Шекеринска и Османи примија донација од заштитна медицинска опрема од Бугарија – сојузничка и европска солидарност на дело

Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, заедно со вицепремиерот за европски прашања и национален координатор за странска помош во земјава, Бујар Османи денеска од бугарскиот амбасадор, Ангел Ангелов примија донација од заштитна медицинска опрема за поддршка во справувањето со КОВИД – 19, а наменета за јавното здравство како и за припадниците на Военомедицинскиот центар во Армијата на Република Северна Македонија.

На примопредавањето на донацијата, министерката Шекеринска изрази благодарност и порача дека во период кога и Бугарија се соочува со оваа голема глобална криза, покажува вистинска солидарност на две пријателски, соседни земји, сојузници во НАТО – Алијансата.

Вицепремиерот Османи посочи на значењето на меѓусебното помагање во време на глобална криза, како израз на добрососедските односи меѓу двете земји и промоција на европската солидарност на дело. Тој порача дека заштитната опрема ќе биде употребена за вистинската намена – борба против глобалната пандемија предизвикана од КОВИД – 19 и дека ваквата соработка е во насока на исполнување на заедничката цел за европска иднина на целиот регион.

Вкупната донација се состои од 600 заштитни медицински одела за повеќекратна употреба, 300 пара заштитни очила и 300 визири.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail