Шекеринска во Неготино: Новиот пат Криволак -Пепелиште значи подобра инфраструктура за Армијата и подобри услови за локалното население

„Членството во НАТО значи повисоки стандарди во секој дел од работата на Армијата и одбраната. Денеска сме тука да видиме како функционира типичен успешен проект на воен-цивилна соработка“, изјави министерката Радмила Шекеринска која денеска заедно со градоначалникот на Неготино Тони Делков извршија увид во изградбата на патот помеѓу селото и полигонот Криволак и Пепелиште.

„Минатата година најавивме дека со средства на Министерството за одбрана ќе обезбедиме пари за општината Неготино да може да инвестира во подобра патна инфраструктура која ќе го поврзе и полигонот „Криволак“ со селото Криволак, но и селото Криволак со Пепелиште. Знам дека многумина во овие населени места не веруваа дека од зборови ќе преминеме на дела, меѓутоа денеска сме тука да покажеме дека тоа што го ветивме минатата година се реализира и ќе биде готово во следните неколку месеци“, рече министерката.

Министерката Шекеринска посочи дека овој пат ја подобрува инфраструктурата за Армијата, но пред се е шанса за граѓаните во околните населени места да живет во подобри услови и да бидат подобро поврзани. Додаде дека токму членството во НАТО значи повисоки стандарди во секој дел од работата, вклучувајќи ја и цивилно – воената соработка.

Ние сметаме на развој на капацитетите на Криволак, рече министерката, и додаде дека секој пат кога ќе се организира настан како минатогодишната голема воена вежба во Криволак, ќе се мисли и за локалното население, и за локалната заедница и за локалната инфраструктура. Развојот на армискиот полигон Криволак како НАТО ресурс ќе биде од корист и на жителите од оваа област.

„На ваков начин на сите граѓани во Неготино и во неготинско ќе им покажеме дека нивна предност е што го имаат полигонот „Криволак“ и дека можат да сметаат на поддршката на Армијата и на поддршката коија ние ја добиваме од НАТО“, заклучи министерката.

Градоначалникот на општината Неготино, Тони Делков, посочи дека oвој пат има суштинско значење за Aрмијата со овој пат од 6 километри решаваме клучен проблем како за граѓаните, така и за Министерството за одбрана.

Регионалниот пат помеѓу селото Криволак и армискиот полигон, како и од полигонот до Пепелиште е во должина од 6 километри, а за негова изградба Министерството за одбрана минатата година издвои 34 милиони денари.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail