Заменик министерот Хасани на состанок на министри за одбрана на СЕДМ

Заменик министерот за одбрана Башким Хасани, денеска преку видео конференциска врска, учествуваше на состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на процесот на соработка на Југоисточна Европа (South East Defence Ministerial – SEDM).

За време на состанокот, министрите за одбрана ги разменија своите гледишта по однос на регионалната безбедност и ги разгледаа можностите за понатамошно унапредување на меѓусебната соработка на полето на одбраната. На состанокот беше потврдена заложбата за зајакнување на политичката и воената соработка во Југоисточна Европа, со цел унапредување на регионалната безбедност, стабилност и добрососедските односи.

Дополнително се дискутираше за тековниот статус на воспоставените проекти во рамките на СЕДМ процесот при што се одобри и Годишниот план на активности кои се од суштинско значење за функционирање на СЕЕБРИГ во текот на 2021 година.

СЕДМ претставува процес на соработка меѓу Министерствата за одбрана на земјите од ЈИЕ. Суштината на процесот е јакнење на политичко-воената соработка во регионот, со цел подобрување на стабилноста и безбедноста во ЈИЕ, промоција на eвроатлантските интегративни процеси на СЕДМ земјите – членки и унапредување на соработката со меѓународните организации (ОН, ЕУ, НАТО и ОБСЕ). Во моментов (2019–2021) со координативните тела на СЕДМ иницијативата претседава Република Албанија.

Еден од најзначајните проекти на СЕДМ процесот е бригадата на Југоисточна Европа (South East Europe Brigade – SEEBRIG), чие седиште од август 2020 до август 2026 година е со постојана локација во Куманово, Република Северна Македонија.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail