Тринаесетгодишнина од хеликоптерската несреќа кај катлановско Блаце

На денешен ден пред 13 години во хеликоптерска несреќа кај Катлановско Блаце, враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА во Босна и Херцеговина, трагично загинаа единаесет припадници на Армијата на Република Северна Македонија.

Со едноминутно молчење и венци со свежо цвеќе, на спомен-обележјето кај Катлановско Блаце почит на загинатите, покрај членовите на нивните семејства, оддадоа и делегации од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија составена од заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин и државниот секретар во Министерството, Драган Николиќ, Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, Командата за операции, Воздухопловниот ВИНГ, Првата пешадиска бригада и општината Петровец.

Годишнината од хеликоптерската несреќа беше одбележана и во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец. Во чест на загинатите припадници, комеморативна церемонија се одржа и во кампот Бутмир во Сараево, Босна и Херцеговина.

Армискиот хеликоптер Ми-17 враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА се урна на 12 јануари 2008 година кај Катлановско Блаце при што трагично ги изгубија животите потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, наредниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ и Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељаноски.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail