Средба Шекеринска – Ерјавец: Членството во НАТО го отвора патот кон ЕУ

IMG_2997_resizeМинистерката за одбрана Радмила Шекеринска во Блед имаше средба со својот словенечки колега Карл Ерјавец. На средбата беше потврдено искреното пријателство меѓу двете земји, успешната соработка во одбраната и активната поддршка која Словенија и ја дава на Северна Македонија во сите фази на напредок кон интеграциите во НАТО и ЕУ.

- Словенија го ратификуваше протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО веднаш после Грција и тоа беше позитивен сигнал кон регионот и другите земји членки. Сега процесот е при крај. И сигналите од ЕУ за отворање на преговорите во октомври се позитивни – рече министерката и се заблагодари за континуираната поддршка на Словенија. Министерот за одбрана на Словенија Карл Ерјавец изрази надеж дека членството на Северна Македонија во НАТО ќе го отвори патот за членство во ЕУ.

- Брзата ратификација на протоколот е доказ за нашето искрено пријателство. Се надевам дека на Самитот на НАТО во декември Северна Македонија ќе биде полноправна членка, а тоа ќе го отвори патот за членство во ЕУ. Така беше и со Словенија. Уверен сум дека ЕУ ќе отвори многу можности за развој на земјата – рече Ерјавец и уште еднаш ја понуди поддршката на својата земја на секој чекор од тој пат.

Двајцата министри договорија засилена соработка во одбраната и експертска помош во реформите на одбранбениот сектор во согласност со стандардите на НАТО.

Средбата се одржа на маргините на Бледскиот стратешки форум каде утрово министерката Шекеринска зборуваше на панелот на тема – иднината на Алијансата 70 години по потпишувањето на Вашингтонскиот договор.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail