Шекеринска: Одбранбениот буџет за 2020 година е буџет на земја – членка на НАТО, повеќе пари за опрема, повеќе пари за секој припадник на Армијата

Министерството за одбрана е предводник во реформските активности кои што беа неопходни за нашето членство во НАТО и за трансформирањето на нашата стратешка цел број еден во државен успех број еден – членството во најмоќната воено политичка Алијанса на денешнината. Одбраната во 2020 година влегува со зголемен буџет во износ од над 10 милијарди денари, што е зголемување за 22 проценти, со повеќе пари за модернизација и набавка на борбени возила, за набавка на инженериски машини, за комуникациски системи, но и повеќе средства за развој на човечките ресурси, за кои беа направени круцијални чекори напред – зголемување на платите на сите припадници на Армијата за 16 проценти, воведување на дополнителен месечен надоместок за 7.000 денари за сите воени и цивилни лица во служба на Армијата. Буџетот за 2020 година предвидува и значителни средства за реконструкција на објектите на Армијата кои долго време беа оставени на забот на времето.

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска денеска на прес-конференција детално информираше за ставките во буџетот на одбраната за следната година, за, кој, посочи, е одбранбен буџет на земја – членка на најмоќниот воено – политички сојуз на денешнината, НАТО.

„Износот на буџетите во одбраната е во нагорна линија во последните три години, а во 2020 е двојно зголемен во споредба со 2017. Ова ни покажува дека успеавме за релативно кус временски период од финансирање под еден отсто да преминеме на финансирање во 2020 со 1,4 проценти од БДП и на овој начин можеме и да ја зајакнеме Армијата, можеме да го вратиме достоинството во Армијата“, рече министерката. Шекеринска додаде дека зголемувањето од 22 проценти во однос на 2019 година е наменето за реформи во одбраната, за квалитативно и квантитативно зголемување на персоналот, за опремување на Армијата согласно стандардите на НАТО и подобрувањето на условите за работа.

Клучната промена во буџетот, подвлече министерката, е во делот на капиталните расходи, односно модернизацијата, каде за прв пат, во 2020 година се одвоени 20 проценти од одбранбениот буџет, што претставува зголемување за 56 проценти во големината на средствата наменети за нова опрема за Армијата.

„Еден повеќегодишен договор е во тек, тоа е повеќегодишниот договор за финансирање на набавката на инженерските машини од кои еден дел се веќе испорачани, вториот голем проект е набавката на борбени возила кој што е приоритет број еден според Долгорочниот план за развој на одбранбените способности, опрема за комуникациски системи и сајбер – опрема и друга приоритетна опрема предвидена во Долгорочниот план. Фокусот се декларираните единици, фокусот е модернизација на Армијата и вложување во опрема“, рече министерката.

Шекеринска истакна дека приоритет за министерството е и развојот, привлекувањето и задржувањето на кадрите во одбраната, што може да се види преку зголемувањето на платите за 16 проценти, месечниот надоместок од 7.000 денари за секој припадник на Армијата кој ги исполнува законските услови.

„Ако во 2017 година со изборот на новата Влада, професионален војник примал 20.000 денари месечна плата, само со покачувањата, тој износ беше зголемен за 16 проценти, а заедно со месечната станарина која е во износ од 7.000 денари, сега веќе месечно тој или таа ќе добиваат 30.200 денари, што е практично 50 проценти зголемување на месечниот приход“, истакна министерката. Тоа се 120.000 денари повеќе во годишниот семеен буџет, односно за повисоките чинови, при примања од 40.000 денари, тоа се 160.000 денари годишно повеќе во семејството.

Зголемување има и во делот на логистичката поддршка, зголемените школувања, обуки и вежби, но и зголемување во надоместокот кој го примаат учесниците во мировните мисии.

Значаен дел од одбранбениот буџет за 2020 година претставува и вложувањето во реконструкцијата на објектите на Армијата – објекти во кумановската касарна наменети за главниот штаб на Бригадата на Југоисточна Европа, објекти во касарната „Илинден“ во Скопје, пристапната точка за НАТО – класифицирани информации, објекти на Воената академија.

„Армијата во НАТО ќе влезе со плати покачени за 16 проценти, со дополнителни приходи на месечно ниво, со нова опрема, лична, меѓутоа и опрема од тип на механизација, со континуирано насочено внимание од државата кон секој наш војник и офицер како што заслужува“, заклучи министерката Шекеринска и додаде дека тие пари се наменети за Армијата, за доброто на сите армиски припадници, и за безбедна, сигурна и економски попросперитетна држава.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail