Андреја Катич, министерка за одбрана на Република Словенија

slovenija foto (2)Република Словенија беше втора држава, по Турција, која ја призна Република Македонија под уставното име, уште во март 1992 година. Оттогаш до денес имаме  развиено  билатерална соработка  на многу полиња и од различни аспекти. Исто така, Република Словенија во текот на изминатите години секогаш јавно ја покажуваше поддршката на реформските процеси и стремежите на Република Македонија за влез во НАТО и ЕУ

Како ја оценувате соработката со Р. Македонија на полето на одбраната?
– Во текот на изминатата декада, нашите држави развија плодна и меѓусебно корисна соработка на полето на одбраната, и тоа преку фреквентни средби на највисоко ниво. Ние ја негуваме и унапредуваме постојаната и интензивна соработка во областа на воената обука и воените вежби, кои придонесуваат кон подобра поврзаност и интероперабилност на вооружените сили. Јас високо го ценам учеството на вашите вооружени сили во вежбите како „Adriatic Strike“ и „Immediate Response“, кои се реализираа на територијата на Словенија.

Една од главните цели на Вашата неодамнешна посета беше отворањето на Главниот штаб на Балканските медицински наменски сили во Скопје. Кои се придобивките за земјите од регионот од постоењето на ваков тип на регионални проекти?
– Словенија гледа на БМНС како на еден од најцврстите и најпродуктивни проекти во регионот и факт е дека БМНС е проект кој има најголема т.н. „додадена вредност“. Имајќи предвид дека националните воени медицински капацитети се недоволни, особено со оглед на непредвидливата безбедносна средина и постојаните природни катастрофи во регионот, мислам дека ќе има многу можности за употреба на овој капацитет. Токму затоа сме активно инволвирани во поддршката и промоцијата на БМНС на билатерално и на мултилатерално ниво. Македонија како земја – домаќин има значајна улога во проектот  БМНС и ние високо ги цениме сите напори кои РМ ги даде за овој проект. Особено сме им благодарни и на партнерските нации, Норвешка и САД, за финансиската поддршка, експертизата и лидерството во изминатите години. БМНС во моментов се во круцијална фаза и земјите треба да ги олеснат националните процедури за ратификацијата на Меѓународниот договор за БМНС и да ги ангажираат националните претставници во постојаната организација.

Предизвиците, заканите и последиците поврзани со неодамнешната мигрантска криза се почувствуваа во повеќе земји. Како Словенија се справуваше со овој проблем и која беше улогата на армијата во решавање на ситуацијата?
– Словенија беше активно вклучена во решавањето на мигрантската криза и ги поддржа сите напори да се превенира илегалната миграција, и тоа преку учество во две операции во Медитеранот, со повеќенаменскиот патролен брод „Триглав“. Моменталната состојба со мигрантските рути низ Западниот Балкан се предмет на загриженост за Словенија. Развојот на ситуацијата укажува на можноста за втор мигрантски бран. Словенија интензивно се подготвува за оваа можност. Ние продолжуваме да ги поддржуваме политиките на ЕУ поврзани со миграцијата. Треба јавно да се разбере дека т.н. „wave-through“ политика не е опција. Истовремено, земјите на оваа рута треба да се воздржат од самостојни одлуки и да ја продолжат блиската координација, особено ако ситуацијата ескалира. Во тој контекст, Словенија постојано укажува на потребата за поддршка на земјите од Западен Балкан, особено за Р.Македонија. Ние високо го цениме одговорниот начин на кој Македонија се справуваше со ситуацијата. Словенечката полиција ѝ помогна на македонската полиција со донација на опрема, како и со контролирање на границата и илегалната миграција. Во моментов, деветтата група на словенечки полицајци помагаат на македонската граница.
Миграцискиот бран во Словенија на дневна основа беше менаџиран од страна на полициските сили, но и од страна на 376 припадници на словенечките вооружени сили и 295 членови на Администрацијата за заштита и помош при несреќи која функционира во рамките на одбранбениот сектор, но и од страна на волонтери, подредени на овие институции. Словенечките ВС дадоа логистичка поддршка на системот за цивилна заштита и на полицијата, асистираа во заштитата на националната граница и на одредени објекти и области. Дополнително, Собранието на Словенија со двотретинско гласање изгласа амандман на Законот за одбрана со кој се овозможи словенечките ВС да имаат дополнителни овластувања во заштитата на границата. Со цел да се зголеми одржливоста на словенечките ВС, тие беа дополнети со резервни сили по договор. Според моја процена, словенечките ВС успешно одговорија на потребите и побарувањата на државните институции и немавме регистрирано никакви инциденти.

Можете ли на читателите да им го објасните концептот на резервни сили во Министерството за одбрана на Словенија и нивната улога во одбранбениот систем?
– Договорната резерва на словенечките вооружени сили може да се пополни со соодветно образовани граѓани на возраст до 45 (односно 55 години за офицерски должности) на база на нивна волонтерска, одлука. Договорите за вработување се потпишуваат за период од пет или десет години со можност за пролонгирање на тој период. Договорните резервисти имаат обврска да бидат дел од планираните годишни обуки и можат да бидат мобилизирани во мирновременски услови во Словенија или надвор од неа. За време на периодот на мобилизација тие прекинуваат да работат за нивните работодавачи, но без да ги прекинат нивните работни договори. Досега договорните резервисти беа ангажирани во меѓународните операции и мисии, но на волонтерска база и во договор со нивните работодавачи. Минатиот ноември, началникот на ГШ на словенечките ВС донесе одлука за ангажирање на 200 членови од договорната резерва со цел да  постои одржливост во однос на мигрантската криза. Консеквентно на тоа, околу 900 резервисти беа ангажирани за период од четири месеци, и тоа во поддршка на ВС, за логистичка поддршка, регистрација и контрола. Во моментов, договорната резерва вклучува 794 припадници, што е околу една десетина од целосната структура на словенечките вооружени сили.

Какво е военото образование во словенечките Вооружени сили?
– Едукацијата и обуката се од витална важност за функционирање и развој на вооружените сили. Токму затоа, МО на Република Словенија интензивно ја развива воената едукација и образование, како и програмите за обука уште од осамостојувањето. Тоа вклучува и развој на воена литература на словенечки, нешто што недостасуваше по прогласувањето независност. Словенечките ВС во континуитет ги развиваа и ги модернизираа и военото образование и програмите за обука кои се имплементирани од воените образовни центри при Школата за подофицери, Школата за офицери и Командно-штабната школа. Истовремено, во континуитет се трудиме да ја развиеме соработката со јавните школи, а правиме напори да ја акредитираме и да ја вклучиме програмата на Школата за офицери во јавниот образовен систем. Со тоа, програмата би била призната и надвор од Министерството за одбрана. Воен модул беше формиран и во рамките на одбранбените студии на Факултетот за општествени науки на Универзитетот во Љубљана, а првите дипломци беа продуцирани во 2009 година. Во соработка со Факултетот за општествени науки во Љубљана и со Факултетот за логистика во Марибор, на Командно-штабната школа во моментов (до септември 2017 година), во тек е програма за тренинг на високи офицери, и тоа како втор циклус од наставната програма на Болоња. Започнавме и со двегодишна програма за воена едукација за подофицери, и тоа во рамките на воениот модул на Стручниот колеџ за сообраќај и транспорт во Марибор. Во иднина, наша намера е да вклучиме елементи на офицерска обука, во форма на модули во програмите во согласност со Болоња, и тоа за заинтересирани високообразовни институции и универзитети во Словенија, особено во првиот циклус за офицери и вториот циклус за високо рангирани офицери. На ова поле соработуваме со Министерството за образование, наука и спорт, како и со универзитетите во Марибор и во Љубљана.

Каква е Вашата соработка со македонската Воена академија?
– Во месец јули 2016 година Школата за офицери беше дел од Летниот кампус организиран од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“. Претставниците на Школата кои беа дел од кампот дадоа многу позитивен „фидбек“. Наша заложба е да ја продолжиме соработката со Воената академија на РМ, и во тој контекст веќе се работи на планирање на заеднички обуки во 2017 година. Меѓународниот летен кампус е одлична форма за интеграција и стекнување на знаење за воените концепти во различни земји. Постоењето на мрежа помеѓу припадниците на армиите на земјите-членки на Алијансата и партнерските нации е од особена важност за меѓусебната соработка, како и за заедничкото учество на идните офицери во меѓународни мисии и операции.

Припадниците на двете армии имаат долгогодишно искуство во заедничкото учество во бројни вежби, активности и меѓународни мировни мисии на НАТО. Дали ќе продолжи оваа соработка?
– Нашата намера е да имаме балансирана соработка, и во тој контекст јас ја поддржувам идејата повторно да реализираме заеднички обуки на армискиот полигон „Криволак“. Предлагам да поддржиме експертски разговори со цел елаборација на различни можности и модалитети. Гледаме можност  за развој на полето на противвоздушната одбрана, односно т.н. Joint Terminal Air Controllers (JTACs). Исто така, ќе ни биде мило да ги видиме вашите припадници на различни курсеви организирани од страна на НАТО-Центарот за совршенство за планинско војување во Пољче, Словенија. Планираме да бидеме и дел од настаните и активностите на Регионалниот центар за односи со јавност во Скопје.

Вие сте втора жена министерка за одбрана во Словенија. Каква е застапеноста на жените во Војската на Република Словенија на командни должности и на раководни позиции во Министерството за одбрана?
– Во согласност со законот, мажите и жените во словенечките ВС се третирани еднакво. Жените можат да бидат поставени на која било позиција и во единиците, како и во ГШ. Тие се околу 16% од сите припадници на ВС и се поставени на различни задачи. Највисоко рангиран офицер-жена  има чин бригаден генерал и е на позиција помошник на началникот на ГШ и началник на Здружената оперативна дивизија. Процентот на жени во меѓународни мисии и операции варира од 6,5 до 9 проценти. Словенечките ВС донесоа неколку документи во периодот 2006–2009 година за остварување почит на дигнитетот и етиката во ВС и „нулта толеранција“ за неприфатливо однесување, особено сексуално злоставување од кој било тип. Позицијата специјален советник на началникот на ГШ за родова перспектива беше отворена во 2015 година, и тоа со цел имплементација на Резолуцијата 1325 во сите воени задачи, а резолуциите 1325 и 1820 беа инкорпорирани и во рамките на различни воени курсеви, како и во процесот на подготовка пред упатување во мировни мисии, и тоа од самиот почеток во 1997 година. Ние сме горди на овие достигнувања, иако специфичните проблеми сè уште побаруваат голема вклученост во оваа област.

На Самитот на НАТО во Букурешт, Република Словенија јавно се спротивстави на одлуката на Република Грција за вето за прием на Република Македонија во НАТО. Кои се ставовите на Република Словенија во однос на проширувањето на НАТО  и ЕУ?
– Словенија отсекогаш била силен поддржувач на политиката на „отворени врати“ за членство на земјите од Западниот Балкан во НАТО и во ЕУ. Евроатлантската интеграција за земјите од Западниот Балкан, од наша гледна точка, е промотор на прогресот и стабилноста на целиот регион. Затоа, Словенија ќе остане еден од најискрените поддржувачи на евроатлантската перспектива на Македонија и Македонија може да се потпре на словенечката помош. Секако, клучот за успехот лежи во самите аспиранти, бидејќи тие мораат самите да направат круцијални чекори напред. На Словенија, како поддржува на Македонија и на нејзиното членство во НАТО, ѝ беше задоволство на крајот на јуни 2016 г. да ја преземе Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје. Би сакала да се заблагодарам за поддршката на вашата земја за словенечкиот кандидат.

д-р Жанет Ристоска

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail