Министерката Шекеринска синоќа во Куманово: Евроатлантскиот курс останува непроменет, немаме дилеми дека тоа ќе го потврдат и граѓаните

Членството во најмоќниот воено – политички сојуз на денешницата значи дека влегуваме во еден систем на колективна безбедност, дека каков било напад на државата, значи напад на сите останати 29 земји – членки, рече министерката за одбрана, Радмила Шекеринска на синоќешната панел дискусија во Куманово посветена на придобивките од членството на нашата држава во НАТО, како дел од НАТО – Карванот организиран од Инфо – центарот за евроатлантски интеграции.

„Освен политички знак, членството во Алијансата е и знак за позитивните економски трендови – во годината во која што ја добивме НАТО – поканата, ние имавме четири пати повеќе странски инвестиции од претходната година, односно повеќе од вкупните инвестиции во 2012, 2013 и 2014 година. НАТО – членството има и позитивна политичка, но и позитивна економска страна“, рече Шекеринска.

Министерката додаде дека “на земјава наскоро и претстојат одлуки кои ќе покажат дека граѓаните немаат дилема околу нашата евроатлантска ориентација”.

Шекеринска посочи дека реформите во одбранбениот сектор се реализираат и за членството во НАТО, но и за нашата држава, нашата Армија, нашите војници и дека наскоро ќе бидат објавени серија мерки кои значително ќе го подобрат стандардот на припадниците на Армијата и статусот на професионалните војници со навршени 45 години возраст.

После десетгодишно намалување на финансирање на одбраната, Армијата и одбранбениот сектор беа во незавидна ситуација, истакна министерката и додаде дека три години по ред овој сектор бележи зголемување на одбранбениот буџет, зголемување на платите за припадниците на Армијата за десет проценти, а од минатиот месец за дополнителни пет проценти и за војниците и за сите останати вработени во одбраната.

Шекеринска додаде и дека армискиот состав се подмладува – минатата година со 375 нови професионални војници, годинава досега со 125, а до крајот на 2019-тата уште со 125 нови војници.

Во однос на ратификацијата на пристапниот протокол, министерката рече дека во случајот со нашата држава, тој се движи исклучително брзо – досега парламентите на 25 земји – членки го завршија процесот, додека пак фактот што ратификациите од нашите соседи беа особено брзи, покажува дека Балканот се менува и дека земјите научиле од своето лошо искуство низ историјата.

На панел дискусијата учествуваше и амбасадорката на Црна Гора Марија Петровиќ која искажа поддршка на нашата земја по минатонеделните одлуки на ЕУ. “Црна Гора ја дели разочараноста со вас и очекува ЕУ да вдахне нова енергија во преговарачкиот процес со Балканот”, рече амбасадорката.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail