Во Брисел средба Шекеринска – Волис: Потпишан нов Договор за соработка во одбраната со Обединетото Кралство

По вчерашната сесија на Северноатлантскиот совет, министерката Шекеринска имаше одвоена средба со министерот за одбрана на Обединетото Кралство, Бен Волис.

Министрите Шекеринска и Волис потпишаа нов Договор за соработка во одбраната помеѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство, документ кој ќе го замени постојниот Договор за билатерална соработка од 2007 година и се согласија дека овој договор ќе овозможи уште поблиска и посеопфатна соработка помеѓу две пријателски и сојузнички земји и армии.

„Исклучително го цениме фактот што сте посветени и помагате во трансформацијата на нашата Армија. Со новиот Договор за одбранбена соработка нашата одбранбена соработка ќе прерасне во соработка на две сојузнички земји“, рече министерката Шекеринска на средбата. Министерот Волис изрази задоволство што процесот до полноправно членство на нашата земја во НАТО е во самиот финиш и посочи дека Обединетото Кралство интензивно го поддржува развојот и реформите во одбраната и Армијата.

Северна Македонија и Обединетото Кралство имаат исклучително интензивна соработка во областа на одбраната особено во доменот на одбранбената политика, мировните операции, обуките и вежбите, а во последните неколку години и во делот на советодавната помош во развојот и реформите на одбранбениот сектор, имплементацијата на Стратегискиот одбранбен преглед и развојот на Лесната пешадиска баталјонска група, како единица декларирана во рамките на Алијансата. Од 2017 година, Велика Британија има упатено неколку советници за одбранбени прашања во Министерството, а во моментов бригадниот генерал Хју Лојд Џонс дава експертска поддршка на процесот на трансформација на Армијата и развојот на Лесната пешадиска баталјонска група.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail