Шекеринска: Северна Македонија во наредните шест години ќе биде домаќин на Бригадата на Југоисточна Европа

Куманово станува седиште на една од најзначајните регионални иницијативи, Бригадата на Југоисточна Европа и во следните шест години, ова ќе биде местото каде што ќе биде лоцирана оваа Бригада како главен дел од иницијативата која што е почната пред 22 години во Скопје и во која што како држава ги учевме првите лекции за развој на заеднички одбранбени капацитети.

Тоа го истакна министерката за одбрана Радмила Шекеринска која денеска, во пресрет на вечерашната свеченост, го посети објектот во кој до 2026 година ќе биде стационирана Командата на Бригадата на Југоисточна Европа (SEEBRIG), формирана со договорот потпишан во Скопје во 1998 година.

Министерката Шекеринска порача дека 2020 година беше успешна во одбраната и даде две причини за славење – членството во НАТО и преместувањето на Командата на SEEBRIG во Куманово. Додаде дека следните шест години имаме прилика да покажеме дека можеме да бидеме функционални, одлични и многу кооперативни домаќини.

“Иако ни беше потребно повеќе време да станеме членки на Алијансата од останатите земји – учесници во SEEBRIG, ние не престанавме да соработуваме, што беше шанса побрзо да се подготвиме за членството во НАТО. Сега, кога сите членки на оваа иницијатива се и членки на НАТО, ќе можеме и во нашиот регион, меѓутоа и во рамките на НАТО да покажеме дека сме и сојузници, но пред сè сме мудри и добри соседи”, рече министерката.

Шекеринска во име на Владата изрази задоволство од брзината со која се подготвивме за овој важен проект и за условите кои беа создадени за припадниците на Командата на Бригадата кои доаѓаат од шест држави и шест Армии.

„Не сме прв пат центар на една регионална иницијатива, но за прв пат сме центар и домаќин на толку голема регионална иницијатива во која што околу 30-тина претставници на нашите соседни војски ќе работат и живеат заедно со своите семејства во следните шест години и ова е добар влог во нашата нова улога како членка на НАТО“, истакна министерката.

Бригадата на Југоисточна Европа е формирана во 1999 година, врз основа на договорот за регионална соработка на полето на одбраната познат како договор за Мултинационални мировни сили на Југоисточна Европа (ММСЈИЕ), потпишан во 1998 година во Скопје. Членки на SEEBRIG се Северна Македонија, Албанија, Бугарија, Грција, Романија и Турција. Домаќини на Командата на Бригадата досега беа Пловдив, Констанца, Истанбул и Лариса.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail