Во разговорот со словенечкиот претседател, Шекеринска изрази благодарност за континуираната поддршка на нашата земја. „Северна Македонија и Словенија ги поврзува цврсто пријателство и соработка кои траат со децении. Вашата поддршка за нас е особено важна сега кога во ЕУ се прават напори да се обезбеди консензус околу проширувањето со земјите од Западен Балкан”, истакна министерката Шекеринска и посочи дека нашите очекувања се дека во ЕУ ќе надвладее ставот дека билатералните прашања меѓу земји членки и земји аспиранти не треба да го попречуваат преговорачкиот процес.
Претседателот Борут Пахор порача дека Словенија ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија и дека претстојното словенечко претседателство ќе го врати регионот во фокусот на ЕУ.
На средбата се разговараше и за проблемите што ги предизвика пандемијата како и проблемите предизвикани од недостигот на вакцини.
Централен дел од посетата на Словенија беше средбата со министерот за одбрана Матеј Тонин, со кого Шекеринска дискутираше за соработката во одбраната, и развивањето на НАТО капацитети во Република Северна Македонија.
Министерката Шекеринска во Љубљана ги посети и Националниот центар за кризен менаџмент и НАТО центарот за извонредност во планинско војување при што се запозна со нивната улога и функционирање, а имаше средба и со парламентарниот Комитет за одбрана.