Воздухопловно патролирање и заштита на воздухопловниот простор – Air Policing

Воздухопловно патролирање и заштита на воздушниот простор
на НАТО (Air Policing)

Принципот на колективна одбрана е во центарот на основачкиот договор на НАТО. Сите земји членки во одреден облик придонесуваат во воздухопловно патролирање на НАТО, било да е тоа преку употреба на национални системи за надзор над воздухот, управување со воздушниот сообраќај, авиони за пресретнување или други колективни мерки за воздушната одбрана.

Воздухопловното патролирање на НАТО го обезбедува интегритетот на воздушниот простор на сојузниците, го штити суверенитетот на државите на алијансата односно се грижи за безбедноста на воздушниот простор на НАТО.

НАТО авионите полетуваат кон воздухопловниот простор на секоја земја членка која во одреден момент се соочува со некој проблем или прекршување на нејзиниот воздушен простор. Мисијата се однесува на воени и цивилни авиони во неволја и / или кои не ги следат меѓународните правила за летање и пристапуваат кон воздухопловниот простор на сојузниците. Често овие авиони не успеваат да се идентификуваат правилно, да комуницираат со контролата на летање или настануваат проблеми поврзани со плановите за летање.

Патролирањето во воздухопловниот простор (Air Policing) е под надзор и водство на воздухопловната команда на сојузничките сили.

Оперативната контрола на воздушниот простор е делегирана на Врховниот командант на сојузничките сили на Европа (SACEUR).

Овој систем на НАТО е еден од главните столбови на способност за интегрираниот воздушен и ракетен систем за одбрана на НАТО (NATO Integrated Air and Missile Defence System – NATINAMDS) во насока на зачувување и заштита на територијата, населението и силите против секоја закана и ракетен напад.

 ____________________________________________________________________________________________________________

 

Воздухопловно патролирање и заштита на воздухопловниот простор
во Република Северна Македонија (Air Policing)

Една од целите на нашата држава во разговорите за пристапување во НАТО во делот на одбранбените прашања е обезбедување на воздухопловно набљудување, контрола и воздушно патролирање (Air Policing) над националната територија, преку билатерална или регионална соработка.

Воздухопловно патролирање е мирновремена мисија која вклучува употреба на Систем за набљудување и контрола на воздухот, Воздухопловна команда и контрола,  како и соодветни средства за противвоздушна одбрана, вклучувајќи воздухоплови за пресретнувње со цел зачувување на интегритетот на националниот воздушен простор на Република Северна Македонија.

Во таа насока, министерката за одбрана на Република Северна Македонија оствари билатерална средба со министерот за национална одбрана на Грција. Во рамките на билатералната соработка со Грција во делот на одбраната, а со цел продлабочување на соработката на ниво на стратешко партнерство, двете министерства склучија договор за одбранбена соработка. Помеѓу другото во договорот се наведени областите на соработка од взаемен интерес од кои едната е Грција да врши воздухопловно патролирање (Air Policing) со надзор на безбедноста на воздухопловниот простор над нашата држава. После експертските разговори беа реализирани успешни пробни летови на воздухопловите во воздухопловниот простор на Република Северна Македонија со цел проверка на радарското покривање и радио телекомуникациските врски.

Министерството за одбрана на Северна Македонија и Министерството за национална одбрана на Грција кон крајот на минатата година во Солун го потпишаа и Техничкиот аранжман за надзор на воздухопловниот простор како една од стратешките цели на нашата армија. Аранжманот кој го потпишаа началникот на Генералштабот на Армијата на Северна Македонија и началникот на одбраната на Грција претставува официјализирање на мисијата за воздухопловно патролирање (Air Policing), а ќе се реализира во координација со НАТО алијансата. Овој аранжман ги утврдува процедурите за реализација на летовите, начинот на комуникација и линијата на командување и контрола за покренување на пресретнувачки авиони за спроведување на летовите за воздухопловно патролирање.

Оваа мисија е во интерес на Република Северна Македонија, регионот како и на НАТО алијансата. Со ова се обезбедува интегритетот на воздухопловниот простор на сојузниците, се штити суверенитетот на државите на алијансата односно се води грижа за безбедноста на воздухопловниот простор на членките на алијансата, било да е тоа преку употреба на национални системи за надзор над воздухот или други колективни мерки за воздушната одбрана.

 

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail