Шекеринска – Тонин: соработката во одбраната добива нов интензитет како сојузници во НАТО

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска денеска во Министерството за одбрана се сретна со нејзиниот словенечки колега, Матеј Тонин, кој како дел државната посета на претседателот на Република Словенија, Борут Пахор, престојува во официјална посета на нашата држава.

Министерката Шекеринска се заблагодари за поддршката на Република Словенија на нашиот пат кон НАТО и изрази увереност дека соработката во одбраната меѓу двете земји ќе добие нов интензитет во рамки на Алијансата.

„Гласната поддршка од Словенија во НАТО и ЕУ беше силен мотив да ги засилиме нашите напори за остварувањето на стратешките цели. Во мене како министерка за одбрана ќе имате секогаш соговорник и партнер за соработка на полето на обуките, тренинзите и заеднички мисии“, рече министерката Шекеринска.

Словенечкиот колега, Тонин упати честитки за успесите што ги постигна Република Северна Македонија со приемот во НАТО и отворањето на патот кон ЕУ и ја покани министерката на возвратна посета во Љубљана.

Двајцата министри разговараа за поблиска соработка во Балканските медицински сили и за здружување на ресурсите за настап во меѓународни мисии.

Северна Македонија и Словенија и како партнери, а сега и како сојузници во Алијансата имаат одлична одбранбена соработка. Билатералната одбранбена соработка почна во 1994 година, а од 2004 година секоја година се реализираат и годишните Планови за одбранбена соработка кои вклучуваат голем број на активности во областа на образованието и едукацијата, военото разузнавање, против-воздушната одбрана, логистиката и јавните набавки и планирачките процеси на Алијансата. Интензивната билатерална соработка се рефлектира и во доменот на регионалната соработка, особено во однос на Иницијативата за соработка на министрите за одбрана на ЈИЕ и Балканските медицински сили.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail