Шекеринска се сретна со началникот на Вооружените сили на Холандија Роб Бауер

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска имаше средба со началникот на Вооружените сили на Кралството Холандија, адмирал Роб Бауер. На средбата стана збор за унапредување на билатералната одбранбена соработка, новите предизвици во одбраната, учеството во меѓународните мисии и можностите кои ги пружа армискиот полигон Криволак за изведување на заедничка обука и вежби.

Министерката Шекеринска се заблагодари на поддршката за приемот во НАТО и рече дека членството во Алијансата е шанса за интензивирање на одбранбената соработка меѓу Северна Македонија и Кралството Холандија. „ Нашите две држави имаат извонредна историја на соработка во одбраната и уверена сум дека приемот на Северна Македонија во НАТО ќе даде нов импулс кон повторно интензивирање на таа соработка и одржување на заеднички обуки и вежби“, истакна министерката.

Адмиралот Бауер и честиташе на Шекеринска за членството во НАТО и за новиот мандат на Владата, и изрази подготвеност Холандија да земе поактивна улога во водството на Северна Македонија низ структурите на НАТО со цел нашата земја побргу да се вклопи во Алијансата.

Началникот на Вооружените сили на Холандија се наоѓа во тридневна посета на Северна Македонија која како што соопшти амбасадата на Холандија претставува и одбележување на членството на Република Северна Македонија во НАТО.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail