БЕЛА ВОДА – ПРИВЛЕЧЕН ТУРИСТИЧКИ ЦЕНТАР

10659142_28545515164764Сите ние постојано велиме дека Македонија е прекрасна, но голем број од нас, всушност, не ја виделе таа убавина со свои очи. Затоа треба да се искористи секој слободен момент и убавото време и да се организира незаборавна еднодневна екскурзија или еден викенд за нас и за нашите најблиски на место каде што не сме биле никогаш досега. На тој начин барем малку подобро ќе ја запознаеме Македонија и со сигурност ќе имаме убаво искуство кое долго ќе го паметиме. Можеме да одбереме помеѓу водопадите, убавите манастири и цркви, културно-историските знаменитости и други убавини што ги нуди нашата земја.
Планини, реки, снег, чист воздух и вкусна храна. Македонија изобилува со понуда за сечиј вкус за туристите во сите сезони. Освен етаблираните зимски центри, во последно време сè повеќе атрактивни се и досега недопрените предели и алтернативни дестинации кои се прекрасни и полни со убавини.
Таква е и месноста Бела Вода, скриена зад околните ритчиња од Малешевијата, богата со реки и чист воздух. Поминувајќи покрај популарната викенд-населба Суви Лаки, по само 5 километри возење кон Берово, се открива овој центар кој е уште една од многуте убави македонски дестинации. Гостите, коишто често ја посетуваат оваа населба, велат дека државата има богата туристичка понуда, но потребна е поголема промоција и инвестиции.
Оваа туристичка населба, Суви Лаки, која веќе личи на мало гратче, е на беровска територија, на 20-тина километри од Берово и на 30-тина километри од Струмица. Струмичани на шега велат дека им ја окупирале на беровци зашто преку лето овде  е за десет степени пониска температурата од Струмица, што претставува спас од горештините и е идеално место за одмор. Жителите на Берово велат дека немаат ништо против таа окупација и сметаат дека таа ќе придонесе за побрз развој на туризмот и во тој дел на Малешевијата. Населбата Суви Лаки е долга 3,5 километри и зафаќа површина од 80 хектари.
Туристичката населба Суви Лаки, која е комплетно урбанизирана во 1978 година,  има 500 викендички, 2 детски одморалишта и предвидена е можност за градба на уште стотина викенд и комерцијални објекти. Поради големата популарност на населбата, за потребите на туристите била изградена црквата „Св. Кирил и Методиј“.
Во месноста Бела Вода се изградени стотици викендички последнава деценија, во високата борова и букова шума на границата меѓу Малешевските Планини и Огражден.
За празниците таму е преполно, со мирис на скара и музика од сите страни. Во овој  комплекс со неколку викенд-куќи за изнајмување, туристите може да уживаат и во јавање на неколкуте мустанзи, кои се дел од понудата.
Од југоисточниот и источниот планински регион размислуваат заеднички да градат авантуристички парк со пешачки патеки на Огражден кај локалитетот Суви Лаки.
Со изградбата на новиот комплекс во Бела Вода, сметаат од општината, Берово ќе биде уште поатрактивно и поинтересно за туристите. Берово е најдобрата воздушна бања во Македонија, па затоа бројот на домашни и странски туристи од година во година сè повеќе се зголемува.
Овој прекрасен дел од Македонија бележи рекордна посетеност за велигденските и првомајските празници, како и во летните месеци, кога температурите се пониски отколку каде било во Македонија. Голем број домашни и странски туристи  ги исполнуваат сместувачките капацитети во Берово и во викендичките во туристичките населби покрај Беровското Езеро.
Туристичкиот комплекс „Бела Вода“ е преубаво место за одмор и релаксација, а како што кажуваат и посетителите, ова е „рај на земјата“. Затоа не пропуштајте да го посетите еден од најубавите туристички комплекси со прекрасна недопрена природа, а воедно ќе бидете пречекани мошне љубезно.

Кристина Илиевска

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail