Отворена изложбата „Меморијален марш од Битола до Солун крај рововите на Првата светска војна“

„Минатото не можеме да го смениме, но од него можеме многу да научиме. Тоа што можеме е да влијаеме врз сегашноста со поинаков пристап и гледишта на светот околу нас и да ја обликуваме нашата иднина преку пријателство, партнерство и соработка. “ рече заменик министерот за одбрана Башким Хасани во своето обраќање на отворањето на изложбата на фотографии „Меморијален марш од Битола до Солун крај рововите на Првата светска војна“ и промоција на брошурата на тема „Фронтот во Првата светска војна, некогаш и денес“во Воениот музеј на која присуствуваа и заменик началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин и заменик амбасадорот на Република Франција, Станислас Мрозек.
 
Тој додаде дека учејќи од минатото можеме да влијаеме за општо добро на сите нас и за посветла мирна иднина на човештвото, каде човек со човек си подава рака и не води војна туку културен дијалог за унапредување на општата благосостојба.
 
Хасани во името на министерката за одбрана Радмила Шекеринска ги поздрави присутните и рече: „Министерството за одбрана преку Воениот музеј посветува особено внимание на промоцијата на културното наследство кое сведочи за нашето минато во кое сме поминале низ многу светли моменти на кои што сме горди, но и низ многу страдања и предизвици, во сурови воени времиња во многу локални и регионални воени настани, а особено за време на двете светски војни со кои беа зафатени цела Европа и светот пошироко. Она што е факт е дека и во добро и во лошо не сме биле сами, но уште посветла реалност е дека и денес не сме сами.“
 
На отворањето се обрати и заменик амбасадорот на Република Франција, Станислас Мрозек кој истакна дека наследството од Првата светска војна од македонскиот фронт дава силен печат на односите меѓу Северна Македонија и Франција и дека благодарение на соработка на министерствата за одбрана и на култура, Градот Битола, организацијата ALDA, амбасадата и францускиот институт во Скопје ова наследство беше сочувано и валоризирано.
 
Изложбата „Меморијален марш од Битола до Солун, крај рововите на Првата светска војна“ ќе биде поставена во наредните триесет дена.
facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail