SEEBRIG – South East European Brigade (Бригада на Југоисточна Европа)

SEEBRIG – South East European Brigade (Бригада на Југоисточна Европа)

Правна рамка за функционирање на SEEBRIG.

Линк до веб страната на SEEBRIG

Во рамките на регионалната SEDM (South East Defense Ministerial) иницијатива функционираат ММСЈИЕ (Мултинационални мировни сили на ЈИЕ), односно СЕЕБРИГ (South-East European Brigade). Земји членки на SEEBRIG се Република Албанија, Република Бугарија, Република Грција, Република Северна Македонија, Романија и Република Турција.

Бригадата е формирана во 1999 година врз основа на Спогодба за ММСЈИЕ потпишана од страна на министрите за одбрана на 26 септември 1998 во Скопје, Република Македонија. Со Спогодбата определени се улогата и основните задачи на бригадата, начинот на функционирање, нејзиното финансирање, регулирање на локацијата на Командатата на СЕЕБРИГ, начинот на пополна со персонал и неговите функции, како и задачите и обврските на единиците декларирани во бригадата.

Во поддршка на Спогодбата, од страна на земјите членки се донесени шест Дополнителни протоколи кои подетално ја прецизираат работата на Командата на SEEBRIG и нејзиниот персонал. Последниот, Шестиот дополнителен протокол беше потпишан на Состанокот на Замениците началници на Генералштабовите (DCHODs) на земјите-членки на SEDM процесот, кој се одржа на 12.06.2019 година во Скопје.

Од 26ти август 2020 година, Командата на Бригадата на Југоисточна Европа (SEEBRIG) (до средина на 2026 година) е лоцирана во Куманово. линк до вести

Претходно Командата на Бригадата на Југоисточна Европа беше лоцирана во Лариса, Истанбул, Констанца и Пловдив.

Во моментов командант на SEEBRIG е грчкиот бригаден генерал Аристеидис Илиопулос.

SEEBRIG е составена од четири механизирани пешадиски баталјони, една механизирана чета, една извидувачка чета, еден извидувачки вод и единици за инжинериски намени. Единиците се декларирани во Бригадата од земјите-членки, меѓутоа остануваат на своите постојани домашни базични локации и се обврзани со принципот на наменски сили за вежби и операции по одлука на земјите учеснички и соодветната директива од Политичко-воениот управен комитет (ПВУК).

Република Северна Македонија во SEEBRIG придонесува со:

1. Механизирана пешадиска чета – во рамките на турскиот баталјон.

2. Инженериски вод – функционира во рамките на Инженериските наменски единици (сите земји-членки на SEEBRIG придонесуваат со свои капацитети во Инженериските наменски единици во SEEBRIG).

3. Штабни офицери:
a) Началник на Штаб во Командата на СЕЕБРИГ;
b) Администратор/возач на началникот на штаб на Командата на СЕЕБРИГ;
c) Заменик началник на штаб за поддршка, (местото е на мултинационална ротациона основа);
d) Администратор/возач на Заменик началник на штаб за поддршка, (местото е на мултинационална ротациона основа);
e) Правен советник;
f) Офицер за набавки и договори во секција Г-4;
g) Началник на секцијата Г-7 Инжинерија (местото е на тригодишна ротациона основа меѓу Македонија и Албанија);
h) Администратор/возач во секцијата Г-7 Инжинерија (местото е на тригодишна ротациона основа меѓу Македонија и Албанија);
i) Офицер за планирање во секцијата Г-9;

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail