Бригаден генерал Гордана Гарашиќ, заменик-директор на RACVIAC

DSC_2495Кои беа Вашите претходни работни обврски во вооружените сили и Министерството за одбрана на Република Хрватска, Вашиот развој во кариерата и искуствата во  меѓународни рамки?
– Одлуката да им се приклучам на вооружените сили ја донесов уште за време на студиите на Правниот факултет на Универзитетот во Загреб. Многу важен фактор кој ми помогна да го направам тој чекор беше тогашната војна за независност (Татковинската војна), каде сакав да дадам свој придонес.
По дипломирањето на Правниот факултет се пријавив и бев примена во Министерството за одбрана,  и тоа прво како цивилнио лице вработено во Секторот за менаџирање со персоналот. Поради моите добри резултати  ми беше понудена активна воена должност, со што започна мојата воена кариера (со основна офицерска обука). Сум служела и во Центарот за контрола на оружје, односно во Центарот за верификација, во Одделот за одбранбена политика, во Хрватското воено претставништво на НАТО/ЕУ во Брисел, Белгија. Бев назначена за шеф на Кабинетот на НГШ,  за шеф на тековни операции во Командниот центар за операции, како помошник-советник за одбрана во Кабинетот на претседателот, раководител на Секцијата за управување/менаџирање со персонал (J1) во Здружениот штаб.
Двапати имам учествувано во НАТО-операцијата за безбедносна помош –ИСАФ во Авганистан. Вториот пат  имав функција на советник за родови прашања на командантот на операцијата ИСАФ што, всушност, беше и прв пат должноста на советник за родови прашања во операцијата на НАТО да ја извршува генерал со една ѕвезда (бригаден генерал). Исто така служев и во Кабинетот на претседателот на Република Хрватска и врховен командант на хрватските вооружени сили како шеф на воената служба.
Во 2013 година дипломирав на Националниот универзитет за одбрана во Вашингтон, САД, на школата за Националната стратегија за безбедност на ресурси „Двајт Ајзенхауер“ и се здобив со титула магистер на науки за национална стратегија за ресурси.

Која е улогата и кои се  најзначајните функции на Центарот RACVIAC во безбедносната соработка и кои се Вашите надлежности како заменик-директор?
– Центарот за безбедносна соработка RACVIAC е формиран во 2000 година како верификација на Регионалниот центар за контрола на оружје и Центарот за  имплементација на помошта со цел да се обезбеди обука за контрола на оружјето и да се промовира доверба и градење на мерките за безбедност во Југоисточна Европа. Новата спогодба беше ратификувана во декември 2011 година и Центарот се стекна со статус на регионална меѓународна организација со статус на дипломатска мисија во земјата-домаќин, Хрватска. Од тогаш датира и целосното име на центарот – RACVIAC – Центар за безбедносна соработка со мисија за поттикнување на дијалогот и соработката во областа на безбедноста во Југоисточна Европа. Нашите активности ги фокусираме на трите најистакнати области (столбови): кооперативна безбедносна средина со фокус на контрола на оружјето, реформата на безбедносниот сектор и меѓународната и регионалната соработка, со фокус на евроатлантската интеграција. Мрежата за борба против оружјето за масовно уништување е додадена како многу важна област и се формираше по барање на нашите членови да се овозможи развој на националните стратегии за борба против оружјето за масовно уништување, како и за зајакнување на соработката во оваа област. Во моментов имаме 9 членови: Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Грција, Македонија, Црна Гора, Романија, Србија и Турција. Исто така, имаме 14 асоцијативни членови и 6 набљудувачи. Од октомври 2014 година, Косово* е покането да учествува на трајна основа, на сите нивоа и под еднакви услови на сите активности и состаноци.
Мојата работа како заменик-директор вклучува надзор и координација на персоналот по однос на сите прашања; одговорност за развој на предлог-програмата и за нејзиното извршување, исто така и политика за буџет и развој и процедури кои ја поддржуваат мисијата на РАКВИАК, вградените активности на вработените и ефективна поддршка на сите активности на RACVIAC.

* Овој натпис не го прејудицира статусот, и е во согласност со Резолуцијата 1244 и мислењето на МСП за декларацијата на Косово за независност (во согласност со постапките во однос на регионалната застапеност и соработка).

Колку е застапена обуката и едукацијата во врска со родовата рамноправност и родовата перспектива во годишните програми на RACVIAC?
– Во рамките на реформите во безбедносниот сектор, во областа на човековите права и родовата рамноправност, RACVIAC – Центарот за безбедносна соработка организира две активности поврзани со интеграцијата на родовата перспектива во безбедносниот сектор за регионот на Југоисточна Европа, како и во контекст на имплементацијата на Резолуцијата 1325. Првата активност е годишниот Курс за обука на обучувачи, кој се одржува заедно со Персоналното одделение/единица на Генералштабот на вооружените сили на Република Хрватска и нордискиот Центар за родови прашања во воените операции (NCGM). Наставните програми за Родова обука на обучувачи (GToT) се изработени врз основа на образецот/модел од NCGM, сертифициран од страна на НАТО, кој  постојано се подобрува во согласност со научените лекции и потребите на Југоисточниот регион. Оваа двонеделна обука подготвува инструктори и тренери кои ќе можат самостојно да планираат и да спроведуваат обуки и едукација пред распоредувањето во мисија за војници, единици и поединци во однос на родовите перспективи во воени операции. Содржината е применлива, како за национални така и за меѓународни обуки и едукација на вооружените сили и организации од доменот на одбраната, а учесниците се стекнуваат со знаења за тоа како да се интегрира родовата перспектива во специфична обука за мисија, но и во националната основна обука.
Втората активност е годишната конференција на тема „Родовата перспектива и безбедносниот сектор во Југоисточна Европа». Со оваа активност, и тоа уште од 2012 година, продолжуваме да овозможуваме процес на вмрежување во Југоисточна Европа во однос на „националните фокусни точки за родови прашања“, потполно поддржувајќи ги постоечките напори за родова еднаквост, пред сè во контекст на современите безбедносни предизвици за Европа и пошироко. Цели на конференцијата вообичаено се: тековниот напредок во спроведувањето на Резолуцијата 1325 и соодветните резолуции во земјите кои учествуваат во RACVIAC; организирање експертски форум за соодветната тема и за поддршка на професионален развој за двете клучни професионални групи кои се директно или индиректно вклучени во спроведувањето на национален акционен план (национални централни/фокални точки и инструктори за родови  прашања).  Планирано е во текот на следната година оваа конференција да се одржи под наслов „Разновидност и инклузија во безбедносниот сектор“, а целна група е клучното раководство.

Една од главните цели на Вашата неодамнешна посета на Министерството за одбрана на Република Македонија беше во врска со заедничкиот проект во рамките на центарот RACVIAC. За каков проект станува збор, кога и како ќе биде реализиран?
– Во текот на 2017 година, поточно на почетокот на март, во Македонија, како земја-домаќин ќе се одржи една од позначајните активности според извештајот за безбедносниот сектор во вид на семинар насловен како „Гранична безбедност и управување“. Целта на овој заеднички проект е да се продолжи со решавање на предизвиците на граничната безбедност и управувањето, да се идентификуваат тековните и идните предизвици и да се поддржи спроведувањето на Концептот за безбедност и управување на границата на земјите-членки на ОБСЕ во регионот на Југоисточна Европа. Семинарот ќе се фокусира на зајакнување на капацитетите за градење и на евроинтегративните процеси во Југоисточна Европа. Во тој контекст, многу е важно дека сите ние имаме заеднички став како да започнеме да ги решаваме современите проблеми и закани со дијалог и соработка. Јас би сакала да ја искористам оваа прилика за да му се заблагодарам на македонското Министерство за одбрана за поддршката и подготвеноста да биде домаќин на оваа важна активност.

Колку е значајна регионалната соработка и како ја оценувате соработката со Министерството за одбрана на Република Македонија?
– Регионалната соработка е многу важна, бидејќи заканите со кои се соочуваме ниту една земја не може да ги реши сама. Почнувајќи од тероризмот, борбата против оружјето за масовно уништување (контрола на оружје), нелегалната миграција, трговијата со луѓе, шверц на оружје, сајбер-хибридни закани и други видови закани, регионалната соработка е уште поважна бидејќи секој регион има свои специфики.
Соработката со Министерството за одбрана е многу добра. Македонија е земја-членка на RACVIAC – Центарот за безбедносна соработка и активно придонесува за сите активности, почнувајќи од буџет, персонал а, меѓу другото, е и домаќин на активности.
Ние, исто така, имаме потпишано и Меморандум за соработка со Воената академија, со цел директна размена на кадри, размена на публикации и информации во области од заеднички интерес и развој и спроведување на заеднички семинари и конференции. Една од областите каде што имаме многу добра соработка е сајбер-безбедноста.

Како ја гледате иднината на RACVIAC и воопшто, регионалната соработка помеѓу земјите на Југоисточна Европа и пошироко?
– Сметам дека важноста на Центарот за безбедносна соработка RACVIAC ќе продолжи да расте, бидејќи регионалната соработка нема друга опција. Предизвиците со кои се соочуваме не може да се надминат како индивидуална земја, односно клучот е во соработката и градењето меѓусебна доверба. Мора да се нагласи дека RACVIAC е единствената регионална организација во Југоисточна Европа која се занимава со прашања од областа на безбедноста, така што значењето да продолжиме со работа и да го поттикнуваме дијалогот за безбедност нема да се намали. Во случај, а се надевам дека ќе биде така, сите земји од Југоисточна Европа да станат членки на евроатлантските организации (ЕУ и НАТО), улогата на регионалните организации ќе биде уште позначајна, бидејќи секој регион има свои прашања и специфики.

д-р Жанет Ристоска

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail