Започна вежбата „Одлучен удар“: заменикот – министер за одбрана, Максути на отворањето

Над 2.700 припадници од армиите на шест држави, домаќинот Северна Македонија, потоа Соединетите Американски Држави, Албанија, Бугарија, Црна Гора и Литванија од денеска до деветти јули како дел од досега најголемата вежба организирана во нашата држава, „Одлучен удар“ ќе ја развиваат подготвеноста и меѓусебната интероперабилност, клучна способност за сите армии во Алијансата.

На отворањето на вежбата на полигонот „Криволак“ заменикот – министер за одбрана, Беким Максути порача дека оваа, досега најголема вежба која ја организира нашата армија се случува во вистинско време во кое нашата држава е исклучително горда на постигнатото и дека Алијансата добива искрен и посветен сојузник.
„Ние сме сојузник кој цврсто верува во вредностите на Алијансата и кој знае да се бори за демократијата, слободата, еднаквоста, владеењето на правото. Сојузник кој знае како е да се потиштат тие вредности и знае дека живеењето и практицирањето на тие вредности е основата за развој на едно современо, демократско, европско општество“, рече Максути.
Заменикот – министер на војниците – учесници на вежбата и порача да бидат максимално посветени, отворени едни кон други, зашто тие се сојузници, дел од иста Алијанса. За полигонот „Криволак“ истакна дека е полигон кој ги нуди сите услови за реално извежбување.
В.д. амбасадорката на САД, Микаела Швајцер Блум се заблагодари и и честита на Армијата за организацијата на вежбата.

„Вежбите како ’Одлучен удар’ играат важна улога во зајакнувањето на нашата заедничка безбедност. Тие овозможуваат нашите армии да можат да комуницираат и да изведуваат заеднички операции. Тие ги поврзуваат нашите војници, градејќи меѓусебно разбирање и лични врски што траат и нас нè прават посилни“, истакна Швајцер Блум.

Командантот на Здружената оперативна команда, генералот Павле Арсоски им оддаде признание на сите офицери вклучени во подготовката и организацијата на вежбата. За „Одлучен удар“ истакна дека ќе претставува најдобар доказ за подготвеноста и интероперабилснота на нашата Армија со сојузниците.

Директорот на вежбата, потполковникот Игор Манасовски информираше дека планирачкиот процес за развој на вежбата траел 16 месеци, а вклучени биле 80 офицери и подофицери од шесте земји – учеснички.

Вежбата „Одлучен удар“ која започна денеска ќе се реализира на полигонот „Криволак“ до деветти јули.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail