Транзициски активности

Процесот на подготовка за враќање во цивилен живот опфаќа голем број на активности. Со вклучувањето во активностите ги добивате потребните информации, знаења, вештини и способности, кои ќе ги зајакнат вашите капацитети и ќе ви овозможат успешен премин во цивилните структури.

Активностите од Програмата „ЛЕПЕЗА“ се реализираат во три фази:

  • прва фаза – подготовка за транзиција (советување за справување со    промените и избор на втора кариера);
  • втора фаза – стручно оспособување за цивилни професии;
  • трета фаза – помош при барање работа и советување и поддршка за    користење на програмите и проектите на Владата на Република Македонија за вработување или самовработување.

Активностите од процесот на подготовка за враќање во цивилен живот се дадени на шемата.

ИНФОРМИРАЊЕ

Првичната информација за Програмата можете да ја добиете во вашата матична единица на денот кога вие ќе го добиете писменото известување од страна на командантот на баталјонот дека ви престанува работниот однос. За сите детали поврзани со Програмата ЛЕПЕЗА и со процесот на транзиција можете да се обратите до најблискиот Центар за транзиција телефонски, или пак да ги посетите просториите на Центарот, каде непосредно ќе бидете информирани од страна на советниците.

ПРВ ПОЕДИНЕЧЕН РАЗГОВОР

На првиот поединечен разговор од советникот за транзиција ќе добиете детални информации и совети за процесот на подготовка за враќање во цивилен живот, за бенефициите и за начинот на нивното искористување. Раговорот се води во еден од Центрите за транзиција.

ТРАНЗИЦИСКИ СЕМИНАР

Транзициски семинар е активност која се реализира во траење од четири дена за професионалните војници и три дена за поранешните офицери, подофицери и цивилниот персонал на служба во АРМ).

Учеството во транзицискиот семинар е услов за користење на стручното оспособување за цивилни професии и програмите за поддршка за вработување и самовработување.

За време  на транзициските семинари  вие ќе добиете советување за справување со промените бидејќи процесот на промени бара приспособување на нови, изменети услови. Истовремено, овој процес на промени подразбира и донесување на бројни одлуки кои ќе имаат ислучително влијание на вашиот понатамошен живот.

За да ги видите содржините и придобивките од транзицискиот семинар притиснете овде.

По завршувањето на  транзицискиот семинар вие ќе бидете подготвени  за:

  • прифаќање на промените кои се јавуваат со престанокот на работниот однос во АРМ;
  • идентификација на личните способности , интереси и вештини;
  • оценување на личните комуникациски вештини и професионални склоности;
  • поставување на цели и донесување на одлука за втора кариера;
  • изработка на  личен план за транзиција;
  • развивање на способноста за лична презентација (изработка на CV, формирање на мрежа за бaрање работа, аплицирање за работа и подготовка за интервју за работа).

Транзициските семинари ги изведуваат советниците за транзиција вработени во Секторот за човечки ресурси – Одделението за транзиција, а се реализираат во центрите за транзиција  во Скопје, во Штип и во Кичево.

Транзициските семинари се одржуваат во текот на годината, согласно Годишниот план за транзициски активности. Времето на реализација на транзициските семинари и местото на нивно оддржување можете да го видите овде.

ЛИЧЕН ПЛАН ЗА ТРАНЗИЦИЈА

За време на транзицискиот семинар ќе изработите Личен план за транзиција. Личниот план за транзиција ќе ви биде потсетник и насочувач во процесот на подготовка за враќање во цивилен живот. Во него ќе ги испланирате чекорите кои ќе ги превземате за остварување на вашата визија за втора кариера, а кои ќе ве доведат до успешно продолжување со работните активности во цивилните структури.

ВТОР ПОЕДИНЕЧЕН РАЗГОВОР

На вториот поединечен разговор советникот за транзиција ќе ви помогне во донесувањето на конечна одлука за втора кариера и во изборот на видот на стручното оспособување за цивилна професија. Раговорот се води во центрите за тразниција по завршетокот на транзицскиот семинар.

СТРУЧНО ОСПОСОБУВАЊЕ ЗА ЦИВИЛНИ ПРОФЕСИИ

Како воен персонал на служба во Армијата имате голем број вештини, способности и квалификации. Сепак, понекогаш вештините и способностите стекнати во текот на службата во Армијата не се доволни за наоѓање на работно место во цивилните структури, соодветно на вашето претходно ниво, како и на вашите визии за идно работно ангажирање.

Програмата „ЛЕПЕЗА“ ви нуди лепеза од повеќе видови на стручно оспособување за цивилни професии (преобука, доквалификација или преквалификација), кои ќе ви овозможат да стекнете дополнителни знаења, вештини и специфични способности со кои ќе бидете поконкурентни на цивилниот пазар на трудот. Секако, една од целите е и добивање на соодветна диплома или сертификат кои ќе ви овозможат аплицирање за соодветно работно место.

За да ги видите деталните информации во врска со видовите и начинот на реализација на стручното оспособување за цивилни професии притиснете овде.

ПОМОШ ВО БАРАЊЕ РАБОТА

Во процесот на барање на работа, советниците од центрите за транзиција ќе ви пружат помош и поддршка преку:

  • совети и помош за изработка на CV, пропратно писмо и останатите документи за апликација при барање на работа;
  • помош за отворање e-mail адреса;
  • помош во следењето на понудата на берзата на трудот;
  • помош при испраќање на апликации за работа во земјата и во странство;
  • давање на совети за непосредна подготовка за интервју со работодавач (по ваше барање);
  • информирање за секојдневните огласи на пазарот на трудот за кои вие ги исполнувате бараните услови и
  • друг вид помош и поддршка за ваше успешно вработување.

Покрај тоа, со воспоставената мрежа на соработка на Министерствотото за одбрана со комори, асоцијации и компании, по барање на компании, Одделението за транзиција организира и реализира посредување при вработување (во центрите за транзиција или во седиштето на работодавачот), со задолжително присуство на претставник од Центарот за транзиција, со што може да ви се олесни процесот на барање работа.

ПОДДРШКА ЗА ВРАБОТУВАЊЕ И САМОВРАБОТУВАЊЕ

Поддршка за вработување и самовработување подразбира поттикнување и советување на лицата за транзиција за вработување или самовработување во цивилните структури, со овозможување на користење на финансиска и друга поддршка преку програмите и мерките на Владата на Република Македонија за вработување и самовработување.

Практичната поддршка за вработување се остварува преку надлежните органи на државна управа. Поддршката се остварува по престанокот на службата во Армијата.

За деталните информации во врска со користењето на програмите и мерките за поддршка за вработување и самовработување притиснете овде.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail