Нулта толеранција за вознемирување на работното место – министерката Шекеринска ги промовираше Водичот за заштита од вознемирување на работното место и 35-те родови претставници

„Ја испраќаме пораката, без разлика дали станува збор за луѓе во Министерството или во Армијата, дали се работи за мажи или жени, дека вознемирувањето на работното место не е прифатлив дел од работната дисциплина, не е прифатлив дел од работната рутина“, рече министерката за одбрана, Радмила Шекеринска на денешната промоција на Упатството и Водичот за заштита од вознемирување на работното место и доделувањето на сертификати на 35 родови претставници во Министерството и Армијата.

35-те родови претставници се советници кои ќе им бидат на располагање на сите вработени во Министерството и во Армијата, а ќе има и родов претставник во кабинетот на министерката, родов претставник во кабинетот на началникот на Генералштабот, како и во сите единици на Армијата и сите организациски единици на Министерството.

„Родовите советници ќе бидат првиот контакт, првата помош кон сите оние кои што се соочиле со вознемирување и сакаат да го пријават и да добијат помош. На ваков начин ќе покажеме дека вознемирувањето не е дел и не смее да биде дел од работните навики, работната култура и ќе создадеме средина во која што ќе се чувствуваат пријатно и ефикасно и продуктивно и мажите и жените“, рече министерката.

Настанот се вклучува и во глобалната кампања „16 дена активизам против насилството врз жените и девојките“, во чии рамки во холот на Министерството се поставени портрети на наши историски хероини. „Портретите на овие историски хероини покажуваат дека македонската жена била прифатена како партнер во војна. Немаме никакво оправдување денеска во мир да имаме дилеми околу нејзината способност и околу нејзината шанса да придонесе кон својата држава“, заклучи министерката Шекеринска.

Началникот на Генералштабот, генералот Ѓурчиновски додаде дека Генералштабот на Армијата има јасен пристап во однос на оваа област и презема конкретни мерки на сите нивоа на командување во Армијата.

„Наскоро ќе биде именуван и родов советник во кабинетот на Началникот. Пристапот е нула толеранција за вознемирување на работните места, апсолутно јасна и гласна транспарентност во функционалноста на Армијата, секој да се чувствува достоинствено, гордо на работното место од аспект на третманот на женскиот пол во Армијата“, рече генералот Ѓурчиновски.

Упатството и Водичот за справување со насилство, вознемирување на работно место, вклучувајќи и сексуално вознемирување се изработени во соработка со Канцеларијата на UN WOMEN во Скопје.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail