов-Офицерчето, како и на сите борци за слобода на Македонија. Монументалниот споменик, новиот симбол на Велес, е дело на младиот академски скулптор од Велес, Ангел Коруновски. Споменикот е излеан во бронза,тежок е два тони, и заедно со постаментот е висок шест метри.
Едни од најновите споменици во градот се: споменикот на славните солунски атентатори-гемиџии, поставен покрај Вардар, потоа споменикот на Панко Брашнар во новиот дел на Велес, двата споменици на поетот и револуционер Кочо Солев Рацин и други споменици на многубројните славни велешани од револуционерната борба и културното живеење на градот кој има богата историја низ вековите.

Антоанела Димитриевска

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail