Телефонски разговор Шекеринска-Купер: Северна Македонија успешно го помина тестот од првата година членство во НАТО

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска попладнево имаше телефонски разговор со помошникот секретар за одбрана на САД, Лора Купер. Во разговорот Шекеринска и американската висока претставничка од одбраната се осврнаа на годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО, политичко-безбедносната ситуација во регионот и плановите за одбранбена соработка.

Министерката Шекеринска упати честитки за новата администрација и изборот на нов секретар за одбрана и изрази очекувања дека сојузништвото и одбранбената соработка ќе продолжат по нагорна линија. „Северна Македонија успешно го помина тестот од првата година членство во НАТО. Буџетот во одбраната бележи континуиран раст при што акцентот на трошењата го ставаме на модернизацијата на нашите капацитети. Воената интеграција во НАТО се одвива според планираната динамика и ќе заврши до крајот на годината. После многу години учество во НАТО мисии на Блискиот Исток, се свртуваме и кон регионот и учествуваме во мисијата КФОР“, рече министерката Шекеринска во разговорот.

Во разговорот стана збор за вежбата „Одлучен удар 21“ чиј домаќин ќе биде нашата земја, а САД се најголемите контрибутори во логистиката и реализацијата на оваа мултилатерална вежба во која ќе земат учество и Грција и Бугарија. „Да се биде домаќин на ’Одлучен удар 21’ е големо признание за одбранбените капацитети на нашата Армија и нашата земја, особено затоа што нејзината изведба е во тесно партнерство со Соединетите Американски Држави и што е израз на длабоката меѓусебна доверба меѓу двете земји“, посочи министерката и додаде дека сојузништвото меѓу Северна Македонија и САД има стратешко значење за целиот регион.

Помошничката на американскиот секретар за одбрана Лора Купер ги поздрави заедничките активности на полето на одбраната и изрази уверување дека претстојната вежба „Одлучен удар 21“ во која САД имаат големо учество ќе помине успешно. Таа рече дека со доаѓањето на новата администрација, Вашингтон останува фокусиран на поддршката на напредокот на земјите од Западен Балкан на евроатлантскиот пат.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail