Традиционалниот предновогодишен концерт на воени оркестри годинава и со хуманитарен карактер

Воениот оркестар на Армијата на Република Северна Македонија, оркестрите на армиите на нашите партнери и набрзо сојузници во Алијансата, Хрватска и Албанија, вчеравечер во Домот на Армијата го одржаа традиционалниот предновогодишен концерт на кој беа изведени музички дела на светски реномирани композитори.

Годинава, концертот започна со едноминутно молчење во почит на загинатите во неодмнешниот катастрофален земјотрес во Албанија, а имаше и хуманитарен карактер, во чии рамки присутните имаа можност да донираат средства за лицата опфатени со оваа голема непогода.

На концертот присуствуваше високиот државен и воен врв, предводен од претседателот Пендаровски, а присутна беше и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска. Премиерот Зоран Заев на отворањето на концертот посочи дека сликата на припадниците на трите армии, заедно и сплотени како едно буди емоции, особено имајќи предвид дека пред 16 години токму овие три земји во Јадранската повелба си подадоа рака и решија дека заедно ќе чекорат кон Алијансата.

„Патот кон сојузништвото за Северна Македонија беше малку подолг, но соработката, поддршката која меѓусебно си ја дававме никогаш не изостана. Тоа е видливо и денеска, кога конечно ја исполнуваме целта – трите земји, заедно, посилни, сојузници во НАТО – Алијансата“, рече премиерот.

Премиерот истакна дека оваа година е историска за нас, и дека со концертот насловен „Звуци на соработката, звуци на Алијансата“, одбележуваме повеќе значајни датуми за земјата кои нè водеа и нè водат кон НАТО – 6 февруари, кога беше потпишан пристапниот протокол, два дена подоцна кога беше изгласана и првата ратификација, првото учество на министерката за одбрана, Шекеринска на состанок на НАТО, на 13 и 14 февруари, како и првото учество на премиерот на лидерскиот состанок на Алијансата на почетокот на овој месец во Лондон.

На концертот присуствуваа и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, министри во Владата, пратеници во Собранието, амбасадори и претставници на воено-дипломатскиот кор, претставници на верските заедници и други гости.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail