АЖУРЕН ДИЗАЈН – ГРАДЕЊЕ БЛОКОВИ ЗА ПОСТИГНУВАЊЕ МАКСИМУМ ПРИ УЧЕЊЕТО

Дизајнот претставува метод со кој се обединуваат формата и содржината. Како уметност се дeфинира на повеќе начини. Може да биде уметност, а може да биде и естетика. Дизајнот како именка означува нацрт, скица или план на формата и структурата на уметничкото дело, на едно здание или машина која треба да се изгради или конструира; комбинација на детали или карактеристики на слики, згради или слично. А како дејствие означува да се подготви прелиминарен нацрт или план за работа која треба да се заврши. Добриот дизајн ја исполнува својата функција, ги респектира материјалите, одговара според методот на продукција и ги комбинира на еден имагинативен начин. Добриот дизајн не е толку забележлив како што е лошиот дизајн. Сето ова важи и за образовните рамки, плановите за обука, спецификации на тестови и други наставни алатки.

Во сферата на образованието, дизајнот станува основна и клучна рамка. Тоа е процес преку кој наставните стратегии (методи, медиуми, средини) се селектираат и се опишуваат. Неговиот развој или разработка е процес преку кој се продуцираат или набавуваат ефективни наставни материјали кои го поддржуваат дизајнот на индивидуалната обука и образование (IT&E). Овие дефиниции се преземени од оперативната рамка на канадските вооружени сили (Canadian Armed Forces /CAF Campus ‘Learning Without Boundaries’ Operation Framework, 2013). Во понатамошниот текст ќе се направи обид да се задржи овој аспект и да се даде осврт на едно специфично прашање. Иако канадските вооружени сили се добро познати по индивидуалната и колективната ефикасност на нивниот персонал, системот на индивидуална обука и образование (IT&E) не е перфектен. Стратешките пропусти во актуелниот IT&E систем иницираа изработка на IT&E Стратегија за модернизација која доведе до изработка на една нова рамка. Имено, стана јасно дека постојниот IT&E систем не генерира адекватна ефикасност/ перформанс и информација за трошоците на обука во рамките на канадските вооружени сили (CAF). Токму затоа, овој нов обид ќе го трансформира IT&E системот според условите на 21 век и четирите начела: (1) регрутирај брзо; (2) обучувај брзо; (3) користи го цивилниот канадски образовен систем што е можно повеќе; (4) распоредувај по единици во најкус можен рок. Следнава слика фигуративно го прикажува концептот на одговорност и неговата комплексност:

Лицата кои се афектуирани од дизајнот на обуката би ги интересирала оперативната рамка ( Operational Framework), но само во однос на: формирање на функционални центри за одличност за одредени области (еден менаџер за одредена содржина а повеќе локации/места каде треба да се спроведе/испорача обуката), што спречува да се формира организација во која има проток на информации од неповрзани банки на податоци (stovepiping). Потоа, формирање на центри за поддршка на учењето (Learning Support Centres), и тоа за анализа, дизајнирање, развој, употреба на технологии итн. Овој нов дизајн може да се покаже како добар за општата обука и образование за стекнување на воени вештини. Но, можеби тоа не е исто прашање како и учењето на странски јазици. Потребата да се фокусира на специјализираниот јазик, специфичните вештини и посебно креираните јазични задачи е јасна. Но, да се скратува времето на решавање задачи (како што нуди овој систем), ретко дава добро образовани и флуентни говорници на еден јазик, бидејќи знаеме дека јазикот кој го слушаме честопати е неочекуван и не следи еден предвидлив шаблон во текот на процесот на учење.

Генерално, канадските вооружени сили воспоставуваат рамка за да ја одржат оперативната граница на проблемите поврзани со ресурси и значително комплексната безбедносна средина. Тоа е еден стратешки план кој е синхронизиран и ориентиран според културата/ традицијата на учење на канадските вооружени сили кој не влијае на времето предвидено и одобрено за учење на странски јазици. За крај треба да се каже дека овој нов дизајн ја наметнува потребата на канадските вооружени сили да соработуваат и да креираат партнерства со голем број на внатрешни и надворешни партнери (stakeholders), со цел да се реализира транзицијата во овoј нов вид на средина за учење.Следнава слика илустративно го прикажува планот/процесот на учење на англискиот јазик во канадските вооружени сили:

Picture6

Градење на блокови за наменски дизајн за обука
Кога се зборува за процесот на учење на странски јазици, појдовна точка се анализите на потребите (needs analysis). Тоа е поради фактот што кога се дизајнира еден јазичен курс мора да се земат предвид различностите на клиентите, нивните потреби и да се дефинираат нивните услови. Краен резултат на овој процес се различните лингвистички цели, должината на обука или она што се нарекува време кое се доделува за одредена задача. На пример, слушателите / студентите од еден курс можеби би имале потреба од задача за пишување на ниво 1 како крајна цел на курсот, а други ниво 2 (според СТАНАГ или националниот стандард) или, пак, воопшто нема да имаат потреба од задача за вештината пишување, туку ќе треба да го совладат преведувањето, транскрипцијата или толкувањето како вештина на одредено ниво на умешност и знаење. Следнава слика го илустрира циклусот на една јазична обука:

Имајќи ја предвид различноста на потребите, институциите кои нудат јазична обука треба да бидат во состојба да понудат и да дизајнират индивидуална / посебна обука врз основа на специфичните лингвистички цели произлезени од процесот на анализа на потребите. Посебно дизајнираната обука е поврзана со формативната, а делумно и со сумативната и посебно креирана евалуација. Од таа причина, студентите од секој поединечен курс треба да добијат план за евалуација кој се однесува на специфичниот курс.

Корисници на јазичната обука и видови курсеви

Процесот на анализа на потребите вклучува неколку активности. Освен годишни состаноци на кои корисниците на обуката ги дефинираат нивните јазични потреби / барања, потребни се и индивидуални средби на кои се анализираат и вештините кои треба да се стекнат, како и времето коешто е потребно за да се постигне нивото, а кое се заснова на тежината на јазикот кој се предава. Ако има бројка на кандидати од кои треба да се направи селекција, потребно е да се направат препораки во однос на индивидуалните капацитети потребни за успешна реализација на обуката. Како дел од овој процес Канаѓаните користат прашалник кој се состои од 26 прашања и потенцијалните корисници го пополнуваат за да се идентификуваат тематските области кои треба да се реализираат во текот на јазичната обука, како и нивоата на познавање на јазикот кои треба да се постигнат во нивните индивидуални вештини. За потребите на прашалникот јазичните нивоа се дефинирани како основни, многу добри и супериорни. Во суштина, анализата е процес кој бара многу време. Но, овој процес ќе се олесни доколку корисниците на јазичната обука се во состојба да ги дефинираат задачите кои се дел од обуката и ако јазикот за кој се организира обука е еден од јазиците кои почесто се дел од обуката, како на пример англискиот јазик. Во текот на курсот (наставата) слушателите/студентите поминуваат низ процес на евалуација. Притоа се користат различни тест-инструменти. На крајот на курсот (по странски јазик) слушателите ја завршуваат програмата со лингвистички профил од 3 (три) бројки или бодови за вештините слушање, говор и читање. Резултатите од вештината пишување не се запишуваат како нивоа туку како „положил“, „не положил“ и „задоволува“, во зависнот од целта на курсот кој го посетувале.

Една од последните фази од јазичната обука е евалуацијата на самите курсеви која опфаќа голем број фактори, почнувајќи од работни/физички услови во самата училница, број на студенти, квалитет на наставници, успех на тестови, повратна (фидбек) информација од студентите и слично. Овие евалуации се собираат во форма на извештаи кои би требало да содржат препораки за подобрување на следниот наставен циклус. Можни проблеми/предизвици би биле непредвидливи промени во потребите поврзани со обуката (на пр. потребата да се развијат други вештини или да се усвои друг вокабулар), практични работи (на пр. бројот на студенти/нехомогена група на студенти и слично).

Кога сите горенаведени блокови/елементи ќе се склопат во еден мозаик се добива една квалитетна образовна програма заснована на еден ажурен дизајн. Останува да се запрашаме како она што е сегашност во канадските вооружени сили е преведено во нашиот воен образовен систем. Илустративните примери не се дадени за да предизвикат конфузија кај креаторите на образовните политики туку напротив, да ја доловат сложеноста на процесот на креирање и реализација на образовните политики и програми. Примерот со изучувањето на странските јазици е само една од алките на комплексниот воен образовен систем. Имајќи го предвид фактот дека Република Македонија или поточно Министерството за одбрана и Генералштабот на Република Македонија во иднина планират да понудат воени и други образовни програми за регионот, тогаш овој напис може да послужи како една рамка за проверка до каде сме и како да продолжиме да градиме блокови за да се постигне максимум при процесот на учење.

м-р Билјана Поповска

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail