Шекеринска со припадниците на Армијата кои помагаат на локалното население во Брајчино: Ова е уште еден доказ дека Армијата е во служба на своите граѓани

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска денеска ги посети припадниците на Армијата кои помагаат во санирањето на последиците од невремето во реонот на Долна Преспа, селото Брајчино и околината.

„Нашата Армија не е тука само кога се работи за вонредни состојби, туку ја нуди својата поддршка и ја дава поддршката и во различни кризи, но и во справување со реални проблеми со кои што се соочуваат државните и локалните власти“, рече министерката и додаде дека токму затоа Армијата ужива најголема доверба кај граѓаните.

Министерката посочи дека ова е еден пример зошто се важни инвестициите во Армијата, која секогаш е подготвена да помогне на локалното население.

„Кога велиме ни требаат повеќе инвестиции, повеќе пари во нашата војска, во нашите војници, за нашите офицери за нивната опрема и нивните услови за работа, ова го имаме на ум. Тоа не го правиме за некој друг – тоа го правиме за себе и за нашите капацитети затоа што Армијата навистина е институција која со право ја има највисоката доверба“, порача Шекеринска.

Министерката информираше дека војниците и нивните старешини, заедно со екипи на „Национални шуми“ и на АД ЕВН, во следните петнаесетина дена ќе ги санираат последиците од невремето и ќе ја отстранат опасноста која што на овие населени места можеше да им ја причини браната создадена од скршени дрвја долж реката.

Припадниците на Армијата ги посетија и генералот Павле Арсоски, командант на Командата за операции, генералот Зоран Милески, директор на Генералштабот и градоначалникот на општината Ресен, Живко Гошаревски кој се заблагодари за поддршката која Армијата ја дава на локалното население.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail