Шекеринска на граничкиот премин Белановце: Благодарност до Армијата за посветениот ангажман и до сојузниците од Алијансата кои ги активираат инструментите за помош

Денеска заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска беше во посета на армиските припадници стационирани на граничниот премин Белановце крај Куманово, кои се во поддршка на полицијата за обезбедување на границата. Шекеринска имаше и брифинг во Командата за операции во Куманово на кој беше заклучено дека се одвиваат успешно теренските активности на Армијата во поддршка на полицијата за обезбедување на границите, виталните објекти и карантините.

Шекеринска во изјава за медиумите упати благодарност до сите припадници на Армијата кои во овој период ги извршуваат задачите со висока професионалност и подготвеност.

„Со армиската поддршка дадовме шанса на полицијата многу повеќе да се насочи на спроведување на мерките за претпазливост и сигурност во вонредната состојба предизвикана од коронавирусот. Сакам да им се заблагодарам на нашите армиски припадници, да им честитам за големиот ангажман, најголемиот дел од нив се на смени 12 или 14 часа. Некои од нив, во Дебар и Центар Жупа се веќе повеќе од две недели одвоени од своите семејства и се фокусирани исклучиво на нивната армиска работа. Тоа покажува дека Армијата во овие вонредни околности, функционира вонредно ефикасно“, рече Шекеринска.

Министерката рече дека на вчерашниот состанок на министри за надворешни работи на НАТО е заклучено дека НАТО под раководство на еден од своите команданти ќе има бројни операции во поддршка на сојузниците. „И ние како држава веќе почнавме да го користиме инструментот за поддршка на цивилните кризи од страна на Алијансата, но очекуваме и многу зголемена соработка со армиите и со центарот на НАТО алијансата“, посочи таа и додаде дека во разговорите кои ги имала со колегите од Германија, Хрватска и Црна Гора, од страна на сите пристигнала понуда да помогнат, а од страна на министерката било кажано дека и тие може да сметаат на нас.

„Членството во НАТО ни даде шанса да ги искористиме сите овие инструменти, но ни даде шанса и заедно со други армии и одбранбени системи да обезбедиме повеќе инструмент за заштита и на здравјето и на сигурноста на нашите граѓани“, подвлече министерката Шекеринска.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail