Министерката Шекеринска и началникот на Генералштабот Ѓурчиновски на годишна интегративна конференција помеѓу Северна Македонија и НАТО: одбраната се развива, интеграцијата во сите структури на Алијансата е во тек

DSC_9418_resizeСогласно динамиката за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО денес во Министерството за одбрана и Генералштабот преку видео – конференциска врска се одржа годишна Конференција за интеграција на Република Северна Македонија во структурите на одбраната во НАТО, на која се изврши пресек на достигнатото ниво на Министерството за одбрана и Армијата во процесот на интеграцијата во НАТО.

„Република Северна Македонија како полноправна членка на НАТО прави решителни чекори за целосна интеграција во структурите на Алијансата“ рече министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, која заедно со началникот на ГШ, генералот Васко Ѓурчиновски и неговиот заменик, генералот Азим Нуредин, учествуваше на конференцијата.

Сите процеси се во тек – информираше министерката и дополни дека стратегиските планови се донесени, планот за стабилно буџетирање на одбраната и зголемување на средствата до 2 проценти од БДП до 2024 година се реализира, исто како што во тек се и многу важните набавки на нова и модерна опрема.

„Во однос на капацитетите, по 11 години стагнација, ние започнавме сеопфатен процес на модернизација. До 2028 година, планираме да реализираме 22 проекти со кои ќе го замениме старото вооружување со нова и модерна опрема, главно насочена за Лесната пешадиска борбена група, нашиот деклариран НАТО – капацитет“, информираше министерката.

Шекеринска истакна дека Северна Македонија останува заедно со сојузниците во мисијата во Авганистан, а нашата цврста заложба за регионална безбедност и стабилност може да се види преку новата вредност на македонската контрибуција во мисијата КФОР на Косово – во моментов 44 припадници на Армијата работат во рамките на КФОР, а во 2021 година планираме таа бројка да се искачи на 180 припадници.

Од страна на генералот Ѓурчиновски пред високите претставници на Алијансата беше истакнато дека Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија интензивно и со полн капацитет спроведува активности со цел достигнување на дадените цели за целосна интеграција со НАТО, кои се одвиваат преку тековните трансформациски процеси во Армијата во сите области во надлежност на Армијата и за кои очекуваме да бидат остварени во предвидениот рок.

На конференцијата беа разгледани достигнувањата на Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија во функционалните области за интеграција (администрација, модернизација и опремување, структура на сили, едукација, тренинг вежби и оценувања, логистика, контрола на воздушниот простор и Комуникациски и информациски системи и кибер одбрана) со цел достигнување на потполна интеграција која е планирана за ноември 2021.

Конференцијата е продолжеток на процесот кој претходно го имаше работната група од министерството за одбрана и Армијата за интеграција и асоцијација во НАТО на координативни состаноци кои се одвиваа пред полноправното членство во НАТО.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail