Мисии

РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ВО МИРОВНИТЕ OПЕРАЦИИ

Република Северна Македонија, како одговорен член на меѓународната заедница и поаѓајќи од принципот на неделивост на безбедноста, континуирано придонесува во напорите на меѓународната заедница за заштита на светскиот мир и безбедност. Во тој контекст, во согласност со Уставот и законите на Република Северна Македонија и ратификуваните меѓународни договори, припадниците на Армијата  и вработени во Министерството за одбрана, учествуваат во вежбовни активности, обука и во хуманитарни или мировни операции,  штабови, воени единици на меѓународни организациии во странство и на територија на Републиката.

Со учеството и придонесот што Република Северна Македонија го дава во градењето на севкупниот глобален мир, гради сопствен меѓународен углед како сериозен и исполнителен партнер во меѓународната заедница и „извозник на безбедност“.

Придонесот во операции во целокупниот спектар на мисии на Обединетите нации, на Северно Атлантската Алијанса – НАТО и на Европската унија кон глобалната безбедност, мир и стабилност е стратешка мисија на системот за одбрана на Република Северна Македонија, која првенствено се гледа преку вложувањето на сопствените безбедносни способности и капацитети за остварување на заедничките вредности и интереси и учеството во колективната одбрана на ООН, НАТО и ЕУ.

Учеството во меѓународните мисии во континуитет е двигател за градење и унапредување на севкупните оперативни способности, распоредливи и одржливи сили. Самото учество овозможува практично развивање, надоградување и одржување на распоредливи способности на армиските сили

Република Северна Македонија своето учество во меѓународни мировни мисии и операции го започнува во 2002 година. Изминативе речиси 20 години нашата земја активно учествуваше и учествува со свои капацитети во мисии и операции предводени од ООН, НАТО и ЕУ и тоа во: ISAF, Iraqi Freedom, KFOR, UNIFIL, ALTHEA и Resolute support.

Од 2002 година до денес придонесот со човечки капацитети во мировните операции се менувал согласно планираните ресурси и потребите на меѓународната заедница. Во периодот 2002 – 2020 година повеќе од 4000 припадници на Армијата на Република Северна Македонија учествуваа во овие меѓународни мировни операции.

Преку учеството на Армијата на Република Северна Македонија во мировните и хуманитарните операции се овозможува практична проверка на сопствените планови за обука и обученоста на единиците, како и проверка на степенот на оспособеноста и обученоста на секој поединец за учество во високо ризични операции.

Научените лекции претставуваат големо искуство во планирањето и плановите за обука на единиците на Армијата.

Првиот придонес надвор од границите на државата започна во 2002 година во рамките на НАТО – предводената мисија ИСАФ во Авганистан. Потоа придонесот постепено се зголемуваше со распоредување на сили во мисијата „Слобода за Ирак“ во Ирак, во воената операција „ЕУ АЛТЕА во Босна и Херцеговина и во мисијата на Обединетите нации „УНИФИЛ“ во Либан. Дополнително, Република Северна Македонија покрај тоа што континуирано од 1999 година обезбедуваше постојана поддршка за силите во операцијата „КФОР“ на Косово, со одлука на Владата на Република Северна Македонија од ноември 2020 година започна со упатување македонски припадници во оваа НАТО предводена мисија.

Учеството на Република Северна Македонија во меѓународни операции:

1. На 01.11.2020 година, 44 припадници на Армијата на Република Северна Македонија беа за прв пат упатени да учествуваат во мисијата КФОР. Ова е прва мисија во која учествуваме како полноправна членка на НАТО.

Поддршката на мисија на НАТО на Косово – КФОР започна во 1999 година кога Република Северна Македонија логистички ја подржа мисијата КФОР на Косово, преку Национален координативен центар за поддршка на земјата домаќин.

Армијата на Република Северна Македонија обезбедува  медицинска поддршка на персоналот на силите на КФОР, гориво како и ескортирање и заштита на НАТО силите за КФОР кои транзитираат низ територијата на Република Северна Македонија.

2. Мировната мисија предводена од НАТО Одлучна подршка“ – RSM (Resolute Support Mission) во  Авганистан, започна на 01.01.2015 година и во неа учествуваме од првиот ден. Досега имаме учествувано со повеќе од 400 лица воен персонал. Во 2018 година го зголемивме учеството со персонал во мисијата „Одлучна поддршка“ за 20 %. Во моментов 37 припадници на Армијата на Република Северна Македонија се дел од мисијата. Придонесот во операцијата е со штабен персонал, единица за обезбедување и ментори, во соработка со силите на САД и Република Турција.

3. Придонесот на македонски припадници на Армијата во меѓународната операција УНИФИЛ“ предводена од ООН во Либан започна во мај 2007 година со упатување на еден штабен офицер во оперативниот штаб на УНИФИЛ. Во оваа мисија учествуваме со еден штабен офицер во оперативната команда на УНИФИЛ. Во оваа мировна мисија од 2019 година учествуваме со уште двајца офицери во рамки на италијанскиот контингент во Шама, Либан.

4. Учеството во мисијата на ЕУФОР – „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина започна во јуни 2006 година, кога нашата земја за првпат даде придонес во рамките на воена операција предводена од Европската унија. Во мисијата АЛТЕА досега имаме реализиран и завршен придонес со хеликоптерски деташман,  медицински тим ROLE 1 медицинска поддршка на кампот Бутмир како и штабни офицери во командата на ЕУФОР и советници на Вооружените сили на БиХ. Вкупниот досегашен придонес со персонал во операцијата Алтеа изнесува 293 лица. Согласно ребалансираната структура на мисијата, од декември 2018 г. придонесуваме со 1 лице, штабен офицер во командата на ЕУФОР.

5. Со политичкиот консензус на сите политички субјекти во нашата држава како и на целокупната македонска јавност во поглед на подршката на Коалицијата предводена од Соединетите Американски Држави за борба против тероризмот, нашата земја донесе одлука активно да учествува во мисијата Слобода за Ирак. Собранието на секои шест месеци носеше одлука за испраќање на македонски припадници во оваа мисија. Учеството  започна со упатување на единица за специјални намени и офицер за врска и перманентно се зголемуваше со упатување на дополнителен персонал од штабни офицери и пешадиски вод за обезбедување. Во периодот јуни 2003 – декември 2008 година беа извршени вкупно единаесет ротации, а вкупниот број на припадници на Армијата кои учествуваа во оваа мисија беше 490. За време на мисијата „Слобода за Ирак“ Армијата даде свој конкретен придонес во овозможувањето на изградбата на цврсти кредибилни демократски институции и високо обучени безбедносни сили во Ирак.

6. Во август 2002 започна учеството во мировната мисијата ИСАФ во Авганистан со упатување на 2 штабни офицери во рамките на турскиот контингент и перманентно плански се зголемуваше. Во рамките на мисијата учествувавме со повеќе од 2700 лица меѓу кои, штабни офицери и подофицери, ментори, пешадиски единици и медицински персонал. Мисијата ИСАФ во Авганистан, беше и првата мисија во која учествувавме со персонал како резултат на регионалните иницијативи (од 2005 до 2009), односно со медицински тим од А3 формат, заедно со Хрватска и Албанија, со елементи (штабни офицери) од штабот на Бригада за Југоисточна Европа (СЕЕБРИГ) во 2006, како и со инструктори за воена полиција во Школото за воена полиција на Авганистанската армија во А5 формат (од 2011 до 2013). Во рамките на билатералната соработка, во 2010 година во мисијата ИСАФ учествувавме со заеднички тимови со САД со персонал од специјалните единици на АРМ и воена полиција. Мисијата ISAF заврши во 2014 година.

 

Придобивки од учеството на Република Северна Македонија во мировни операции и меѓународни единици

Покрај придонес со капацитети во меѓународни операции, Република Северна Македонија, во согласност со сопствените стратешките определби за полноправно членство во ЕУ и посветеноста на продлабочување и унапредување на соработката на земјите од регионот, има пријавено придонес со сопствени капацитети во меѓународни единици:

Почнувајќи од 1998 година, Република Северна Македонија има декларирано капацитети во јачина од механизирана пешадиска чета, инженериски вод и штабен персонал во рамките на бригадата на земјите од Југоисточна Европа – СЕЕБРИГ. Бригадата е формирана како резултат на Договорот на министрите за одбрана на земјите од Југоисточна Европа за формирање на мултинационални мировни сили, потпишан во 1998 година во Скопје. Бригадата е наменета за придонес во меѓународни и хуманитарни операции предводени од НАТО, ЕУ, ОБСЕ и други коалиции. Во 2006 година, штабен персонал од СЕЕБРИГ учествуваше во операцијата ИСАФ во Авганистан.

Во 2012 и 2014 година бевме дел од борбените групи на Европската Унија и ЕУБГ, каде  учествувавме со пешадиска чета, штабен персонал и национален елемент за поддршка. Единиците беа успешно евалуирани и беа во базенот на сили во готовност за реакција на ЕУ во втората половина на 2012 (2012-2) и 2014 (2014-2).

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail