Средба Шекеринска-Федеричи: Учеството на Северна Македонија во КФОР е придонес кон напорите на НАТО за стабилизирање на регионот

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денес имаше средба со командантот на КФОР, генерал-мајор Франко Федеричи. На средбата стана збор за нашето учество во мисијата КФОР, безбедноста и стабилноста во регионот како и за мерките што се преземаат за справување со ковид.

Министерката Шекеринска му честиташе на командантот на КФОР на мандатот и ја истакна својата увереност дека безбедносната соработка во регионот ќе продолжи и понатаму во интерес  на мирот на граѓаните од земјите кои се дел од него.

Од страна на Федеричи беше изразена благодарност за учеството на наши армиски припадници во мисијата КФОР и беа искажани пофалби за нивните знаења и вештини кои ги покажуваат при извршувањето на задачите. Команданотот Федеричи рече дека КФОР има отворени врати за зголемување на нашето учество во мисијата и го изрази своето задоволство од улогата што Северна Македонија како членка на НАТО ја извршува во функција на мирот и стабилноста во регионот.

Министерката Шекеринска ја потврди подготвеноста за зголемување на бројот на нашите учесници идната година во НАТО мисијата на Косово и се заблагодари на пофалбите за улогата на нашите војници во КФОР.

Двајцата соговорници се согласија дека мирот и стабилноста во регионот  се во интерес на сите земји и дека учеството на нашата земја во мисијата КФОР е значаен придонес во напорите на Алијансата за негово конечно стабилизирање.

Република Северна Македонија, како 30-та земја членка на НАТО, за првпат започна со директно учество во мисијата КФОР во Косово од ноември оваа година, кога првата ротација составена од 44 припадници на Армијата, штабни офицери и вод за обезбедување, отпочна со извршување на задачи во главната команда на мисијата и во регионалната команда на КФОР-„Запад“.

Следната ротација во НАТО операцијата „КФОР” е планирана да се зголеми за уште 21 припадник или вкупно 65 припадници, додека во јули 2021 година, дополнително ќе бидат упатени 115 припадници во мултинационалната бригада Исток.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail