Шекеринска на церемонијата на испраќање на 140 припадници Армијата на вежбата „Saber Junction 19“ во Германија: Сојузниците сметаат на вас!

Денеска во касарната „Јане Сандански“ во Штип се одржа свеченост за испраќање на 140 припадници на Армијата на една од најголемите воени вежби оваа година „Saber Junction 19“ во организација на Командата на копнените сили на САД за Европа (USAREUR), која ќе се реализира во Германија. На церемонијата присуствуваа и се обратија министерката за одбрана Радмила Шекеринска, заменик началникот на ГШ, генерал мајор, Азим Нуредин, заменичката на шефот на мисијата на САД,  Џенифер Р. Литлџон.

„140 наши војници, вие што стоите пред мене ќе заминете во Германија, како дел од вежбата “Saber Junction”, заедно со вооружените сили на САД и повеќе од 20 сојузници и партнери. Фактот дека во рамките на оваа вежба учествувате со воена опрема со вооружување и оклопни транспортери, дека во рамките на вежбата од нашата Армија доаѓа единствената единица опремена со оклопни транспортери, дака дел од нашиот контингент е и ренџерскиот вод, кој ќе се користи за извидување на големи далечини, сето ова значи дека го подигаме не само бројот, туку и квалитетот, нивото на нашето учество при вакви големи вежби организирани од страна на нашиот стратешки партнер. Тоа исто значи и дека сојузниците сево ова го имаат препознаено, го гледаат вашиот квалитет и вашите способности и сметаат на вас. На вашата професионалност и знаење вие треба да сте горди и следниот пат кога некој од вас или сите вие ќе учествувате на некоја вежба под покровителство и организација на САД или на НАТО алијансата, ќе бидете еднакви на сите. Ќе бидете дел од Армија на земја која е членка на НАТО алијансата. Тоа се случи заради вашиот напор, заради вашиот труд и заради големите и важни чекори кои што ги презеде нашата земја.“ – истакна министерката Шекеринска

Шекеринска рече дека денеска, на прагот на нашето пристапување во најмоќниот воено – политички сојуз на денешницата, НАТО – Алијансата, многу често се зборува за тоа што за нас и нашата татковина, тоа претставува.

„Придобивките се значителни, и многу широки. Нашата држава ја зацврстува својата позиција, станува глас кој е слушнат во друштвото на еднаквите, меѓутоа тоa е исто така глас во друштвото и на најмоќните, најсилните. Создаваме услови за мирот и слободата кои ги живееме денеска да бидат реалност и за поколенијата кои доаѓаат по нас, за нашите деца и за нашите внуци. Овозможуваме секој оној кој што сака да инвестира кај нас, домашен или странски инвеститор да биде сигурен дека ние сме тука за да останеме, дека иднината на нашата земја е загарантирана.“ – рече Шекеринска

Заменик началникот на Генералштабот, генерал мајор, Азим Нуреди во своето обраќање до припадниците на Армијата потенцираше дека оваа вежба „Saber Junction 19“ дава можност за размена на стекнатите знаења и искуства, како и развивање на можностите за интероперабилност и извежбување со припадниците на Армиите на останатите земји учеснички на вежбата, а согласно НАТО стандардите.

На свеченоста се обрати и заменичката на шефот на мисијата на САД,  Џенифер Р. Литлџон која изрази голема благодарност за професионалноста што припадниците на Армијата ја демонстрираа во речиси дво-децениската соработка со силите на САД.

„Сме соработувале рамо до рамо во опкружувања во кои постоеле најголеми можни предизвици, но вие во секоја прилика сте се докажувале како сигурни и постојани партнери.“ – истакна Литлџон.

Целта на вежбата е зајакнување на интероперабилноста и соработката на 173-та воздушнодесантна бригада со повеќе од 20 НАТО сојузници и земји членки партнери во извршувањето на здружени операции на копно, како и градење на меѓусебна доверба за заедничко учество во тековните и идни меѓународни здружени операции.

Обраќање на Мо Шекеринска:

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail