Шекеринска на Денот на Првата пешадиска бригада: Бевте нашата претходница во НАТО

Денеска во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец беше одбележан Денот на Првата пешадиска бригада. На свеченоста присуствуваа министерката за одбрана Радмила Шекеринска, заменик-министерот Башким Хасани, началникот на Генералштабот Васко Ѓурчиновски и други високи претставници од Армијата.

Честитајќи им го Денот на единиците кои се во состав на Првата пешадиска бригада, министерката Радмила Шекеринска рече дека нивната улога во пандемијата е од круцијално значење. „Бевте во Дебар, помагавте во обезбедувањето на јавните објекти, помагавте во дезинфецирањето на јавни површини, ја обезбедувавте границата како поддршка на полицијата, бевте секаде каде што имаше потреба, и за тоа сме ви благодарни“, истакна министерката.

„Нема поголема гордост од тоа да му служиш на својот народ. Вие им дававте кураж на граѓаните. Но бевте и сте наши претставници во мисиите во Авганистан и претходно во Ирак, а денеска и во КФОР. Со вашето учество во мисиите бевте нашата претходница во НАТО“, посочи Шекеринска.

За Лесниот пешадиски баталјон кој е во составот на Првата пешадиска бригада министерката рече дека е наша членска карта во НАТО и дека стандардите што се воведуваат во неговата обука и опременост ќе важат понатаму и за целата Армија.

„Се залагавме за добро платена Армија, и заради тоа платите во Армијата постојано растеа. Се залагавме за силно мотивирана Армија, и затоа заедно се изборивме секој припадник во Армијата да добива и дополнителни надоместоци како што е надоместокот за станарина. Се залагавме и за добро опремена, обучена и ефикасна Армија и затоа за првпат имаме Армија која што има целосна униформа и целосна опрема од глави до петици а од летово и целосна спортска опрема. Успеавме да ја опремиме инженерската единица со инженериски возила и опрема. Набавуваме нови лесни оклопни возила. За да можете вие, за да може Армијата на Република Северна Македонија да покаже што знае, што може и што умее“, истакна министерката Шекеринска.

Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски на припадниците на Првата пешадиска бригада им оддаде признание за професионализмот, квалитетот и резултатите во извршување на задачите, и истакна дека граѓаните и државното раководство ги препознаваат овие резултати. Во периодот кој следува, рече тој, бригадата ја очекуваат бројни задачи, меѓу кои и продолжувањето на асистенција на МВР во справување со миграциската криза и обезбедување на јужната и дел од северната граница, како и интензивни вежби и обуки, за што изрази уверување дека како и досега ќе бидат извршени успешно.

Првата пешадиска бригада како повисока здружено тактичкa единицa во составот на Армијата на Република Северна Македонија е борбена сила која обезбедува готови сили за заштита и поддршка на националните интереси при природни катастрофи, епидемии, и други опасности внатре во земјата, а надвор од територијата на државата ги исполнува меѓународните воени обврски со учество на декларирани единици во мировните мисии.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail