Министерката Шекеринска на средба со секретарот за одбрана на САД, Патрик Шанахан

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска во Пентагон имаше средба со својот американски колега кој ја врши должноста секретар за одбрана на САД, Патрик Шанахан.

На средбата беше потврдено стратешкото партнерство на САД и Република Северна Македонија. Шекеринска и Шанахан се согласија за продлабочување на соработката во одбраната и нејзино подигнување на повисоко ниво какво што доликува на сојузници во Алијансата. “Продолжуваме заедно, со заедничко учество во мировните мисии и со уште поблиска соработка во реформските процеси и во модернизацијата на Армијата” беше речено на средбата.

Првиот човек на одбраната на САД упати честитки за успешното решавање на спорот со Грција и рече дека тоа претставува модел за решавање на спорови меѓу две држави, кои долго време изгледале нерешливи.

Ова е трета билатерална средба на министерката Шекеринска со американски секретар за одбрана, за помалку од една година. Минатата пролет министерката беше во официјална посета на својот американски колега Џејмс Матис, кој ја возврати посетата и допатува во Скопје во септември 2018. Со неговиот наследник Шанахан министерката се сретна и во Брисел на состанокот на Северноатлантскиот совет, каде тој го поздрави потпишувањето на Протоколот за членство на нашата земја во НАТО и оддаде признание на министерката за нејзиното, како што рече “инспиративно лидерство”.

Во Вашингтон министерката имаше поединечни средби и со сенаторката Џин Шахин и со сенаторот Рон Џонсон. Шекеринска од нив побара поддршка за побрза ратификација на Протоколот за членство во НАТО.

Вториот ден од работната посета на САД министерката Шекеринска го заврши со средба со директорот на Агенцијата за одбранбено разузнавање (DIA), генерал потполковник Роберт Ашли. На средбата стана збор за безбедносната состојба на Балканот и пошироко и за позитивниот ефект кој членството на Северна Македонија во НАТО ќе го има врз безбедноста во регионот.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail