Шекеринска во Љубљана: Словенија со своите совети ни го покажа патот кон НАТО

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска престојува во еднодневна официјалната посета на Република Словенија каде беше пречекана со највисоки почести од страна на нејзиниот домаќин, словенечкиот министер за одбрана Матеј Тонин.

Двајцата министри имаа тет-а-тет средба која потоа продолжи со средба на двете делегации, на која стана збор за билатералната соработка во одбраната по членството на нашата земја во НАТО и регионалните иницијативи во безбедноста.

По средбите двајцата министри дадоа изјави за медиумите во кои искажаа меѓусебна поддршка и ги истакнаа плановите за идна соработка.

„Одличните односи меѓу Словенија и Северна Македонија се пренесоа и во одбраната. Договорот за 2021 веќе го потпишавме и предвидовме активности кои ветуваат динамична соработка пред се во обуки и тренинзи, вежби, но и во развивањето на нашите НАТО капацитети, што е за нас од голема важност”, рече Шекеринска.

Министерката се заблагодари на континуираната поддршка од Словенија и изрази очекување дека поддршката за почеток на преговори на нашата земја со ЕУ ќе биде еднакво гласна како што беше и за НАТО.

„За неколку денови Канцеларијата на НАТО во Скопје која долг период беше под управувачка палка и менторство на Словенија, ќе ни салутира за последен пат со порака дека мисијата е успешно завршена бидејќи Република Северна Македонија стана членка на НАТО“, истакна таа.

Шекеринска посочи дека двете земји оваа година прославуваат 30. години независност и притоа упати честитка да словенечките граѓани и до министерот Тонин по тој повод.

Словенечкиот министер за одбрана, Тонин рече дека денешната средба била успешна и дека резултирала со заклучок за заедничко одржување на борбените возила и заеднички настап во НАТО мисии.

Министерот за одбрана на Словенија ја истакна, како што рече, храброста на Владата при постигнувањето компромис со Грција и влезот во НАТО. Тој нагласи дека Северна Македонија заслужува да почне преговори со ЕУ и посочи дека словенечкото претседателство со Унијата јасно ќе го истакне тој став.

Македонската делегација во Словенија го посети и Националниот центар за кризен менаџмент при што се запозна со неговата улога и функционирање за време на криза.

Во попладневниот дел од посетатата Шекеринска ќе има средба со претседателот на Словенија Борут Пахор и со собраниската Комисија за одбрана, а ќе го посети и НАТО центарот за планинско војување.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail