Министерката Шекеринска на средби во Министерството за одбрана на Австрија

Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска денеска беше во официјална посета на Австрија при што се сретна и разговараше со највисоките претставници на Федералното министерство за одбрана.

Домаќин на посетата беше генералниот секретар на Федералното министерство за одбрана, Волфганг Бауман.

Шекеринска се заблагодари на континуираната поддршка и соработката во одбраната и безбедноста, како и на заложбите на Австрија за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан.

Министерката Шекеринска и нејзиниот домаќин потпишаа Меморандум за соработка со кој ќе се овозможи одреден број на питомци од нашата земја да се образуваат на Академијата во Австрија.

Шекеринска искажа задоволство што наши кадети и питомци од Воената академија посетуваа настава на Терезијанската воена академија во Виена и додаде дека едукацијата на воени лидери за нас е од исклучително значење како земја која е во фаза на кадровско и инфраструктурно зајакнување и модернизирање на одбранбените капацитети.

Во рамки на посетата на Австрија министерката за одбрана ја посети и Терезијанската воена академија која е една од најстарите воени академии во светот и со која нашето Министерство за одбрана и Воената академија имаат соработка на планот на обука и едукација на воен кадар.

Шекеринска ќе одржи предавање на Националната академија за одбрана на Австрија на тема „Северна Македонија – успешна балканска сторија“ при што ќе одговара на прашања на присутните во врска со актуелните политики и состојби во земјава.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail